Извршителите не сакаат да чујат да запрат со извршувањата поради застарените рокови

Насер Зибери / фото: МИА

Собранието пред 8 месеци ги усвои измените на Законот за облигациони односи, а според Народниот правобранител во однос на застареноста немаат никаков ефект врз граѓаните. Комората на извршители се повикува на нивната ненадлежност да ја проверуваат застареноста на долговите, истакна Зибери

Извршителите го почитуваат делот на измените на Законот за облигационите односи и за извршување во однос на каматата која не смее да биде поголема од основниот долг, но не и кон застареноста на побарувањата утврдени со одлуки на судовите, реагираше Народниот правобранител Насер Зибери. За потсетување, со измените на законите, кои беа усвоени лани во јули, беше утврдено застарување на извршувањето ако во рок од пет години од правосилноста на извршната исправа не се поднесе предлог за извршување до извршител или ако има барање за извршување, а во рок од 10 години не биде извршено.

„И тука немаме проблеми, но за жал, извршителите постојано ги одбиваат барањата за запирање на постапките кон должниците како резултат на измените на законите“, потенцира Зибери.

Од увидот на изговорите на извршителите, станало јасно дека тие не се унифицирани, а причините кои ги наведувале во образложенијата се ненадлежност за постапување, но и неможноста да постапуваат оти ова прашање не е уредено со процесен закон. Должниците имаат право да поднесуваат приговори до судовите, а само мал дел судии се одлучуваат да донесат решенија со кои поради застареност ги прифаќаат приговорите. Тој ги издвои судовите во Битола и Куманово, кои ги уважуваат приговорите на должниците. Потоа следуваат жалбите од страна на извршителите до апелациските судови, кои ги одбиваат приговорите, па постапката за извршување продолжува, посочи Зибери.

-Апелациските судии ги прифаќаат жалбите на извршителите со образложение дека тие не се должни по службена должност да утврдуваат застареност на долговите, оти тоа не е уредено со закон – објасни Зибери и потсети на законските измени.

-Собранието пред 8 месеци ги усвои измените на Законот за облигациони односи, а може да заклучиме дека во однос на застареноста немаат никаков ефект врз граѓаните. Имавме средба со Комората на извршители и тие се повикаа на нивната ненадлежност да ја проверуваат застареноста на долговите. Оттука тие практично одбиваат да постапуваат, бидејќи Министерството за правда не направило измени во подзаконскиот акт и тие немале образец за постапување. Иако ни ветија дека поднеле барање за измена на подзаконските акти до Министерството за правда, веќе еден месец не ни го доставуваат. Затоа може да заклучиме дека воопшто и не го поднеле барањето – објасни Зибери и поентираше дека „апсолутно нема никакви пречки за запирање на постапката за извршување“.

Собранието не смее да биде немо, кога некој не ги почитува законите!

Собранието не смее да остане немо на ваквото непочитување од извршителите во однос на законите за кои гласале пратениците, порача Омбудсманот Зибери. Тој ја повика надлежната собраниска Комисија да организира јавна расправа на која ќше се презентираат ефектите од Законот за извршување.

-Не смее Собранието да остане настрана на ваквото очиглено кршење на законите кои ги донело. Граѓаните не смеат да бидат жртви игрите на институциите. Со децении се зборува за апсурдните ситуации кога каматите беа повисоки од основниот долг кој должниците го имаат и колку семејства влегоа во должничкиот круг од кој нема излез – потсети Зибери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот