Набавките во јавното здравство поскапуваат, а услугите не се подобруваат
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за периодот од 2015 до 2024 година покажува дека јавните набавки во здравството бележат голем раст на вредноста, но не и подобрување на услугите за пациентите.
Препорачано
Вредноста на набавките се зголемила за два и пол пати од околу 1,26 милијарди евра во 2015 година на повеќе од 3,15 милијарди евра во 2024 година, додека бројот на пациенти и извршените здравствени услуги значително се намалил.

Според податоците, бројот на болнички случаи е помал за околу 14 проценти, а бројот на болнички денови за 24 проценти, што укажува дека зголеменото трошење не се одразува на квалитетот и достапноста на здравствените услуги.
Истражувањето открива дека дури 78 проценти од сите договори за јавни набавки се склучуваат во здравствени установи во Скопје, што покажува голема концентрација на средствата во главниот град. Дополнително, конкуренцијата на тендерите е во постојан пад, речиси половина од вредноста на договорите се склучува со само еден понудувач, што значително ги зголемува ризиците од злоупотреби и нетранспарентно трошење.

Еден од најсериозните проблеми е недостигот на стручни лица во установите што ги спроведуваат набавките. Од вкупно 110 здравствени институции, 23 воопшто немаат лице со положен испит за јавни набавки, што е спротивно на законските одредби.
Во делот на лековите за ретки болести, вредноста на набавките се зголемила повеќекратно, од 90 милиони денари на околу една милијарда денари, но ревизиите покажуваат дека не постојат доволно податоци дали терапиите навистина придонесуваат за подобрување на здравствената состојба на пациентите.
ЦГК заклучува дека, иако буџетот за здравство расте, резултатите за граѓаните не се подобруваат. Постојат сериозни системски слабости, неефикасно трошење и висок ризик од корупција.

Организацијата препорачува зголемување на транспарентноста на здравствените установи, зајакнување на стручниот кадар за јавни набавки, примена на поголема конкурентност на тендерите и воведување целосна материјално-финансиска евиденција во сите установи, за секој потрошен денар да биде отчетен и насочен кон подобри здравствени услуги за граѓаните.


