Ислами: За Шкендија секој меч до крајот е како финале
По нерешениот резултат против АП Брера на домашен терен, и победата на Вардар во Кратово, фудбалерите на Шкендија моментно заостануваат шест бода зад водечкиот Вардар кој во саботата славеше над АП Брера.
Препорачано
Тетовските „црвено-црните“ ако сакаат да останат во блиска трка за титулата во Првата македонска лига оваа сезона, сигурно немаат друг избор освен освојување на три бода денеска на домашен терен против Арсими, натпревар што ќе се игра од 14.30 часот.
Освен Шкупи, Арсими оваа пролет не победи ниту еден тим, но резултатите од минатите два меча против Шкендија треба да бидат предупредување за избраниците на Јетон Беќири дека нема да им биде нималку лесно.
Арсими во Тетово освои бод, а потоа на свој терен ја совлада Шкендија со убедливи 3:0, па сега шампионот ќе ја бара првата победа над овој противник во сезоната.
– Атмосферата во тимот е одлична, и покрај тоа што резултатот на последниот натпревар не беше добар за нас. Одигравме одлично, се боревме со играч помалку, и тој гол на крајот беше разочарувачки за нас. Но, во фудбалот има вакви работи. Со Силекс тогаш дадовме гол на крајот, сега примивме, но одиме понатаму. За нас секој натпревар е како финале. Сега остануваат 11 натпревари за нас, 11 финалиња и ќе се обидеме да ги освоиме сите можни бодови за да ја одбраниме шампионската титула. Поддршката од навивачите е добредојдена во вакви моменти. Ги поканувам сите навивачи да дојдат и да нè поддржат, а јас се надевам дека ќе им вратиме со победа и на крај со титула – рече фудбалерот на Шкендија, Дрилон Ислами.


