Плакат за изложбата „Приказни од маргините“

Изложбата „Приказни од маргините“ на Ѓорѓе Јовановиќ е поставена во Музејот на град Скопје

Отворањето на изложбата „Приказни од маргините“ на Ѓорѓе Јовановиќ ќе се одржи на 20 ноември, во 20 часот, во Музејот на град Скопје. „Приказни од маргините“ е изложба што ги осветлува разновидните, занемарени простори на рабовите на општествената свест, преку интерактивни инсталации кои ја комбинираат визуелната и наративната форма.

Во делата на изложбата се користи краткиот расказ како преносител на гласови од и кон маргината, како инструмент кој испраќа сведоштва од оние од другата страна на границите на видливоста. Со посредство на литературата, која станува медиум за комуникација меѓу центарот и маргината, се создава мрежа на присуства меѓу оној што може да зборува и оној што (најчесто) не се слуша.

Изложбата претставува евокативни анимации кои ја доловуваат специфичноста на одредена локација и неговите жители. Секое дело функционира како подвижна слика, овозможувајќи поглед кон одредена маргина, без разлика дали е географска, културна, политичка или економска.

Делата се претставени во форма на интерактивни инсталации, цртежи во продолжение, илустрирани свитоци што посетителите ги одмотуваат активирајќи ги различните приказни и судбини на маргиналците од различни општествени сегменти. Истите стриповски се развиваат базирани на приказните од седум кратки раскази од неколкумина писатели од земјата и регионот.

Расказите „Oдбивање“ и „Одрон“ од Стефан Алијевиќ, „9:15“ од Николина Андонова Шопова, „Покана за дејт“ од Петар Андоновски, „Пловење по Дунав“ од Румена Бужаровска, „Задоцнетиот подарок“ од Георги Господинов и „Вила Тиберија“ од Теа Тулиќ пренесуваат дел од секојдневието на оние кои се невидливи, на оние што живеат во меѓупросторите на општеството, политиката и економијата.

Уметничката практика на Ѓорѓе Јовановиќ (1980) се развива низ експериментални и интердисциплинарни пристапи кои го истражуваат односот меѓу поединецот и општествените процеси на интеграција и дезинтеграција. Неговото творештво, често втемелено во специфични социјални, политички и урбани контексти, ги адресира кревките структури на современото живеење, редефинирањето на универзалните вредности и трансформациите што ги обликуваат идентитетите и колективните наративи.

Добитник е на повеќе награди и професионални признанија меѓу кои: наградата „Денес“ за млад уметник (2009); награда за видео на меѓународниот фестивал Алтернативен филм/Видео (Белград, 2009); наградата за Најдобар млад уметник на 10. Биенале на млади уметници во МСУ Скопје (2013).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот