Јовановиќ: Мерката „гарантирана цена“ за само неколку месеци ја спушти инфлацијата под четири отсто

Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии / Фото: „Слободен печат“

Уште еден месец „замрзнатите цени“ остануваат основен браник на граѓаните од инфлацијата. По предлог од Министерството за економија, Владата одлучи да ја продолжи мерката „гарантирана цена на прехранбените производи“ до 29 февруари. Лебот, брашното, оризот, бисквитите, наполитанките, тестенините, месото и производите од месо, млекото, јајцата, сирењето, кашкавалот и другите млечни производи ќе имаат ограничени цени и овој месец.
Професорот Бранимир Јовановиќ смета дека ова е добра одлука и дека ограничувањата треба да бидат на сила се додека инфлацијата не падне под три отсто.

– Забавувањето на инфлацијата во последниве месеци речиси целосно се должи на овие ограничувања. Во август, пред да се ограничат цените, инфлацијата беше 8,6 отсто. Откако се донесе мерката, инфлацијата за само неколку месеци падна под четири отсто. Не знам кои се мотивите на владата, може и да се чисто популистички, можеби само сакаат да го смират незадоволството пред избори, ама дури и да е така, тоа не значи дека мерката е лоша. Грешката на Владата е што доцна го донесе ова ограничување, зашто требаше порано. Но никако не може да се каже дека е грешка самото ограничување, бидејќи очигледно, има ефекти – смета Јовановиќ.

Граѓаните велат дека е добро што има ограничувања, затоа што стравуваат дека без ваква мерка цените може да се качуваат до недоглед.

– Мерката замрзнување на цените треба да продолжи и наредните месеци, бидејќи нè чекаат празници, матури. Јас сум баба на двајца матуранти и ако заштедам на храна, ќе остане и за подарок – вели скопјанка.
Нејзина сограѓанка не очекува оваа мерка драстично да помогне во заштедувањето денар повеќе. – Ако лани можев во торбичкава да ставам некој производ плус, годинава е сè потешко. Морам да признаам, бидејќи јас пазарам, откако се замрзнати цените на дел од основните прехранбени производи, барем може да се најде млеко, зејтин, шеќер по пристојна цена – вели друга скопјанка.

Таа сака да размислува позитивно.

– Јас сум жена веќе во осмата деценија. Сум видела и арно и лошо. Не е толку, црно сме виделе и полошо. Редици имаше за леб и млеко. Сега има избор колку ти душа сака. Посакувам младите да останат тука, продавниците да ни се полни. Тогаш и лебот е повкусен – додава таа.

И други граѓани што ги анкетиравме велат дека замрзнувањето на цените треба да продолжи барем до крајот на годинава.

– Економист сум и знам дека ланската инфлација беше 9,4 отсто што беше над просекот на ЕУ. Според проекциите, таа ќе се намали во 2024 година. Не смее да се дозволи повторно дивеење на цените, пазарот и трговците ќе мора да се контролираат. Се разбира дека се потребни и други мерки, како што е зголемување на производството и да се намали увозот на храна – вели тој.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) сметаат дека оваа одлука треба да продолжи и по завршувањето на февруари. И забележуваат на Владата дека „гарантирана цена на прехранбените производи“ е одлука која е донесена еднострано, без социјален дијалог, консултација и активно вклучување на ССМ како единствен репрезентативен синдикат.

Крешник Бектеши во Собрание/Фото: Скриншот

– Анализите на ССМ покажуваат дека постојат реални економски претпоставки и потребата за вакви мерка да продолжи. И покрај намалување на инфлацијата, податоците говорат дека синдикалната минимална кошница постојано расте, особено во делот на храната и пијалоците.Вредноста на синдикалната минимална кошница за јануари 2024 година изнесува 57.163 денари, споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за декември 2023 година која изнесуваше 56.522 и е зголемена за 641 денар. Со изнајмен стан од 60 квадрати за јануари таа изнесува 72.538 е зголемена за 566 денари, споредено со декември 2023 година, кога изнесуваше 71.972 денари. Во насока за заштита на егзистенцијалната положба, пред сè, на вработените со минимална плата, па дури и тие со просечна плата, треба да се прифати предлогот на ССМ за продолжување на мерката за ограничување цените на одредени производи. Исто така, во иднина ССМ да биде активно вклучен во креирањето на политиките и мерките за заштита на животниот стандард на работниците и граѓаните – велат од ССМ.

Министерот за економија Крешник Бектеши во јавноста изјави дека продолжувањето на мерката замрзнување на цените никако не е предизборен потег. Тој вели дека на ова биле принудени, затоа што сѐ уште нема законско решение за нефер трговски практики што е целосно усогласено со директивите на ЕУ, а со цел да не се дава можност за злоупотреба од страна на трговците.

– Владата го прати законското решение со европско знаме, но Собранието сѐ уште не го стави на дневен ред и затоа сме принудени да донесеме привремени мерки за замрзнати цени, односно за нивно продолжување кои сега ќе важат до крајот на февруари. По изборот на техничката влада, Собранието ќе продолжи со работа и ќе имаме можност да добиеме законско решение. Јас се надевам дека ќе биде изгласано. На седница на Владата само ја продолживме истата мерка, каде што највисоките цени на основната храна се цените од ланскиот август, минус 10 отсто. Со оваа мерка веќе ја намаливме инфлацијата – вели Бектеши.

И вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека овој собраниски состав ќе го изгласа Законот за нефер трговски практики.

Фатмир Битиќи, вицепремиер за економија / ФОТО : Слободен печат

– Верувам дека пратениците на крајот на мандатот ќе се одважат и ќе го донесат законот. Мислам дека тоа не е битно за ниту една влада, туку е важно за граѓаните. Затоа, еве, уште еден повик, наредните два месеца, кога нема да има друг притисок, зашто Владата нема да носи нови закони, пратениците да ги поминат сите други закони кои се во собраниска процедура подолго време – изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот