Иван од „Либеро бенд“ проговори за борбата со канцер: Бев во лошо исчекување
Фронтменот на „Либеро бенд“, Иван Јованов, откри дека во 2019 година се борел со канцер и дека тоа бил најтешкиот период во неговиот живот.
Препорачано
Тој беше гостин во поткастот „Вистина или лага“ на „Канал 77“, кој го води Миро Кацаров, каде отворено проговори за еден од најтешките периоди во својот живот – борбата со сериозна болест.
Во разговорот, Јованов се наврати на 2019 година, кога се соочил со неизвесност околу својата здравствена состојба.
„Аа, да, тоа беше, како да кажам… многу, многу тешка ситуација за мене и за моите родители. Бев во многу лошо исчекување, бидејќи додека се чекаат резултати за нешто такво – дали е или не е и колку е напреднато и како. Можам да кажам дека периодот на рехабилитација е секогаш најтежок“, изјави Јованов.
Тој додаде дека, како пејач, здравјето на грлото е клучно за неговата професија, а надворешните фактори значително влијаеле врз неговата состојба.
„Па види, јас работам со грлото и кога е на истото место, знаеш, има многу фактори за тоа. Јас најмногу ќе се радував ако беше усвоен законот за забрана за пушење во какви било јавни простории, ама ете, не се реши тоа, така што мислам дека тоа најмногу ми влијаеше. Така ми кажаа и докторите, бидејќи не сум пушач, не пијам алкохол (многу ретко), ниту користам други супстанци, пороци и слично“, додаде тој.


