Избори за Советот на Општина Тетово: Алијанса и БЕСА не сакаат заеднички листи со ВМРО-ДПМНЕ

Избори/ Фото Дојче Веле

Алијанса за Албанците (АА) и Движењето БЕСА се подготвени на вонредните избори за Советот на Општина Тетово да настапуваат самостојно, но не ја исклучуват можноста и за меѓусебна соработка. Од двете партии во изјава за „Слободен печат“ ја отфрлаат можноста за заеднички листи со опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– Отворени сме за можна коалиција само опозициски партии на Албанците. За ова одлучуваат партиските тела. Во моментот кога ќе има нешто конкретно ќе има официјална објава, изјави за „Слободен печат“ Фарук Авдиу, портпарол на Движењето БЕСА.

Од АА велат дека се подготвени сами да настапат на вонредните избори за Советот на општина Тетово, но нагласуваат дека ќе ги разгледуват и сите понуди за соработка со опозициските партии на Албанците. Од ова партија ја отфрлаат можноста за заеднички листа со опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– АА е подготвена сама да настапи на вонредните избори за Советот на Општина Тетово. Ја отфрламе можноста за заеднички настап со ВМРО-ДПМНЕ, а ќе се разгледуваат понудите на опозиционите партии на Албанците и партиските тела ќе носат одлука за можна коалиција или самостоен настап, изјави висок функционер на АА за „Слободен печат“.

Претходно, генералниот секретар на АА, Вјолц Бериша изјави дека овие вонредни избори ќе сведочат дека ДУИ ја загубила тотално политичката моќ во Полошкиот регион.

Вонредните избори за Советот на општина Тетово, Државната изборна комисија (ДИК) ги закажа за 20 август.

– Изборната кампања за изборите за Советот на општина Тетово почнува на 31 јули во 00:00 часот и трае до 18 август, информираше Борис Кондарко, член на ДИК.

Владата на 14 јуни донесе одлука за распуштање на Советот на Општина Тетово согласно член 75 од Законот за локална самоуправа, според кои општинскиот совет се распушта ако до 31 март не го изгласа Буџетот и завршната сметка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот