Издавачката куќа „Гаврош“ ја објави графичката новела „Ветерната приказна“

Илустрации од книгата „Ветерната приказна“

Излегувањето на книгата „Ветерната приказна“ од Ника Гавровска е дел проектот „Патиштата на хероите“, поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската унија. Промоцијата на книгата се одржа на 12 април во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ при Националната галерија и беше придружена од изложба на илустрациите за книгата на Наташа Андонова.

Делото „Ветерната приказна“ припаѓа на современата книжевна фантастика. Како спој од мит и сказна, таа е и книжевна адаптација на документаристичка предлошка. Верта тргнува на патување, при што ѝ се случуваат низа средби, поточно 12 луѓе што се книжевни одгледала на 12 вистински ликови од современиот живот што живеат денес и секојдневно на свој начин придонесуваат за поубав свет.

Покрај обземеноста на авторката од значајните современи егзистенцијални прашања за човековата одговорност, кон заедницата и кон природата, „Ветерната приказна“ е, сепак, четиво на универзални теми во кои се кријат заедничките желби и судбини на човештвото, како што се осаменоста, дарежливоста, љубовта и заборавот.

Токму потрагата по трајни вистини и вонвременски пораки ја прави „Ветерната приказна“ современа сказна, а илустрациите на Наташа Андонова како интегрална компонентна на авторската замисла ја преобразуваат во уникатна графичка новела за млади читатели втурнати во повеќеслоен предизвик на читање на вербалната и визуелната порака и надвор од страниците на книгата.

Промоцијата на книгата и отворањето на изложбата се одржа во „Мала станица“

Ника Гавровска (Скопје, 1987) е главен уредник на издавачката куќа „Гаврош“, книжевен преведувач и раскажувач на приказни за деца. Автор е и на сликовницата „Бел“, илустрирана од Ристо Аврамовски, илустрираната бајка „Бамбино“ во соработка со Никола Радуловиќ, и визуелниот зборовник „Збор по збор“ со Наташа Андонова.

Наташа Андонова (Скопје, 1974) е ликовна уметница, илустраторка, костимографка и сториборд артист. Автор е на илустрациите на „Страшна ноќ“ од Славко Јаневски, „Светот на кукларството“ од Љубица Велкова и „Збор по збор“ од Ника Гавровска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот