Израел истражува дали била убиена една заложничка во Газа
Израел ги истражуваат информациите дека една од заложничките на Хамас загинала при неодамнешните операции на израелските сили во Газа.
Препорачано
Во соопштението на Хамас не се прецизира идентитетот на израелската заложничка, ниту е наведено каде и кога загинала.
– Терористичката организација Хамас вечерва објави документ во кој се наведува дека една киднапирана жена била убиена. Ги проверуваме информациите и во овој момент не сме во можност ни да ги потврдиме ни да ги отфрлиме – соопштија Израелските одбранбени сили.
Портпарол на военото крило на Хамас изјави дека уште една од израелските заложнички била ранета при нападот.
Израел тврди дека во заложништво на Хамас сѐ уште се околу 60 живи Израелци, а во Газа се и тела на десетици заложници што загинале, починале или биле убиени.
Веста за заложничката немаше никакво влијание врз израелските напади во Газа. Локални власти објавија дека во период од 48 часа во израелски воздушни напади низ целата енклава биле убиени 120 луѓе. Вкупниот број на жртви откако Израел пред 13 месеци ја почна воената интервенција против Хамас во Газа надмина 44.000 луѓе, а повеќе од 104.000 се ранети.


