Јани Бојаџи бара да се спречи признанието за Горјан Тозија, со навреди и обвинувања кон неодамна починатиот продуцент

Горјан Тозија / Фото: МИА

Режисерот Јани Бојаџи на својот фејсбук-профил побара од градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, да се заложи и да направи сѐ што е во негова моќ да не биде доделено признанието за исклучителен придонес во македонската кинематографија „Големата ѕвезда на македонскиот филм“, кое Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ годинава одлучи постхумно да го додели на неодамна починатиот филмски продуцент и поранешен директор на Агенцијата за филм, Горјан Тозија.

Бојаџи, кој вели дека општината финансира дел од фестивалот и затоа треба да го спречи доделувањето на признанието, во објава на Фејсбук изнесува серија навреди и обвинувања кон Тозија, но и кон раководството на фестивалот. Неговите ставови, поради автентичноста на исказот, ги пренесуваме во целост:

– Ова е „црвениот барон“ на самонаречената комуњарска филмска елита. Тозија е човекот кој ги измисли луѓето и нивните филмски продукции кои преку кабинетот на Црвенковски ги финансираа проектите Надеж 1 и Надеж 2 кои беа основата на Шарената револуција, во која тој, неговите „деца“ и нивните татковци беа ударните тупаници и главните апологети, а денес се промоторите на нивната северна република. Тозија е човекот кој создаде филмски апартхејд кога како пулен на Заев стана директор на Агенцијата за филм и лично тој отпиша речиси дваесетина проекти на нивни политички неистомисленици, да не речам Вмровци! Тозија го опструираше проектот „Македонија“ а негов пулен ја држи во бункер серијата „Црвениот поет“ посветена на Кочо Рацин. Тозија е човекот кој ги финансираше полупроектите на самонаречените продуценти и режисери кои сега од позиција на господари на ДФРМ му доделуваат награда. За тоа што тој го направи за нив тие би требало да го позлатат, ако јас се прашувам. Но, на Горјан Тозија да му се даде во рамките на „Манаки“ вакво признание најверојатно води кон тоа профашистичкото бугарофилскосеверџанско лоби на ДФРМ следната година да ја награди и Лени Рифенштал, за придонес во документарната кинематографија. Жената ја бива за тоа, нема што, докажана е! Мене за овој „частен купон“ не ми е гајле ништо, освен една работа: ова глупост е финансирана и од Општина Битола! Ако градоначалникот Тони Коњановски ова го плати и поддржи, ќе го доживеам како најголем удар врз сите нас, единствените кои се бориме против најголемото зло на комуњарската власт – дискриминација и целосно бришење на нас и нашите дела од програмите на Агенцијата за филм, започнати и утврдени токму со овој човек. И секако, пола од приложената биографија му е лажна и е една обична комуњарска пропаганда за дела кои не се нивни или во кои немаат никакво лично достигнување, од „Пред дождот“ до „Медена земја“. Повторувам, ако ова го подржи и плати Општина Битола, не знам каква сила ќе ме натера да споделувам каква и да е идеа со партијата која ветува реформи и промени. Ако ова се дозволи, ова е почетокот на крајот на било што. Реформите треба да почнат денес а промените утре. Вие, ветувате промени. Ете ви ја првата можност.

Горјан Тозија-Медо почина во јануари годинава на 68-годишна возраст. Тој беше филмски продуцент, а во кариерата ги извршуваше и функциите државен секретар во министерството за култура и советник во Kабинетот на претседателот Бранко Црвенковски.

Тозија беше и претседател на Друштвото на филмски работници (ДФРМ), а во 1993 стана директор и на државниот продуцент „Вардар филм“. Во тој период „Вардар филм“ ги сними филмовите „Пред дождот“, „Ангели на отпад“, „Преку езерото“, „Џипси меџик“, и учествува во реализацијата на два холивудски филма кои се снимаа во Македонија, „Миротворец“ и „Добредојде во Сараево“.

Во 2017 беше назначен за в.д. директор на Агенцијата за филм.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот