Фото: US Justice Department

Излезе нов документ за Епстин, Трамп наводно ѝ рекол на полицијата: „Фала богу што го запирате, сите знаеја што прави“

За Гислејн Максвел, соработничка на злогласниот педофил Џефри Епстин, Доналд Трамп наводно рекол дека е „оперативец на Епстин“ и додал дека таа е „злобна“ и дека фокусот треба да биде врз неа.

Набргу откако истрагата за Џефри Епстин стана јавна во средината на 2000-те, Доналд Трамп ја повикал полицијата во Палм Бич, Флорида, за да ѝ се заблагодари, се наведува во новообјавен документ, пренесе „Си-ен-ен“.

„Фала Богу што го запирате. Сите знаеја дека го прави ова“, наводно рекол Трамп, според документот.

Документот – писмена белешка од интервју на ФБИ што поранешен началник на полицијата на округот Палм Бич му го предал на „Мајами Хералд“ во 2019 година – веројатно ќе отвори нови прашања за тоа кога и што точно знаел Трамп за Епстин и за неговите злосторства.

Претседателот Трамп и Белата куќа повеќепати изјавиле дека Трамп ги прекинал врските со Епстин уште во раните 2000-ти, сметајќи го за „одвратен тип“.

Интервјуто, забележано во документот, наводно било со Мајкл Рајтер, чие име е редигирано. Тој бил началник на полицијата во Палм Бич во времето на повикот, кој, според весникот, се случил околу 2006 година. Според документот на ФБИ, Трамп во разговорот рекол дека луѓето во Њујорк знаеле оти Епстин е „одвратен“.

ГАЛЕРИЈА: Досега непозната и морничава приказна за Џефри Епстин, раскажана од фотограф

„Максвел е злобна, таа е опреративец на Епстин“

За Гислејн Максвел, соработничка на Епстин, Трамп наводно рекол дека е „оперативец на Епстин“ и додал дека таа е „злобна“ и дека фокусот треба да биде врз неа.

Според документот, Трамп изјавил и дека еднаш бил во друштво на Епстин кога имало тинејџери и дека „веднаш си заминал оттаму“. Во документот се наведува и дека Трамп бил меѓу „првите луѓе“ што контактирале со полицијата во Палм Бич кога станало познато дека води истрага за Епстин.

Документот е меѓу милионите објавени од Министерството за правда по нов закон усвоен од Конгресот.

Белата куќа барањето за коментар го префрли на Министерството за правда.

Претставник на Министерството за правда изјави:

„Не сме запознаени со какви било потврдувачки докази дека претседателот контактирал со органите на редот пред 20 години“.

Компанијата за приватно обезбедување на Рајтер, во одговор на барање за коментар по електронска пошта, соопшти дека „Мајкл Рајтер во моментов не учествува во интервјуа“.

„Епстин ми ги преземаше вработените“

Прашањето што и колку Доналд Трамп знаел за делата на Џефри Епстин повторно изби во преден план во неговиот втор мандат, поради обновениот јавен интерес за случајот и поради објавувањето на голем број документи поврзани со осудениот сексуален престапник. Трамп потврдува дека со Епстин бил во пријателски односи во 1990-те и дека се движеле во истите кругови во Палм Бич, но вели дека прекинал со него во раните 2000-ти, откако го избркал од клубот „Мар-а-Лаго“.

Според неговите зборови, до раздор дошло затоа што Епстин наводно се обидувал да му презема вработени, а не поради сознанија за неговите злосторства, за кои Трамп тврди дека не бил информиран.

Трамп наведе дека верува оти меѓу жените, што заминале да работат кај Епстин, била и Вирџинија Џуфре, но подоцна призна дека не е сигурен зошто тие биле регрутирани.

Во документите, Трамп наводно ја опишува Гислејн Максвел како „зла“, што се разликува од неговата порака во 2020 година по нејзиното апсење, кога ѝ посака „сè најдобро“.Максвел, која издржува долга затворска казна за трговија со луѓе, се повика на Петтиот амандман пред Конгресот, додека нејзиниот адвокат изјави дека би била подготвена да зборува доколку добие помилување. Трамп, пак, за Си-Ен-Ен изјави дека не размислувал за помилување, иако формално не ја исклучил таа можност.

ВИДЕО | Гислејн Максвел за врските со Епстин се бранеше со молчење на сослушувањето во Конгресот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот