Фото: Pexels

Исплатена е третата транша од унгарскиот кредит за компаниите

Најголем дел од средствата на оваа транша се наменети за финансирање на 91 проект на мали компании и 19,5 милиони евра за инвестиции во опрема

Откако министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска соопшти дека од централниот буџет е префрлена третата транша од унгарскиот кредит наменет за компаниите, од Развојната банка информираа дека веќе се исплатени средствата. Средствата во износ од 41,3 милиони евра се наменети за 175 одобрени проекти на домашните компании. Со овие средства поддржани се девет микро, 91 мали, 57 средни и 18 големи компании во државата.

– Најголем дел од средствата на оваа транша се наменети за финансирање на 91 проект на мали компании и 19,5 милиони евра за инвестиции во опрема. По структура на дејност, најголем дел од средствата од оваа транша се исплатени за поддршка на компаниите кои имаат дејност пред сé од областа на производството, во износ од 13,6 милиони евра. Структурата по вид на инвестиција од оваа транша е следнава: 45 проценти во градежи, 47 проценти во опрема, два проценти во обновливи извори на енергија и шест проценти инвестиции во транспортни средства – информираат од Развојната банка.

Со оваа транша, исплатени се вкупно 125,8 милиони евра кон деловните банки, односно половина од предвидените 250 милиони евра наменети за поддршка на стопанството преку кредитната линија за инвестиции и развој, со што се финансирани 470 проекти на домашните компании. Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, средства што ќе се инјектираат во стопанството се значаен инпут врз економскиот раст и ќе бидат чекор кон остварување на проекцијата од 3,7 проценти. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот