Иран и САД пред договор за прекин на насилствата: Пакистан се вклучува во планот за прекин на огнот
Во обид за брза деескалација, Иран и САД разгледуваат иницијатива за прекин на огнот што би можела веднаш да стапи во сила и да овозможи повторно отворање на Ормускиот Теснец, пишува Ројтерс повикувајќи се на извор запознаен со планот.
Препорачано
Како што наведува Ројтерс, Пакистан има составено рамка за прекин на непријателствата и ја размени со двете страни во текот на ноќта. Во рамката се наведува дека има двостран пристап со моментален прекин на огнот проследен со сеопфатен договор.
Сите елементи, како што рекол изворот, треба да се договорат денеска. Тој додава дека првично тоа ќе биде структурирано како меморандум за разбирање финализиран електронски преку Пакистан, единствениот комуникациски канал во разговорите изминатиот период.
Претходно американскиот портал „Аксиос“, повикувајќи се на американски, израелски и регионални извори, објави дека Америка, Иран и регионалните медијатори веќе разговараат за потенцијален 45-дневен прекин на огнот како дел од двостран договор што би можел да доведе до траен крај на војната.
Аксиос открива: САД и Иран преку посредници бараат „пауза“ од 45 дена во конфликтот
Изворот за Ројтерс изјави дека началникот на пакистанската армија, фелдмаршал Асим Мунир, бил во контакт „цела ноќ“ со потпретседателот на САД Џеј Ди Венс, специјалниот претставник Стив Виткоф и иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи.
Според предлогот, прекинот на огнот би стапил во сила веднаш, со што повторно ќе се отвори Ормускиот Теснец, а во следните 15 до 20 дена да има финализирање на поширок договор. Договорот, привремено наречен „Договор од Исламабад“, би вклучувал регионална рамка за теснецот, со последни лични разговори во Исламабад.
Од она што го наведува Ројтерс, засега нема одговор од американските и иранските претставници, а портпаролот на пакистанското Министерство за надворешни работи, Тахир Андраби, одбил да коментира.
Во меѓувреме иранските претставници изјавиле за Ројтерс дека Техеран бара траен прекин на огнот со гаранции дека нема повторно да бидат нападнати од САД и Израел. Тие велат дека Иран добил пораки од медијатори, вклучувајќи ги Пакистан, Турција и Египет.
„Се очекува конечниот договор да вклучува ирански обврски да не се стреми кон нуклеарно оружје во замена за ублажување на санкциите и ослободување на замрзнатите средства“, вели изворот за Ројтерс.
Од друга страна два пакистански извори изјавија дека Иран сè уште не се обврзал и покрај засилените цивилни и воени активности, пренесува Њузмакс.
„Иран сè уште не одговорил“, рече еден извор, додавајќи дека предлозите поддржани од Пакистан, Кина и САД за привремен прекин на огнот досега не доведоа до никакви обврски.
Трамп го одложи ултиматумот до Иран „за вторник во 20 часот по вашингтонско време“


