Топло е и сакате да се освежите — што му се случува на телото ако секој ден пиете газирани сокови?
Речиси 40 проценти од возрасните во САД секојдневно пијат газирани засладени пијалаци. Иако се многу популарни, нутриционистите предупредуваат дека нивната редовна консумација може негативно да влијае врз здравјето, пишува „Хелт“.
Препорачано
Еве што може да му се случи на телото ако секој ден пиете газирани сокови.
Внесувате премногу шеќер
Главниот проблем кај обичните газирани пијалаци е нивната висока содржина на шеќер. Една лименка од 355 милилитри во просек содржи околу 10 лажички додаден шеќер.
Според препораките, додадените шеќери не треба да сочинуваат повеќе од 10 проценти од дневниот калориски внес. Тоа значи дека едно газирано пијалокче речиси целосно ја исполнува препорачаната дневна граница.
Бидејќи шеќерот во газираните сокови е едноставен јаглехидрат, организмот брзо го разградува, што може да предизвика нагли скокови на нивото на шеќер во крвта.
Го зголемува ризикот од хронични болести
Редовното консумирање големи количини шеќер со текот на времето може да го зголеми ризикот од бројни заболувања.
Истражувањата покажуваат јасна поврзаност меѓу честото пиење газирани пијалаци и дијабетесот тип 2. Една студија покажала дека лицата кои пијат најмалку пет газирани пијалаци неделно имаат двојно поголем ризик од развој на дијабетес во споредба со оние кои пијат помалку од еден неделно.
Негативно влијание има и врз здравјето на срцето. Засладените пијалаци се поврзуваат со милиони нови случаи на кардиоваскуларни заболувања ширум светот секоја година.
Постојат и истражувања кои укажуваат на можна врска меѓу газираните пијалаци и одредени видови рак, како што се ракот на дојка, панкреасот и дебелото црево, иако научниците сè уште ги испитуваат овие поврзаности.
Полесно доаѓа до зголемување на телесната тежина
Редовното пиење газирани сокови е силно поврзано со дебелината и покачувањето на телесната тежина.
Една лименка содржи околу 155 калории, а некои вкусови имаат и повеќе.
Проблемот е што овие калории не создаваат чувство на ситост. За разлика од храната богата со протеини и растителни влакна, газираните сокови не го намалуваат гладот, па луѓето често внесуваат дополнителни калории преку храната.
Може да ги оштети забите
Газираниот сок е комбинација од шеќер и киселини, што не е добра вест за оралното здравје.
Редовната консумација може да доведе до оштетување на забната глеѓ, појава на кариес и нарушување на рамнотежата на бактериите во устата.
Кога се намалува бројот на корисни бактерии, а се зголемува бројот на штетни, расте ризикот од проблеми со непцата и забите.
Можно е да влијае и врз кожата
Некои истражувања укажуваат на поврзаност меѓу консумирањето засладени пијалаци и појавата на акни кај возрасните.
Покрај тоа, шеќерот може да влијае врз колагенот и еластинот – протеини кои ја одржуваат кожата цврста и еластична. Поради тоа, прекумерниот внес на шеќер потенцијално може да придонесе за побрзо стареење на кожата и појава на брчки.
Со што да ги замените?
Експертите препорачуваат постепено намалување на внесот на газирани засладени пијалаци.
Најдобар избор е водата, а добра алтернатива може да бидат и минерална или газирана вода без шеќер, вода со лимон, краставица или шумско овошје, 100 проценти природни овошни сокови во умерени количини, млеко или незасладени растителни напитоци.
Пред купување пијалак, секогаш проверете ја декларацијата и обрнете внимание на количината на додаден шеќер и калории.
Иако повременото уживање во газиран сок веројатно нема да предизвика сериозни последици, секојдневната навика може со текот на времето значително да влијае врз здравјето.
Кардиохирург предупредува на „течна смрт“ што ја пијат милијарди луѓе, а не е алкохолот


