Извршителите лани за првпат присилно наплатиле повеќе од 50 милиони евра од граѓани
Во 2025 година извршителите во Македонија присилно наплатиле 137.368.058 евра, што претставува реализација од 43,63 проценти од примените барања за наплата. Иако вкупната наплата е помала во однос на 2024 година за околу 23,3 милиони евра, податоците покажуваат раст на износот наплатен од граѓаните-должници, покажуваат податоците од анализата која ја објави „Порталб“.
Препорачано
Според извештајот за работата на извршителите, најголем дел од средствата се наплатени од компаниите – 63.466.121 евра. Од граѓаните се присилно наплатени 50.866.174 евра, што е највисок износ досега и првпат ја надминува границата од 50 милиони евра. Од државата, пак, се наплатени 24.802.218 евра.
Во споредба со 2024 година, наплатата од граѓаните е зголемена за речиси четири милиони евра, додека кај компаниите и државата има пад на наплатените средства, пишува „Порталб“.
Податоците на Комората на извршители покажуваат дека во изминатите две децении, од воведувањето на извршителскиот систем до крајот на 2025 година, присилно се наплатени вкупно 2.220.801.014 евра.
Географски, најголем дел од наплатата во 2025 година е реализиран во Скопје – речиси 70 милиони евра. Следуваат подрачјата на Основен суд Битола и Основен суд Ресен со околу 10,7 милиони евра, како и судовите во Велес, Гевгелија, Кавадарци и Неготино со околу 9,8 милиони евра.


