Избран е изведувач за „Козара“, реконструкцијата започнува по изборите

Улица „Козара“ во Капиштец, Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

Реконструкцијата на улицата Козара во Капиштец, која како што беше најавено требаше да се изврши до крајот на летово што помина, ќе се изведе по завршувањето на локалните избори.  Улицата моментално е во катастрофална состојба, со оштетен асфалт, со дупки и нерамнини од прекопи, со земја и песок поради тоа што таму во тек е изградба на неколку згради.

Реконструкцијата  беше најавена како дел од големата летна градежна офанзива со која до крајот на летото требаше да бидат обновени 37 улици на територијата на Центар, меѓу кои и на Елисие Поповски Марко, улица која се протега паралелно со Козара.

– За улицата Козара завршена е постапката за јавна набавка, избран е изведувач, во тек е процедурата за издавање на одобрение за градба и ќе започне со реконструкција по завршување на изборите.За Елисие Поповски Марко, започната е постапката за проектирање и истата планираме да заврши на крајот на годината со одобрен проект и извршена ревизија. Оваа улица ќе започне со реконструкција на почетокот на февруари, 2022 година – објаснуваат од Центар.

Сепак и покрај амбициозната најава за обнова на 37 улици, со летната офанзива биле опфатени 12 и тоа Орце Николов, Народен Фронт, Новопланирана 1, 166, 164, Хусеин Бајрам, Светиниколска, Драмска, Тасино Чешмиче – крак, 50-та Дивизија – крак, дел од улица 165 и крак од Васил Ѓоргов.

– На Орце Николов започнува реконструкцијата на петатафаза, односно делот кај Генералштаб и планот е со сите градежни активности да се заврши во втората половина на ноември – велат од Центар.

Сѐ уште останува нејасно зошто се планира реконструкција на Козара во услови кога истовремено се градат неколку згради од двете страни на улицата, по што задолжително ќе следат  прекопувања на улицата поради поставување приклучоци. Од Општина Центар тврдат дека нема да има потреба од повторно прекопување на улицата затоа што, како што објаснуваат на улицата ќе бидат оставен отвори (тн. изводи), на кои подоцна би се приклучиле водоводните, топлински, електрични и кабловски мрежи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот