Истражување открива: Поинтелигентните мажи се подобри партнери и поретко неверни
Ново истражување сугерира дека мажите со поголема интелигенција имаат поголема веројатност да останат верни на своите партнерки, благодарение на нивната способност за решавање проблеми и препознавање обрасци. Иако ова можеби не звучи романтично, анализата покажала дека најстабилните момчиња најчесто се оние кои успешно препознаваат закономерности во низа броеви и букви – покажува студијата на Универзитетот во Окленд, пишува „Индепендент“.
Препорачано
Во истражувањето биле опфатени 202 хетеросексуални мажи кои биле во врска најмалку шест месеци. Научниците утврдиле дека мажите кои имаат специфичен тип интелигенција и постигнуваат повисоки резултати на одредени когнитивни тестови водат поздрави романтични односи и покажуваат поголема посветеност кон партнерките.
Овие мажи, покажува студијата, поретко изразуваат љубомора, поретко ги навредуваат партнерките и поретко користат тактики на „задржување партнер“ — контролирачки однесувања со кои се обидуваат да ја ограничат слободата на другата страна.
Дополнително, интелигентните мажи биле помалку склони кон ризични однесувања надвор од врската, поретко пријавувале проблеми со еректилна дисфункција и покажувале помалку психопатски тенденции.
Авторите на истражувањето предупредуваат дека резултатите се умерени и не докажуваат причинско-последична врска, особено затоа што студијата не мерела неверство директно туку се потпирала на самопријавени податоци.
Слично истражување на Универзитетот во Сиднеј објавено годинава покажа дека паровите во кои мажот има висока емоционална интелигенција уживаат поголема доверба, подобро решавање конфликти и поголемо задоволство од врската.
Во време на апликации за состанување и брзи впечатоци засновани на изглед, студијата упатува на едноставна порака: интелигенцијата можеби е најсигурниот пат до стабилна, здрава и среќна врска.


