ИНТЕРВЈУ СО ВИСАР ВИШКА: Со добар тим и чесни луѓе сите препреки се рушат

Историјата на Гостиварскиот театар започна со премиерната изведба на претставата „Натан Мудриот“ од Готхолд Ефраим Лесинг, во режија на Сулејман Рушити. Дејството во „Натан Мудриот“ се одвива во Ерусалим и промовира хуманизам и религиозна толеранција. Во претставата се говори на албански, македонски и на турски јазик со цел и јазично да се пренесе атмосферата на мултиетничкото и мултикултурно општество на тогашниот Ерусалим, но и универзалната и безвременска вредност на хуманистичко дело на Лесинг. Актерската екипа која настапува е во состав: Висар Вишка, Ајше Усеини, Шеќерие Илјази, Дритон Лазами, Ариан Ејупи, Вјолца Бафтиу-Зилбехари, Елмир Сејфулаи, Сенад Абдули и Береда Решит. Сценографијата е на Арѓент Караи, костимите се дело на Инес Голја, изведбата на музиката во живо е од Аднан Алиу (кавал) и Драган Матески (тапани), а дизајнот на светло е на Илија Тарчуговски.

Создавањето нешто ново секогаш носи убави чувства. Радост во очите, насмевки на лицата, мала доза на збунетост кога ќе се направи нешто за што не ви се верувало дека воопшто ќе се случи. Таква атмосфера владееше на 13 декември во фоајето на Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар по премиерната изведба на првата претстава на новооснованиот Гостиварски театар. Сакајќи да посведочи за овој чин на создавање на нова историја на театарот во тој град, екипа на „Културен печат“ присуствуваше на премиерата на „Натан Мудриот“. Потоа се случи и разговорот со Висар Вишка, актер и директор на Гостиварски театар.

Како Натан Мудриот во истоимената претстава

Историски момент се случи на 13 декември 2019 година во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар. Какви се чувствата по премиерата?

– Измешани. Горд што издржав и физички и психички пред сите препреки, саботажи но, истовремено, тажен поради истите. Среќен што го постигнав тоа што ми е водилка во животот да не се споредувам со успесите на околината туку со најдоброто што сум го видел, па успеавме да ги воодушевиме сите присутни со една убава бајка, која ги измести во време и простор, тажен зошто толку време помина за моите сограѓани да ја осетат магијата на театарот…

Што сѐ требаше да се направи за Гостивар да добие театар?

– Еден некомпромитиран министер со желба да остави убава трага во својот живот. Еден негов советник, кој што како прв услов го постави тоа за да влезе во тие политички кругови, неколку ентузијасти кои ја негуваа љубовта кон театарот уште од моето рано детство и натаму… и одлична екипа околу министерот. И се разбира, целосната поддршка за оваа потреба од премиерот.

На премиерата присуствуваа актуелниот министер за култура Хусни Исмаили и претходниот Асаф Адеми. Каков беше нивниот придонес во основањето на новата национална установа?

– Со Асаф ја започнавме и ја крунисавме. Актуелниот министер ни ја даваше целосната поддршка да го заокружиме овој сон. Со добар тим и чесни луѓе сите препреки се рушат.

На првата премиера во Гостиварскиот театар присуствуваа актуелниот и поранешниот министер за култура

Отворањето на Гостиварски театар се случи со претставата „Натан Мудриот“ од Готхолд Ефраим Лесинг. Министерот Исмаили во обраќањето на сцената по премиерата нагласи дека тоа е претстава во која се зборува на три јазици (албански, македонски и турски), како што тоа е случај во животот во Гостивар. Дали тоа беше намерата со изборот токму на тој текст?

– Текстот не е на три јазици. Текстот е на германски, преведен на албански јазик. Можевме комотно да ја играме претставата на албански. Самата желба на режисерот, а и моја, беше да се собереме екипа од сите вери и нации и заеднички да створиме магија. Како и што е Гостивар. Таков и ќе биде театарот. Собир на сите интелектуалци, добродушни луѓе и уметници кои ќе шират заеднички идеи и хумани пораки. Заедничка борба против злите сили во општеството. Колку и да звучи утопистички, веќе се чувствуваат бранови на надеж кај сите гостиварци со овој театарски храм.

Во претставата ја играте улогата на Натан Мудриот. Како ги балансирате професијата актер и функцијата директор на театарот?

– Многу макотрпно беше. Почнав сам, како единствен пријавен, за два месеца успеав да отворам и затворам конкурси за вработувања, а вториот дел од денот до полноќ со проби. Со еден куп препреки, саботажи и заканувања, за кои јавноста, за жал, се запозна… Цела среќа што имав огромна поддршка од најдобриот тим околу министерот и сите вработени во министерството, па дури и по другите институции… сите спремни да помогнат за да го оствариме овој сон. Каде што тропав за нешто да се забрза им кажував дека сите ние работиме за граѓаните и мораме да си помагаме, без разлика од кое министерство, партија или нација се. Имаше огромна поддршка и од гостиварци, кои и морално и секако ме поддржаа… преживеав. Сега ме чека огромна работа со администрацијата и персоналот, кои никогаш не работеле во театар, но сите се млади, паметни и желни да успееме. Поготово после премиерата, кога видоа што можеме да создадеме.

Со какви технички и просторни капацитети располага новиот театар. Колку што може да се забележи, како и повеќе други центри за култура во државава, Центарот за култура во Гостивар има потреба од реновирање и техничко опремување. Какви планови има во тој правец?

– Ние како театар отидовме со мираз. Околу 250 илјади евра, ако не грешам. Тоа се први пари со кои Домот на културата треба да се реновира и опреми за да добие нормални услови за работа. Досега се греевме на тајфуни и нон-стоп некој завршуваше во болница на инфузија. Не знам зошто задоцнија со реновирањето, но се надеваме дека од јануари најпосле ќе почне и тоа и ќе имаме нормални работни услови, а и греење за публиката.

Првата претстава беше подготвена и изведена од актерска екипа, режисер и уметничко-техничка екипа исклучиво од Гостивар. Колкав број актери и техничка екипа се вработени во почетниот период на театарот?

– Почнавме исклучиво, тоа ни беше идејата, но поради недостиг на кадри, имаме гости од Тетово и Скопје. Актери ќе се вработат во текот на овој месец, дел од техничкиот персонал се вработени во текот на процесот, а администрацијата конечно почна неделава. Како што реков, паралелно на два фронта. До крај на годината вкупно ќе бидат 30 луѓе, од кои само 8 актери. Веднаш ќе побарам нови работни места за актери, затоа што со толкав број не можеш да правиш репертоар, поготово не на три јазици. А заинтересирани пријавени има од цела Македонија.

Претставата „Натан Мудриот“ имаше одличен прием на премиерната изведба. Колку често ќе се игра оваа претстава?

– Поради студот, а и реновирањето на домот, во Гостивар нема да игра барем до пролет. Веќе имаме покани за фестивали по Европа… ќе видиме.

За да се направи репертоар потребни се повеќе претстави. Какви се плановите за понатаму?

– Крајот на месецов, се надевам на 28 декември, веќе излегуваме со втората претстава. За в година ми се планирани четири нови претстави, на разни јазици и со различни жанрови.

Вие сте еден од ретките актери од Македонија со успешна филмска кариера во странство. Покрај сите ангажмани во театарот колку останува време и сила за учество во нови филмски или телевизиски продукции?

– За жал, јас овде воопшто не сум ангажиран во театар. Во мојата матична куќа МНТ имав една епизодна улога за сиве овие 10 години. И како актер од најниската, четврта категорија. Боите се менуваат, но суштината останува иста. Бедна. Тоа е и причината што морав да барам место под сонцето по странство. Ова сонцето не грее за сите исто.

На „Би-би-си уан“ се најавува првата епизода на „Судењето на Кристина Келер“. Каква е вашата улога во оваа високобуџетна серија?

– Една од главните улоги. За помала улога не би платиле скапа работна виза и милион перипетии за да те носат во Англија да снимаш три месеци. Имаат еден куп актери таму. Но ете, мене ме сакаа и јас сум пресреќен. Новата година за мене почнува на 29 декември, кога ќе игра првата епизода од оваа серија. Се радувам на тоа што ќе следи. Тоа што помина, поминало.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ бр. 10, во викенд-бројот на „Слободен печат“ на 21/22 декември 2019)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот