Ирена Трпеска, дизајнерка на кукли: Куклички што наликуваат на нашите дечиња

Куклите се изработени од природни материјали, а Ирена изработува и кукли што во очите и косата наликуваат на детенцето, па дури и облечени со најслична облека што му е омилена на детето, диоптерски очила, домашно милениче…   

Ирена Трпеска има благородно хоби, дизајнирање кукли од памучни конци, на кои ниедно детенце не може да им одолее. До пред шест, седум години, воопшто не знаела да плете, а научила сама од туторијали на Интернет. Прво почнала да плете капчиња, топлинки и некои ситни работи за своите деца, а по три години се почувствувала сигурна во плетењето и пробала да направи детска играчка. Почнала со мечиња, жирафи, бебешки тропалки, па дури потоа со кукли, бидејќи тие се најтешки за изработка. Вели дека тешко се наоѓаат шеми за кукли. За изработка на кукли користи памучни конци за телото и за облеката, волница и акрилни конци за косата и за некои додатоци, а полнењето е силиконско. За изработката на облеката и модните додатоци на куклите користи тул, тантела, филц, пластични и дрвени копчиња, сатенски ленти, бисери, бои за текстил…

Времето за изработка на една кукла секогаш зависи од тоа колку е комплицирана куклата, колку парчиња облека има, колку додатоци.

– Си давам повеќе време, околу пет до осум дена за изработка, за да можам убаво да ја осмислам и да ѝ се посветам на секоја изработка, бидејќи секоја моја кукла ја доживувам како мало уметничко дело, ни објаснува оваа креативка.

Изработките на Ирена се по нарачка и по желба на дечињата, па во тој поглед додатоците секогаш се во согласност со детските желби.

– Модните додатоци зависат од годишното време. Зиме куклите речиси секогаш имаат капи, шалчиња и палтенца, а во лето шеширчиња и сладоледчиња. Многу барани се и малите миленичиња, кученца и мачиња, особено од оние деца што дома имаат милениче, па истото го бараат и за својата кукла – вели Ирена.

Плетените куклички се изработени од природни материјали и се безбедни за децата, а  имаат и една голема предност што можат да бидат потполно уникатни и неповторливи.

– Во креирањето на куклите секогаш со свои предлози и идеи учествуваат и самите дечиња и родители, во врска со боите, со моделите на облеката, додатоците и слично. Можно е дури и да се изработи кукла што би наликувала на девојчето во очите и косата и со најсличен фустан што може да биде, за да зачува некој посебен момент од животот на детето – раскажува таа.

Реакциите на децата секогаш покажувале искрено воодушевување и чиста радост. За тоа сведочат безброј слики и видеа од нивната средба, кои Ирена ги добива од нивните родители и многу пораки со благодарност и поддршка.

– Без разлика дали се момчиња или девојчиња, сите деца сакаат кукли, тоа го гледам по примерот од моите деца. Се радувам што моите куклички се дел од нечие безгрижно детство, детски игри, најверни другари кои чуваат тајни, помагаат да се остават пелените или да ја пренесуваат љубовта од баба и дедо за внучето кое живее далеку и кое ретко го гледаат – завршува Ирена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот