Судии судија судство
Илустрација: судија / Фото: Архива на „Слободен печат“

Извршителите да се вратат во судовите, комуналните сметки да ги „прескокнат“ адвокатите – никој не знае што ќе содржат измените на Законот за извршување

Лани извршителите наплатиле над 160 милиони евра од граѓаните, фирмите и другите должници, што претставува највисоко ниво од 2020 година. Според нивната статистика, дури 50 отсто од предметите за извршување биле комунални

Никој не знае што ќе содржат најавените измени на Законот за извршување, а граѓанските активисти велат дека се „прави сметка без крчмар“. Маријан Ристески од Конфедерацијата на синдикалните организации за „Слободен печат“ е дециден дека досега се одржале неколку средби на работната група, на која тие не биле поканети иако се најзасегнати. Според Ристески, КСОМ, сака и бара активно да се вклучи во подготовката на измените, за навреме да реагира а не отпосле да даваат свои коментари и сугестии, откако Предлог законот за извршување ќе се најде на ЕНЕР, како што сугерираа од Министерството за правда. Откако во мај годинава, се појави најава за нови законски измени, кои наводно треба да водат кон намалување на трошоците за извршување кои ги плаќаат граѓаните, други детали не се откриваат.

-Не сакаме „по свадба, тапани“. Бараме да учествуваме во подготовката оти најдобро ги знаеме проблемите со енормните трошоци во извршителската постапка. Секојдневно добиваме поплаки од граѓаните и нашата борба трае со години. Бараме извршителите да се вратат во судовите, а извршувањето на сите режиски трошоци да оди директно кај нив, а преку адвокатите и нотарите, со што се мултиплицираат издатоците. Затоа и инсистираме на нови законски измени со кои треба да се таргетираат адвокатите и нотарите како „карики“ во постапката за присилна наплата – порачува Ристески.

Според годишниот Извештај на Комората на извршители, лани тие наплатиле над 160 милиони евра од граѓаните, фирмите и другите должници, што претставува највисоко ниво од 2020 година, а вкупно во изминатите 19 години наплатата изнесува 2,08 милијарди евра. Според нивната статистика, дури 50 отсто од предметите за извршување биле комунални. Потоа следуваат предметите за судски паушал, односно за неплатена такса за водење на судските прекршочни постапки за предмети со сума од 1.000 до 2.000 денари, а по нив и предметите од облигациони односи меѓу граѓаните, меѓу правните лица и останатите чинители во државата, вклучително и државата каде што се јавува како доверител. Во февруари годинава, претседателката на Комората на извршители, Весна Деловска, рече дека бројот на барањата за извршување се зголемил за 10 илјади предмети откако Уставниот суд го укинал застарувањето како можност за ненаплата на долговите.

Во врска со поплаките од граѓаните дека им се наплатува неразумно многу, Деловска тогаш појасни дека сумите за извршните трошоци на извршителите не само што не се високи, бидејќи покрај главниот долг, извршителот наплатува и извршни трошоци за адвокати, нотари, проценители, геодети, катастар, централен регистар и поштенски услуги.

Инаку, лани, најголеми должници според наплатениот износ се компаниите со 84,3 милиони евра, од граѓаните присилно, преку извршители биле наплатени скоро 47 милиони евра, а од државата 31,5 милиони евра. Во средината на 2023 година беа направени измени на Законот за извршување со кои оној момент кога износот на каматата ќе го достигне главниот долг (кредитот), пресметката застанува, односно сумата за каматата не може да го надмине главниот долг. Со ова ново решение беа опфатени и постапките за извршување кои беа во тек. За измените тогаш не гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица.

Во меѓувреме Уставниот суд го укина застарувањето како можност за ненаплата на долговите, а токму временската рамка за застарување требаше да ги заштити граѓаните од злоупотреби со „чување“ предмети за кои потоа се пресметуваат енормни камати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот