Излезе романот „Кротките“ од бугарскиот писател Ангел Игов

Културната установа „Блесок“ го објави романот „Кротките“ од бугарскиот писател Ангел Игов. Преводот од бугарски на македонски јазик го направи Катица Гароска Ацевска.

Во романот „Кротките“ Ангел Игов го насочува вниманието кон еден од најтрауматичните периоди во поновата историја на својата земја Бугарија: превратот од 9 септември 1944 и последователните политички репресии. Тој ја анализира патолошката трансформација на личноста која случајно се наоѓа во епицентарот на теророт и прифаќа да стане негов инструмент. Под маската на идеологијата избувнуваат комплекси, фобии и нездрави амбиции, што се преобразуваат во решавачки фактор за многу човечки судбини.

Во оригинална наративна техника се преплетува класичниот расказ и гласот на еден вид хор од набљудувачи – обични луѓе од еден софиски кварт. Туѓи на политичката демагогија, цинични спрема ветувањата за светла иднина, тие инстиктивно ја откриваат фалшивоста на новиот режим во зародиш.

Занимлив и информативен роман за времето на еуфорија и време на страв, време на верба и време на гадости, време на бес, наречено „револуционерно“, и време на подлост.

Бугарскиот писател, литературен критичар, преведувач, новинар и универзитетски професор, Ангел Игов е роден во 1981 година. Автор е на романите „Куса повест за срамот“ (2011), „Кротките“ (2015), „Фини честички прашина“ (2017), како и на две збирки раскази: „Средби на патот“ (2002) и „К“ (2006). Објавува во повеќе весници и списанија. Води радио и ТВ емисии од културата. Преведува проза и поезија од англиски јазик.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 126, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30 април – 2 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот