Јасна Лековска, пилатес-инструктор: Штом еднаш посетите час по пилатес, тоа ќе го вежбате цел живот

Не сум поддржувач на диети, доволно сме свесни суштества да ни е јасно дека доколку барем малку ја смениме исхраната, како на пример, го исфрлиме лебот, пецивата и вештачките шеќери, и на ова додадеме трипати неделно вежбање, и тоа како ќе имаме резултати, вели пилатес-инструкторката Јасна Лековска.  

По струка е адвокатка, но животниот пат ја одвел во друга насока. Пилатес-инструкторката Јасна Лековска вели дека вежба од кога знае за себе, а практично повеќе од петнаесет години работела паралелно по две работи, едната поврзана со адвокатура, другата – држење часови по пилатес.

Фото Дарко Мораитов

– Одлуката да го напуштам правото и да се определам за пилатесот ја донесов буквално преку ноќ без грам сомнеж, зашто истата беше стопроцентно поддржана од целата моја фамилија. Оттогаш живеам за „Тринити“, често ме прашуваат како можеш цел ден да си во сала, на телефон, готвиш, присутна си на социјалните мрежи, одговараш на пораки веднаш, седум дена во неделата, како имаш време за сè? Јас ова не го чувствувам како работа, напротив, нешто е што ме полни со позитивна енергија, ме прави среќна, а фактот дека си ги гледам децата по цел ден кажува сè – вели Лековска.  ️

Фото Дарко Мораитов

Кои се особеностите на пилатесот што го прави толку посебна активност?

– Ќе кажам за мојата работа и начинот на кој јас ги држам овие часови. Барам од моите вежбачи да се присутни умствено на часот, да ме слушаат што зборувам, да ме следат како бројам. Вежбите сакам да ги изведуваат правилно, со најголема прецизност и посветеност. Не сум тип кој сили и поставува вакви и такви цели, сакам на тој што вежба да му е убаво, сакам да сака да се враќа во сала, сакам да им направам да не можат да живеат и да дишат без вежбање.

Од неодамна се формира група и за пилатес наменет за деца. Од која возраст може да се почне и што детето добива од овие вежби?

Групата за деца е наменета за дечиња од 5 до 10-12 години. Целта со децата ми е иста како и со возрасните, сакам да ги натерам да го засакаат вежбањето, а низ вежби и забава да им ја подобрам моториката, балансот, координацијата, концентрацијата, да стекнат сила, флексибилност и издржливост. Практично, преку сè ова, сакам кај децата да набилдам самодоверба до плафон.

Мајка си на две деца, колку брзо се врати во одлична форма по бременостите? Како и за колку време жената по породувањето може да ги симне наталожените килограми во текот на бременоста?

– Овој процес за мене одеше брзо, за секоја индувидуа е различно. Но практично работам и со бремени жени и жени мајки, кај сите сме имале одлични резултати. Не сакам на клиентите да им пристапувам со бројки, сакам самите тие да ми вратат со постигнатиот резултат. Ова е тоа за што живеам.

Што е повеќе делотворно во процесот на слабеење, утринско вежбање или вечерно?

– Не постојат правила, дали ќе вежбаш наутро или вечер, процесот на слабеење е поврзан со вашиот ум и мотивацијата од страна на инструкторот онаму каде што вежбате. Сите веќе знаеме што не треба да јадеме и што сè подразбираме под здрава исхрана.

Фото Ани Дими

Како личен тренер по фитнес, кој успех ти е најголем во однос на клиентите?

– Работата со сите мои вежбачи, вклучувајќи ги тука и бремени жени и децата, нивната насмевка, нивната среќа и задоволство, споделената порака од нивна страна и препорака на други клиенти да вежбаат со мене, и во „Тринити“, е најголемото достигнување за мене и школото.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот