Израелски суд: На жените мора да им биде дозволено да полагаат рабински тестови како и мажите
Врховниот суд на Израел пресуди дека на израелските жени мора да им биде дозволено да ги положат истите рабински тестови и испити што главниот рабинат ги применува за мажите.
Препорачано
Главниот рабинат на Израел ги тестира кандидатите во неколку области на еврејското право, објавува „Тајмс оф Израел“.
Кандидатите кои ќе положат најмалку шест вакви тестови можат да бидат назначени за локални рабини, а исто така ќе добијат и сертификат кој обезбедува значајни социјални и економски придобивки.
Овој сертификат се смета за еднаков на универзитетската диплома потребна за наставничка позиција, а во исто време е предуслов за добивање одредени работни места во јавната служба.
Во одлуката на судот не се наведува дека жените имаат право да бидат назначени за рабин, туку дека можат да ги полагаат истите тестови и да ги добијат истите сертификати како и мажите, објавува „Тајмс оф Израел“.
Во 2019 година, барањето до судот го поднесоа пет жени кои ја проучувале еврејската религиозна традиција Тора, како и организацијата за верски права ITIM, Центарот Ракман за унапредување на статусот на жените и Женскиот религиозен форум Колех.
„Ова е историски и важен момент не само за религиозните права на жените, туку и за религиозниот ционизам како целина“, рече директорот на ITIM, Сет Фарбер.
Тој додаде дека фактот што жените ја изучуваат Тората е едно од најимпресивните достигнувања во изминатите децении, кое конечно доби институционално признание од Државата Израел.


