Израел е прва земја во светот со стапката на вакцинација – сега светот ги гледа резултатите

Израел го надмина светот со вакцинирање на своето население против Ковид-19 и резултатите веќе пристигаат. Вестите кои доаѓаат се добри за Израел и за целиот свет. Податоците сугерираат дека пандемијата почнува да забавува во Израел, инфекциите и бројот на сериозно болни се намалуваат, особено кај оние над 60 години.

Вакцината во пракса ги отсликува резултатите од клиничките испитувања, според кои вакцината на Фајзер која доминантно се користи во Израел има ефикасност од околу 95 проценти. Според податоците на израелското Министерство за здравство, од 750.000 вакцинирани луѓе над 60 години, само 531 биле позитивни на Ковид-19 што е само 0,07 проценти.

Израел ја започна својата програма за вакцинација во декември, оттогаш, околу една третина од населението во земјата (околу 3 милиони луѓе) примиле барем една доза вакцина а скоро 1,8 милиони луѓе ја добиле и втората доза. Успехот на Израел во голема мера се должи на постојната здравствена инфраструктура, универзален дигитализиран систем што и даде на земјата готов начин за следење и комуникација со луѓето.

Несомнено дека израелската способност да реагира во итни случаи покажа дека земјата е подготвена за вакви масовни и логистички предизвици каква што е национална кампањата за вакцинација. Еврејската држава има и еден интересен пристап во вакцинацијата. Вакцините на Фајзер се спакувани во садови од кои треба да се извлечат повеќе дози.

Така, доколку ја отворите вакцината таа мора да се искористи до крај, или остатокот мора да се фрли. Затоа во Израел на крајот на денот доколку нема кој да се вакцинира, тогаш се повикуваат и луѓе од надвор, дури и од улица да бидат имунизирани. Тоа покажува дека не можете се да предвидите во кризните состојби и дека земјите треба да бидат подготвени за нужна импровизација.

Според израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху население во државата со оваа стапка може да биде целосно вакцинирано до крајот на март. Но се поставува и прашањето, каков во светската трка по вакцини, како Израел успеа да ги добие потребните дози од Фајзер. Едно од објаснувањата на израеслките власти е дека нивната држава се согласила на американската компанија да и ги одстапи сите податоци поврзани со имунизацијата, а друго неофицијално објаснување е дека Израел, сепак, наводно платил и премија за дозите на вакцините.

Уште еден важен податок кој се доби од израелската вакцинација е дека препаратите на Фајзер се добри и за варијантите на коронавирусот, што е многу важен податок пред вакцинацијата во другите држави. Израелската кампања за вакцинирање исто така покажа координиран и организиран пристап кон комуникацијата со граѓаните која ги користи лидерите од локалната заедница во тандем со синхронизирана порака од највисоките нивоа на власта со цел да се поттикне вакцинацијата и кај оние кои се двоумат.

Сепак програмата за вакцинација на Израел има и темна страна, поради исклучување на Палестинците кои живеат на Западниот брег и појасот Газа од имунизацијата. Оправдувањето на Тел Авив е дека врз основа на условите на Договорите во Осло, договорите од 90-тите години потпишани меѓу Израел и Организацијата за ослободување на Палестина, палестинските власти се одговорни за здравствената заштита на палестинските територии.

Но, групите за човекови права и здравствени установи го притиснаа Израел „да се обезбеди квалитетна вакцина за Палестинците кои живеат под израелска окупација“, тврдејќи дека ограничувањата наметнати од окупацијата ги ограничуваат можностите за откуп и дистрибуција на Палестинските власти. Палестинците примија само 10.000 дози руска вакцина Спутник V и чекаат дози преку механизмот Ковакс.

Под притисок од критичарите Израел испрати околу 2.000 дози до палестинските власти, со ветување за уште 3.000, но тоа не е доволно за 4,5 милиони Палестинци. Чудно е што еврејската држава во овој случај го пропушти фактот дека доколку на Палестинците им недостасуваат безбедни и ефективни вакцини, тоа исто така може да ги наруши напорите на Израел за постигнување имунитет на стадото, особено затоа што многу палестински работници се движат напред и назад во Израел секој ден.

Овој пример укажува и дека нерамномерната дистрибуција на вакцини на крајот ќе ја продолжи кризата со коронавирусите насекаде. Израел покажува како може да помогне брзата кампања, но различната стапка на вакцинација ќе ја пролонгира пандемијата на глобално ниво.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот