Изложбата „Скаменети потези“ на Аница Китаноска ја истражува врската помеѓу мозаикот и сликарството
Во Куќата на Уранија – МАНУ во Охрид од 1 до 15 август е поставена самостојната изложба „Скаменети потези“ на уметницата Аница Китаноска. Изложбата ја истражува врската помеѓу мозаикот и сликарството, нудејќи свеж поглед на традиционалниот медиум низ лична, телесна и чувствителна перспектива.
Препорачано
Во своите дела, Китаноска не го користи мозаикот како техника на репрезентација, туку како алатка за внатрешна анализа. „Секој камен го третирам како сведок на движење и чувство. Тоа се траги од гестови што не прикажуваат, туку повикуваат“, вели таа.
Изложбата беше свечено отворена од академик Васко Ташковски, а куратор е Стефан Александар Јовановски. Музичка поддршка на отворањето даде младата пијанистка Кристијана Илиевска.
„Овие мозаици не сакаат да ги убедат посетителите во некоја вистина. Тие отвораат простор за слободно чувствување, без инструкции. Тоа е ретка вредност денес“, вели кураторот Јовановски.

Аница Китаноска (2000, Вевчани) припаѓа на новата генерација уметници што го обновуваат мозаикот надвор од неговите традиционални рамки. По студиите во Равена, каде што се специјализира за современ мозаик, нејзините дела беа изложени во „Rijksmuseum“ во Амстердам, потоа во Франција, Скопје и Равена.
Добитничка е на Националната награда за уметност PNA (Италија, 2023). Членува во ДЛУМ и во меѓународното здружение MARTE. Ова е нејзина втора самостојна изложба во родната земја.
Изложбата „Скаменети потези“ на Аница Китаноска е отворена за посета секој ден од 9 до 13 часот и од 19 до 22 часот (недела е неработен ден), со слободен влез за сите посетители.


