Јавните личности со единствена порака од самоизолација: Седи дома!

Македонските познати личности на социјалните мрежи споделија фотографии, видеа, објави од домашна атмосфера, а во описот доминираат хаштазите: #седисидома #stayhome.

Коронавирусот ја презеде централната фаза во животот на сите луѓе низ целиот свет. Додека смртоносниот коронавирус и понатаму се шири по целата планета, познатите личности ги охрабруваат своите илјадници обожаватели и следбеници на социјалните мрежи да останат дома и да се самоизолираат. Придржувајќи се на мерките и правилата што ги издадоа надлежните органи, македонските јавни личности во изминатите денови повикуваат да не излегувате надвор и да го следите нивниот пример за да го зачувате како вашето, така и здравјето на вашите најблиски, но и на другите граѓани.

Во такви периоди кога единствениот начин да се запре ширењето на коронавирусот е да останете дома, нашите познати личности се обидуваат да најдат начини да се забавуваат, но и да упатат силна порака.

Некои од нив најдоа забавен и корисен начин како да го поминат времето во самоизолација, со играње социјални игри, вежбање, пеење, готвење… Наоѓаат начин и како да им го подигнат расположението на своите следбеници во овие тешки денови, па објавуваат доста забавни моменти од секојдневието, духовити сегменти од својот приватен живот, а некои покажаа дека поседуваат и други досега непознати таленти. Има многу начини како да се победи здодевноста, но и стравот и паниката од смртоносниот ковид-19 додека седите дома.

Меѓутоа, сите имаат една заедничка порака: седете дома, заштитете се себеси и другите. Тие ја потенцираат важноста на социјалното дистанцирање.

Македонскиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски пред неколку денови ги одушеви фановите со кратка инструментална изведба на својот инстаграм-профил. Во описот на снимката, Стефановски ги напиша хаштазите: #седидома и #shutupandplaytheguitar, укажувајќи им на сите за важноста на самоизолацијата. Некои од одушевените обожаватели побараа од познатиот музичар секој ден да објавува по една инструменталка.

Пејачката Тамара Тодевска од самоизолација со интересен и поучен натпис им порача на сите дека седи дома за безбедноста на своите најмили, но и за сите други. Таа на својот инстаграм-профил објави фотографија на која држи натпис испишан со букви во различни бои: „#Седам дома за сите“.

И пејачката Каролина Гочева во слично издание упати силна порака од самоизолација на Инстаграм. Каролина држи лист хартија на кој пишува: „Седам дома за: тебе, себе, за сите нас“.

Фолк-дамата Блага Петреска се придружува кон препораките #Седидома, но има совет до сите што во овој период се во самоизолација. Пејачката порача – не натрупувајте храна, таа се расипува, хранете го духот.

Влатко Лозаноски сподели дел од својата песна „Не те вадам јас од памет“, каде што во еден стих се спомнува карантин: „Би те чувал јас тебе во карантин“. Пејачот во описот на видеото напиша да останете дома и стоп за ковид-19.

Меѓу многубројните јавни личности што повикуваат на важноста на седењето дома во времето на пандемијата на коронавирусот е и пејачката Викторија Лоба, која им се обрати на своите следбеници со објавата: #седам дома за сите нас.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот