Изложба и публикација за австрискиот писател Томас Бернхард ќе бидат претставени во Виена
Изложбата „Да ѝ се стави духовна капа на тапоглавоста“, која ќе биде отворена на 29 април 2026 во Книжевниот музеј (Literaturmuseum) во Виена, се фокусира на делото на Томас Бернхард со глобално книжевно значење.
Препорачано
Како еден од најпознатите австриски автори, Томас Бернхард до ден-денес ја поларизира публиката. Од 2023 година, неговата оставина се чува во Австриската национална библиотека. Изложбата прикажува негови ракописи, писма и фотографии од сите фази на неговиот живот, како и досега невидени артефакти.
Посебен акцент е ставен на влијанието на Бернхард врз современата меѓународна литература. Дали неговиот стил е навистина толку лесен за имитирање како што понекогаш се тврди? Изложбата го истражува нашиот однос кон природата, телото и институциите што нè обликуваат.
По овој повод 40 преведувач/к/и од светот беа поканети да одговорат прашања во врска со нивното искуство при преводот и нивното видување на делото и ликот на Бернхард.
Елизабета Линднер, како македонски глас на Томас Бернхард („Сечење шума“, 2011, и „Стари мајстори“, 2013, во издание на „Блесок“, како и „Плоштад на хероите“, 2021 за Драмски театар) е застапена со своите зборови во склоп на овој настан, кој предвидува проекција на цитати од интервјуата кои ќе бидат презентирани на изложбата и поместување на истите во целост во специјалната публикација посветена на оваа изложба.
Изложбата ќе може да се посети од 30 април 2026 до 22 февруари 2027 година во Виена.


