Јасна Апостолски – Николов: И мајката позитивна на коронавирусот може да го дои своето бебе
Сите родилишта во нашата земја работат под одредени услови и протоколи за заштиа од инфекција од коронавирус. Затоа, идните мајки е потребно да ги почитуваат мерките за заштита и спокојни да се подготвуваат за породувањето.
На актуелните прашања кои ги мачи трудниците, но и мајките доилки, во периодот на коронавирусот, добиваме одговори од Јасна Апостолски – Николов, дипломирана медицинска сестра, прв сертифициран меѓународен консултант за доење во Македонија и едукаторка за психофизичка подготовка на трудници.
Препорачано
Бремените жени се сметаат за популација подложна на вирусни респираторни инфекции, дури и во однос на едноставен сезонски грип. Како делува овој страв на самата трудница, а преку неа и на бебето кое го носи, и како да се надмине стравот во полза на стабилната психофизичка подготовка за самото породување?
– Токму така, бремените жени спаѓаат во ризична група, подложна на чести инфекции, не само респираторни. Стравот и она што не чека во моментов во кој се наоѓаме може да допринесе за вознемиреност кај секој човек, особено кај бремените жени кај кои се ближи периодот на породување. Колку и да сакаме да го поттиснеме и да се насочиме да мислиме позитивно секојдневието и вестите што не опкружувааат им создаваат немир. Искуството од моите трудници од последната група за психофизичка подготовка, кои имаа термин за раѓање во перидов на епидемијата, го докажува токму ова. Ги советувам да ги почитуваат сите мерки за заштита кога излегуваат од дома, да излегуваат доколку мораат, а доколку имаат потреба од лекарски совет најпрво телефонски да го исконтактираат лекарот. Колку повеќе се штитиме нема од што да се плашиме. Стравот и вознемиреноста секако влијаат на бебето, бидејќи тоа додека е во утробата чувствува она што чувствува мајката. Затоа треба да бидат смирени и со позитивни мисли во исчекување на најубавиот момент во нивниот живот – доаѓање на свет на нивното новороденче. Сите родилишта во нашата земја работат под одредени услови и протоколи за заштиа од инфекција од коронавирус. Затоа е потребно да ги почитуваат мерките за заштита и да се подготвуваат за породувањето спокојни.

Како треба да изгледа сега, во период на домашна изолација и ограничен простор, психофизичката подготовка на една бремена жена?
– Часовите кои ги држам за психофизичка подготовка на трудници, всушност се програма која самите трудници не можат да ја спроведат дома. Меѓу сите совети и теми кои ги обработуваме најголем дел од часовите поминуваме на вежбите за дишење кои им помагаат на трудниците да ги совладаат родилните болки за време на родилниот период. Она што би можела сега како совет да им го дадам на трудниците за време на изолацијата, и додека треа епидемијата, е своето слободно време да го искористат во одмор, читање книга, подготовка за бебето, средување на оние работи кои веќе ги купиле за бебето, гледање убави филмови, убаво да се одморат, бидејќи потоа им следува период на „сладок умор” во кој, во првите 4-6 недели, ќе имаат бројни ноќи без сон. Јас им стојам на располагање на сите кои имаат дилеми или потреба од било каков совет. На Интернет страницата www.zdravobebe.mk имам напишано бројни статии кои можат да им помогнат како за периодот на бременоста, така и за доенечкиот период.
Загриженоста поврзана со можноста од зараза не завршува со раѓањето на бебето, туку продолжува за време на доењето. Има ли место за паника, има ли докази за преносливост на вирусот преку мајчиното млеко?
– Сè уште нема докази ниту за вертикална трансмисија – од мајката на бебето при породувањето, ниту е детектирано присуство на вирусот во мајчиното млеко. Мајките можат да го дојат своето бебе. Препораката е дури и мајка која е заразена со коронавирусот да продолжи со доење на бебето.
Како да се заштити новороденчето од зараза за време на доењето, земајќи предвид дека коронавирусот најлесно се шири со директен контакт. Дали е подобро доењето да биде сепак, преку шишенце?
– Доколку мајката е позитивна на коронавирусот може да го дои своето бебе притоа почитувајќи ги мерките за заштит: миење раце пред да го земе бебето, да носи заштитна маска додека го дои бебето,миење раце после доењето и редовна дезинфекција на сите површини со кои доаѓа во контакт. Асполутно нема потреба да го храни преку шишенце без разлика дали станува збор за мајчино млеко или формула доколку здравствената состојба на мајката го дозволува тоа. Доколку е во потешка здравствена состојба и не е во можност да го дои, тогаш може да се издои и мајчиното млеко да го даде некој од членовите на фамилијата. Во тој случај треба редовно да се стерилизира и дезинфицира пумпата за измолзување и шишенцата со кои доаѓа во контакт мајката пред и после употреба на истите.
Што им препорачувате на мајките кои имаат недостаток на млеко во овие вонредни стресни услови, која е најоптималната замена за мајчино млеко?
– Мојата улога како меѓународен сертифициран консултант за доење не дозволува препорака на адаптирано млеко. Мојата работа е да се утврди зошто е намалена лактацијата, како може мајката да се советува да ја зголеми лактацијата, редовно следење на бебето, а доколку се утврди дека и покрај се навистина е намалено млекото и тоа не е доволно за раст и разој на бебето се препорачува консултација со матичен педијатар.
Што велат најновите трендови од истражувањата, до која возраст е корисно да се дојат децата?
– Препораката на Светската здравствена органзиација е ексклузивно доење до шестмесечна возраст, доење со дохрана до една година и со препорака да се продолжи со доењето до две години.


