Локални избори - Кичево: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Изборниот законик се турка „колку да се рече“

Иако првичниот рок беше со промените на изборното законодавство да се заврши во јуни 2025 година, малку е веројатно дека ќе почнат подготовките за нов изборен законик, затоа што за крупните теми, какви што се промена на изборниот модел, намалување на бројот на пратеници итн., треба да се отвора Уставот, за што, пак, во моментов нема подготвеност

Иако Изборниот законик е дел од реформската агенда и, според последните најави, треба да се донесе до јуни годинава, впечаток е дека ниту на Владата, односно Министерството за правда, ниту на пратениците – не им се брза, иако првичниот рок беше со изборното законодавство да се заврши во јуни 2025 година. Сепак, откако минатата недела пропадна првата средба на работната група за Изборниот законик, очекувањата се дека таа конечно ќе се конституира следната недела.

Неофицијално, малку е веројатно дека ќе почнат подготовките за усвојување нов изборен законик, затоа што за крупните теми, какви што се промена на изборниот модел, намалување на бројот на пратеници итн., треба да се отвора Уставот, за што, пак, во моментов нема подготвеност. Некои пратеници велат дека најверојатно ќе се најде компромис, измените на изборното законодавство, всушност, да бидат само внесувањето на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, дадени за последните парламентарни избори во 2024 година.

Според информациите, иако Министерството за правда ги превело материјалите на албански јазик, што беше забелешка на ДУИ поради која пропадна првата средба на работната група, нов состанок ќе има следната недела, бидејќи министерот Игор Филков има обврски во странство. Впечатливо е и дека нема усогласеност за тоа кој да биде носител на измените или на новиот изборен законик – Министерството или пратениците, што значи дека нема договор ни за тоа кој ќе претседава со работното тело и дали воопшто е потребно да се избере претседател.

Дел од пратениците, и од власта и од опозицијата, велат дека Министерството го води процесот за Изборниот законик и дека, ако веќе треба да има претседател на работната група, тогаш тоа треба да биде министерот Филков или, пак, тој да назначи претставник од Министерството.

– Ако пратениците ги подготвуваат измените на изборното законодавство, тогаш нема што да бараме од Министерството, процесот ќе се турка во Собранието – коментираат пратеници.

Оттука, или Филков или претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе треба да заседава со работното тело одговорно за подготовка на Законикот. Гаши неодамна самиот се понуди тој да биде претседател на работната група заради подинамична работа.
Освен препораките од ОБСЕ/ОДИХР, кои треба да бидат вградени во Изборниот законик, лидерите на партиите на неодамнешната лидерска средба начелно се договорија за изработка на потполно нов изборен законик. Речиси секоја од партиите има свои предлози за изборното законодавство. Каков и да биде, нов или само со измени, идниот изборен законик ќе треба да ги опфати предлозите за кои ќе се постигне висок политички консензус. Освен промена на изборниот модел од шест на една изборна единица, на маса ќе бидат ставени и предлози за намалување на парламентарниот состав од 120 на 90 пратеници, отворените листи, поголемото учество на дијаспората за гласањето на избори, финансирањето и рекламирањето на политичките партии, прагот за учество на независните кандидати, цензусот (минимум излезност на гласачи) при избор на претседател на државата и на градоначалници итн.

За промена на изборниот модел се залагаат помалите партии, ВМРО-ДПМНЕ е за една изборна единица, но и да се овозможи да гласа и дијаспората. Тука сопка за консензус може да биде изборниот праг. Помалите партии сметаат дека цензусот би требало да биде најмногу меѓу 2,5 и 3 отсто, а лидерот на ДУИ Али Ахмети, по лидерската средба рече дека за нив е прифатливо да има една изборна единица, но со цензус од 5 отсто. За дел партии од албанскиот политички блок, една изборна единица е неприфатлива и го нудат моделот со осум изборни единици, колку што има плански региони.

За намалување на бројот на пратениците од 120 на 90 се залагаат владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. За промена на изборниот модел и за намалување на бројот на пратеници, но и за цензусот за избор на претседател на државата и на градоначалниците, освен висок партиски консензус, потребни се уставни измени. Стравувањата се дека ако се отвори Уставот за менување на Изборниот законик, тоа ќе предизвика отворање на Пандорината кутија и дека ќе се влезе во ќор-сокак. Претпоставките се дека тоа повторно ќе ја актуализира обврската за внесување на бугарското малцинство и на други заедници во Уставот, но и барањата на ДУИ во Уставниот суд да одлучува со Бадентерово мнозинство за оние закони што се донесени со двојно мнозинство во Собранието, како и формирањето влада со Бадентер. Се бара и јасно и прецизно да се регулира финансирањето на партиите, особено на парламентарните партии.

Од партиите коментираат дека без висок политички консензус, невозможно е да се промени или да се донесе нов изборен законик, бидејќи партија што нема да се согласи со некој од предлозите, може во Собранието да го блокира целиот процес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот