Изградбата се коси со препораките на УНЕСКО за Охрид

Хотели Охрид/Фото: Охрид СОС

Најостро го осудуваме непочитувањето на препораките на реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО и на прекршувањето на Законот за управување со светското и природното културно наследство на Охридскиот регион, како и на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, се вели во писмената реакција од кабинетот на министерката за култура Ирена Стефоска на прашањето на „Слободен печат“ за тоа дали уривањето на објектот на ресторанот Парк на брегот на Охридското езеро за изградба на голем хотелски капацитет е во склад со препораките на УНЕСКО.  

Дополнително информираме дека до Националаната комисија за УНЕСКО, до Управата за заштита на културното наследство и до Завод и Музеј-Охрид нема пристигнато никаков допис или барање за мислење што се однесува за споменатиот објект, се вели во реакцијата на министерката Стефоска, која воедно претседава и со Националната комисија на УНЕСКО.

„Слободен печат“ се обрати до Министерството за култура со барање  да одговорат дали тие и Националната Комисија за УНЕСКО биле консултирани околу уривањето на наградуваниот архитектонски објект на ресторанот на само 50 метри од брегот на езерото и какво мислење дале, со оглед на статусот кој целиот охридски регион го има и дали изградба на голем  хотел со придружни содржини на оваа локација е во склад со препораките на УНЕСКО.

Како што веќе пишувавме, се подготвува изградба на нов хотел на самиот брег на Охридското езеро, во непосредна близина на хотел Горица и на Студенчишко блато, на што предупредија еколошки активисти од Охрид СОС. Објектот на ресторанот е во првата зона односно појасот од 50 метри од КП Охридско Езеро, каде, според Планот за управување со светското природно у културно наследство на Охридскиот Регион е забранета надградба или доградба на постоечките објекти и изградба на нови. Овој објект е дело на познатиот охридски архитект Павел Балабанов, кој за него го добива специјалното признание на Биеналето на Македонската архитектура за 1989 година дел од охридското архитектонско наследство на XX век.

И, додека охридскиот градоначалник Константин Георгиевски за случајот изјави дека целата работа е завршена и дека е доцна за реакции, од Министерство за култура со дијаметрално спротивен став.Изградбата на објект на предвидената локација е во спротивност и со препораките на Реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО кои наведуваат дека треба да се запре со секаква урбана крајбрежна трансформација.

Според Георгиевски, Од правен аспект немало ништо спорно, објектот е приватна сопственост, новата градба е во согласност со подоцна донесениот План за управување со Охридскиот регион, платени се 47 милиони денари комуналии за објектот, спорно е само поткровјето

„Во препораките на Реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО, нотирано е дека урбаната трансформација е еден од главните причинители за губење на исклучителната универзална вредност на Охридскиот регион“, се вели во одговорот од министерката за култура. Заштитата на Охридскиот регион, особено во овој момент кога на регионот му се заканува да биде впишан на листата на загрозено културно наследство на УНЕСКО, останува наш врвен приоритет.
Ние како Министерство за култура и како Национална комисија остануваме на ставот, со сопствени напори, користејќи ги максимално сите расположливи можности, а ако е потребно и со меѓународна помош и соработка, доследно да се грижиме за спроведување на препораките за да се стави крај на децениската деградација на овој регион и да овозможуваме услови за поголема заштита.

Реакција околу уривањето на наградуваниот објект на ресторанот Парк и градењето хотелски комплекс на самата плажа стаса и од Асоцијацијата на Архитекти, ААМ, во која тие повикуваат дека во случајов треба да се постапува согласно и исклучиво со законските уредби, пропишаните правила и прописи, особено во ваков период кога се соочуваме со опасност од одземање на статусот на Охрид и охридскиот регион како природно и културно наследство на УНЕСКО, односно наследство во опасност.

Ќе никне ли хотел кај дискотеката „Парк“?

„Охрид SOS“ алармира: Ќе се урива ресторан „Парк“ кој е охридско архитектонско наследство

Архитектите во одбрана на ресторанот „Парк”, бараат запирање на постапката до целосен увид во документација

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот