Иван Марковски: Кина ми е најголемиот предизвик во кариерата

фото: Фејсбук

Еден од двата најквалитетни женски тима во Кина, Шандонг, го ангажира нашиот стручњак Иван Марковски како предводник од клупата. Шандонг ќе биде своевиден тест за Марковски, кој потоа можеби ќе го преземе кормилото на женската репрезентација на Кина

Македонскиот ракометен стручњак Иван Марковски неодамна доби ангажман како тренер да предводи еден од најдобрите женски тимови во Кина, Шандонг. Тоа е клуб од градот Веихаи, со популација од речиси три милиони жители. Ракометот во Кина се развива забрзано, а Марковски доби доверба да учествува во тој развој во прво време како предводник од клупата на Шандонг, а потоа постои опција да го преземе и националниот женски тим на најмногубројната земја на светот.

Марковски како тренер почна во битолски Работник, потоа мина во Франција во женскиот клуб Самбр Авенoа, па во скопски Металург. Кина му е најголем предизвик.

– Добив шанса да работам во Кина, а за мене како тренер ова е чекор напред и најголемиот предизвик во кариерата. Долги и тешки беа преговорите и на заедниичко задоволство се согласивме. Ќе го предводам Шандонг во прво време, со можност потоа да ја преземам и репрезентацијата – вели Марковски, кој објаснува каква ќе му биде задачата.

– Моја задача е да го зголемам квалитетот, да воведам нов систем, да имплементираме нови играчи. Тоа е обемна работа. Инаку, женскиот и машкиот ракомет во Кина се во голема експанзија. Многу се вложува во ракометот. Сакаат да го развиваат. Не сакаат успех преку ноќ, туку темелна работа. Тука ја гледам шансата, како еден од ретките странски тренери таму, да пробам да наметнам некој нов стил – вели Иван, кој открива детали за својот нов клуб.

– Шандонг е еден од двата најдобри женски клуба во Кина. Минатата сезона играа во финалето на таканаречените Народни игри. Тоа е најголемиот спортски настан во Кина. Нивна амбиција е на следните Народни игри да бидат прваци во таа конкуренција. Најголем конкурент им е клубот Џијангсу, доминантен последниве години. Шандонг сака да го преземе приматот. Ни се поклопија амбициите – вели Иван.

Ракометот во Кина е во експанзија…

– Квалитетит е малку послаб од европскиот, што е разбирливо. Но имаат добра „подлога“, одлични услови за работа. Нивната амбиција е да се доближат до Кореја и до Јапонија, кои се светски ракометни велесили. Да го стигнат тој квалитет што моментно го немаат – објаснува Марковски. Преговорите траеле долго време.

– Одлуката не беше едноставна. Им направив многу анализи, одговорив на многу прашања, ја анализирав нивната екипа и го објаснив мојот систем на работа. Долги беа преговорите, од 30 јануари до неодамна. Можеби пресудна беше мојата француска врска, мојот менаџер Французин, времето што работев во Франција, три години во женскиот ракомет. Се уверија дека кај мене постои квалитет што одговара на нивните амбиции – објаснува Марковски.

– Договорот со Шандонг е на шест месеци со можност на продолжување на уште две ипол години. Таму нема странци, само кинески играчи. Тие одат на развивање на својот ракомет. Мојот прв контакт беше со луѓето од кинеската федерација, па тие ме предолжија да го водам Шандонг како препорака, за да видат дали сум доволно квалитетен да ја преземам и нивната репрезентација. Но тоа ќе биде во иднина. Засега фокусот е на Шандонг. Во Кина заминувам на крајот на месецов – ни објасни нашиот интернационалец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот