Ирена Груевска: Возач без дозвола го уби маж ми во сообраќајка, а доби само 4 години и 6 месеци казна која ќе ја чека дома

Ирена Груевска е децидна дека треба да се даде пример за младината дека возењето во пијана состојба и поминувањето на црвено без возачка треба да се казнува соодветно, а не паушално / Фото: СП. / Приватна архива

Ирена Груевска од Скопје е незадоволна и гневна затоа што вчера, Кривичниот суд во Скопје досудил казна затвор од 4 години и 6 месеци за возачот кој го усмртил во сообраќајка нејзиниот сопруг и го пратил во домашен притвор до правосилноста на пресудата, иако дотогаш бил во затворски притвор.

Во несреќата, која се случила во близина на трговскиот центар „Лиса“ во Ново Лисиче во јануари годинава, со тешки телесни повреди се здобила и нејзината малолетна ќерка, која до ден денес доживува тешки психички трауми, оди на психијатар и има огромна грижа на совеста, затоа што таа го повикала татка си да ја земе дента кога се случила несреќата.

Зад воланот, во другото возило, се наоѓало 21-годишно момче кое немало возачка дозвола, имало 0,57 промили алкохол во крвта и поминало на семафорот на црвено светло.

Момчето се изјаснило за виновно и изразило каење, што било доволно судот да му дозволи затворската казна да ја чека дома. Груевска вели дека обвинителката ќе ја обжали таквата одлука, но дека нејзиниот живот и животот на нејзините две деца никогаш нема да биде повторно ист.

– Сакам да го изразам моето незадоволство и револт јавно, затоа што вчера судот му одреди затвор од само 4 години и 6 месеци на 21-годишниот возач кој го усмрти мојот сопруг и тешко ја повреди ќерка ми која има 16 години. Тоа што го пуштија во домашен притвор за мене е необјасниво.

Во сообраќајката сопругот почина, а ќерка ми која беше со него има тешки трауми. Ние со неа цело време сме на психолози и психијатри. Се почесто добива шокови и напади. Крајно сум револтирана од пресудата. До сега беше во притвор, а од вчера е во домашен притвор до издржувањето на казната, вели Груевска за Слободен печат.

Таа бара судот да воспостави пракса на правично казнување на сторителите на кривични дела со кои се загрозува безбедноста и животот во сообраќајот, со цел казните да бидат пропорционални. Груевска не сфаќа како може некој што поминал на црвено светло, немал возачка дозвола и признал вина, да биде третиран олеснително, кога токму тие факти, според неа, асоцираат на свесно, а не на небрежно сторување на сообраќајната несреќа.

Кога излегла од судница вчера, Груевска вели дека се почувствувала како по вторпат оштетена. Таа нагласува дека секој ден се бори со целата ситуација која комплетно му го сменила текот на животот на целото семејство, но дека пресудата создава гнев и кај неа и кај децата и ѝ отежнува.

– Ќерка ми го испуштила автобусот и се јави кај татко ѝ да ја земе. Токму тогаш се случи сообраќајката. Ќерка ми се чувствува виновна, ќе живее со таа траума до крајот на животот, дека го викнала татко ѝ и дека доживеаја несреќа на враќање. Маж ми поминал на зелено на раскрсницата, но другиот возач поминал на црвено. Ги носел, ги влечел со автомобилот 10 метри, ги дигнал дури и на тротоар.

Фала му на Господ што ќерка ми е жива. Директно удрил во вратата на сопругот и тој загина на лице место. Јавната обвинителка ќе поднесе жалба и за домашниот притвор и за затворската казна која е прениска. Јас не сум задоволна со ваква казна за смртен случај и за тешки телесни повреди кои настанаа кај ќерка ми. Имам две деца кои живеат без родител, објаснува таа.

Груевска е децидна дека треба да се даде пример за младината дека возењето во пијана состојба и поминувањето на црвено без возачка треба да се казнува соодветно, а не паушално.

– Јасно ми е дека возачот е млад, ама и моите деца се млади. Ќерка ми уште не може да си дојде на себе. Колку и да сакам да ја заштитам, нејзината психичка состојба е многу тешка. Физичките повреди се повлекуваат, ама психичките рани остануваат. Пред два дена беше во шок, не знаеше која сум, го бараше татко ѝ. Три часа и болнички преглед беа потребни да се врати во свесна состојба. Со висината на пресудата треба да се поттикнат другите да не го прават истото. Некој кога ќе помине на црвено светло треба да е свесен дека може некого да убие, вели Груевска.

Инаку, тешката сообраќајна несреќа како што информираше МВР, се случи на 25 јануари, на крстосницата од булеварот Видое Смилевски Бато, со сервисната улица на трговскиот центар „Лиса“, а во неа учествувале автомобил „рено“ управуван од дваесет и едногодишниот Т.М. од Скопје и „фолксваген поло“ управуван од сопругот на Груевска, Д.Г кој имаше 48 години.

Неговата смрт на лице место ја констатирал лекар од Итната медицинска помош. Ќерката на Груевска која била сопатничка, се здобила со тешки телесни повреди констатирани на комплексот клиники „Мајка Тереза“. Телесни повреди имал и 21-годишниот возач.

Тогаш јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатиот и за вештачење на примероците од крв и урина на возачот на другиот автомобил. Обезбедени беа и снимки од видео надзорот на местото на несреќата преку системот Сејф Сити.

Видео на денот