Јовески: ДНК-примероците за идентификација на жртвите заедно со одземената документација од „Беса Транс“ ќе бидат предадени на бугарските обвинители

автобуска несреќа бугарија
Автобуска несреќа во Бугарија, загинаа 46 патници од Македонија/Фото: Nikolay DOYCHINOV / AFP / Profimedia

Претставниците на Јавното обвинителство на Бугарија денеска пристигнаа во Јавното обвинителство на РСМ и во текот на утрешниот ден ќе им бидат предадени ДНК анализите од роднините на покојните, заедно со документација што е досега обезбедена, пред се одземените документи од „Беса транс“ и податоци од Министерството за транспорт и врски, информираше денеска државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

На експертизата за утврдување на идентитетот од ДНК анализата, Јовески посочи дека ќе присуствуваат и двајца претставници од Судска медицина, единствено, како што рече „со цел да се забрза постапката”.

Јовески, исто така, информираше дека во изгорениот автобус денеска е пронајдено уште едно тело на починат патник, кое што е пренесено во Институтот во Бугарија.

– Се работи за лице на помлада возраст. Во несреќата настрадале 45 патници, а седум се пренесени на лекување во софиската болница, изјави Јовески.

Прашан како четири дена по настанот е пронајдено уште едно тело, Јовески рече дека Обвинителството беше транспарентно во целиот процес и се што е преземено е соопштено на јавноста.

– Апсолутно сум уверен дека нема никаков сомнеж во пронаоѓањето на уште едно тело, затоа што од сликите што ги видовте, автобусот е многу оштетен. При соодветните вештачења во дел од автобусот е пронајдено уште едно тело. Според тоа, ја уверувам јавноста да нема никаков сомнеж во тоа и тоа ми го потврдија и бугарските обвинители и ова е неспорен факт, изјави Јовески.

Во однос на т.н. „осми патник”, Јовески рече дека сето тоа ќе се утврди во текот на истрагата што ја водат бугарските власти.

– Осмиот патник го споменува само еден од повредените патниците, додека документацијата покажува нешто друго. Во болницата на лекување се донесени седум патници, изјави Јовески.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот