Истражување на ЛЕАД и Фондацијата „Конрад Аденауер“: Намалено задоволството од онлајн-наставата во првото полугодие

фото Миа

Подобрено е користењето на дигиталните алатки во реализирање на наставата на далечина во средните училишта во првото полугодие од 2020/2021 за разлика од трите месеци од претходната 2019/2020 откако училиштата беа затворени поради пандемијата. Таков став имаат 67 отсто анкетирани наставници во истражувањето колку е подобрена онлајн-наставата од лани, кое го спроведе Здружението „Лидери за едукација, активизам и развој-ЛЕАД” во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер”-Скопје.

Иван Јованов од ЛЕАД на онлајн-презентирање на резултатите соопшти дека за разлика од претходното истражување за трите месеци лани, во првото полугодие од оваа учебна година е забележливо намалено задоволство од далечинската настава, така што само една третина или 35,9 отсто ја оцениле како многу добра или одлична. Од анкетираните (55 проценти од средношколците  и 87 проценти од наставниците) оцениле дека далечинското учење им одзема уште повеќе време за разлика од второто полугодие лани.

Над половина од анкетираните наставници (51 отсто) одговориле дека ги подобриле вештините во онлајн-наставата во прво полугодие во однос на второто лани, но  тоа не е постигнато со обуки, туку низ самиот процес и со вежбање.

Доминантен метод за пренесување на знаењето е алатката Мајкрософт тимс, а многу помалку (9 отсто) часовите ги држеле преку националната платформа, што се должи на нејзината нецелосна функционалност. Од анкетираните наставници, 11 отсто се уште задачите ги праќаат преку СМС-порака, на мејл или вибер.

Истражувањето насловено „Далечинско учење“ покажало и дека 62 отсто од наставниците работеле од сопствена опрема (компјутер). Наставниците сметаат и дека има разлики во скратувањето на наставните програми од предмет до предмет и нејасно е на кој начин тие се скратени.

Во однос на безбедноста на далечинската настава, резултатите од анализата покажале дека 20 отсто ученици се вклучиле на настава која не била наменета за нив, 22 отсто од анкетираните  ученици кажале дека се чувствуваат небезбедно,  5 проценти биле жртви или сведоци на злоупотреба на лични податоци, на пример фотографирање што потоа се користело во приватни групи итн. Намалени се и воншколските активности во кои 66 отсто од учениците не можеле да се вклучат.

Непроменето во однос на минатата година е тоа што и во првото полугодие од оваа година ниту едно училиште не спровело суштинска и планска евалуација на далечинското учење на крајот на тримесечјето или полугодието.

ЛЕАД во препораките укажува да се воведе задолжителна евалуација во училиштата во целата држава, да се оспособи националната платформа, да се воведат дигитални алатки во работата на наставници и наставните програми.

Истражувањето на ЛЕАД во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер”-Скопје било спроведено од 25 декември 2020 до 15 јануари 2021, при што биле анкетирани 763 ученици и 390 наставници, а биле направени и 20 длабински интервјуа со наставници од осум региони.

Даниел Браун, претставник на „Конрад Аденауер” во земјава во воведното обраќање истакна дека целта не е да се критикува дека нешто не функционира, туку како да се најде начин за подобрување на онлајн-наставата зашто со проблеми, рече тој, се соочуваат сите земји во светот.

-Не постои земја целосно подготвена, ова е вонредна ситуација која претходно не сме ја ни замислувале. Компјутери и обука на наставниците се предизвици за сите земји во светот, некои се справуваат поуспешно, некои помалку успешно. На дигитализација сите мора да работиме. Не се работи за проблем само во Северна Македонија, туку тоа е предизвик за цел свет, вклучително и за Германија. Пандемијата не воведе во процес на модернизација и особено во некои области таа отвори нови перспективи, рече претставникот на „Конрад Аденауер”-Скопје

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот