Виктор Апостоловски со синот Адам/Фото: Приватна архива

Интервју со Виктор Апостоловски, пејач: Раатот и љубовта што ми ги донесе синот Адам се бесценети

„Дефинитивно најемотивен дел во мојот живот досега беше доаѓањето на Адам на овој свет. Тој момент, таа емоција не може да се опише.“

Виктор Апостоловски, музичар и пејач, неодамна ја доживеа најубавата улога во животот, стана татко. Во разговорот за „Слободен печат“, тој ни открива како татковството му го промени животот, зборува за радоста, емоциите и промените што му ги донесе синот Адам, за љубовта со сопругата Милена, но и за инспирацијата што ја наоѓа во музиката и во секојдневниот живот.

Виктор Апостоловски со сопругата Милена и синот Адам/Фото: Приватна архива

Неодамна стана татко. Кој момент од родителството досега најсилно те допре емотивно?

– Дефинитивно најемотивен дел во мојот живот досега беше доаѓањето на Адам на овој свет. Тој момент, таа емоција не може да се опише. Буквално цел процес, маките на Милена додека беше во породилната сала, првиот звук, првиот допир, моментот кога се јавив кај моите, тоа беа безброј емоции. Веднаш потоа е неговата прва насмевка, која ме топи секојпат кога ќе ја видам.

Адам – прекрасно и библиско име за синот. Зошто се одлучивте токму за ова име, кое навистина има големо значење?

– Искрено, никогаш не мислев дека одбирањето на машко име ќе биде нешто тешко, меѓутоа, испадна дека ако сакаш да одбереш нешто убаво, кратко, моќно, со убаво значење и да се изговара исто насекаде, тогаш процесот ќе биде долг. Запишавме милион имиња, Адам беше еден од предлозите на Милена, и откако го запишавме, повеќе ништо друго не ни звучеше убаво. Звучно, моќно, кратко и јасно, со прекрасно значење и длабоки корени! Како презимето, така и името!

Колку татковството те промени како човек, а колку како уметник?

– Гледано со туѓи очи, веројатно промената е драстична. Меѓутоа, од моја гледна точка, не се работи за промена колку што станува збор за добивање нова перспектива, нови емоции и приоритети. Што значи, суштината е иста, но мотивацијата, односно целта е далеку поубава.

Кој е најубавиот, а кој најтешкиот момент од секојдневието со дете, а кој никој не ти го кажал однапред?

– Најтешкиот момент е излегувањето од дома, а најубавиот – враќањето! И насмевките. Дефинитивно нема ништо послатко од тоа.

Виктор Апостоловски со синот Адам/Фото: Приватна архива

Што е тоа што најмногу ја издвојува Милена како твој партнер и најголема поддршка низ животот?

– Сѐ! Нејзината безрезервна љубов, поддршка, разбирање, позитива, нејзината посветеност, неуморност, искреност, нејзината праведност, но и храброста да побара правда, нејзината грижа кон мене, домот, но особено како мајка итн. Бескрајна е таа тема, исто како и мојата љубов.

Дали денес успехот го мериш поинаку од времето кога победи на „Идол“ и што за тебе значи успех во музиката сега?

– Дефинитивно! Како дете сонуваш за „големи“ достигнувања! Светска слава, светски хитови, награди Греми, холивудски филмови итн. Мислиш дека тоа е тоа! Да потпишеш договор со светска компанија и да бидеш ѕвезда, тоа е успех! Меѓутоа, како што растеш и созреваш, полека сфаќаш дека сите тие „големи“ достигнувања и не се баш така како што ти изгледале. Сето тоа изгледа убаво на екраните и на социјалните медиуми, но во заднина е гнило, болно и лажно.
За мене е успех да си среќен. Да си го сакаш животот. Да си слободен и да го работиш тоа што ти сакаш да го работиш. Да си се изградиш сам и да не одговараш никому. Сам свој газда. Да си раат. Да имаш фамилија што те сака и да бидеш позитивен пример на блиските. Успех е да направиш поубав свет за идните поколенија.

Кога си изморен од настапи, обврски, снимања, што те враќа во рамнотежа?

– Насмевката на Адам и грижата на Милена. Раатот и љубовта што си ја имам дома ми се бесценети. Колку и да сум изморен, кога ќе си дојдам дома, сите коцки си се на место.

Виктор Апостоловски со синот Адам/Фото: Приватна архива

Дали песните за тебе се начин да ги разбереш сопствените чувства или да ги ослободиш од себе?

– Што би рекле во народните приказни – обете! Некогаш пишуваш за да ги извадиш чувствата, да се искажеш и да ти олесни, а некогаш пак, не ни знаеш од каде доаѓа инспирацијата. Едноставно седнуваш, свириш, пишуваш и од нигде никаде излегуваат емоциите. Можеби е нешто подлабоко, можеби се зборови што не си ги кажал во минатото, а може и да немаш поим од каде излегува сето тоа, сѐ може да биде.

Колку твоите песни се лични приказни, а колку се инспирирани од туѓи емоции и искуства?

– Па, би рекол барем 90 отсто се мои лични приказни. Дел од нив се случиле, па сум ги напишал, дел сум ги напишал па се случиле, а дел се инспирирани од емоции што сум ги почувствувал од туѓи приказни. Тоа е убавината на емпатијата, можеш да се ставиш во туѓи чевли, да ја почувствуваш нивната емоција и тежина и потоа да ја претвориш во нешто што ќе остане.

За крај… кои се идните планови врзани за музиката?

– Планови има многу. Годинава дефинитивно ќе има нови песни и спотови и тоа што е можно побрзо, не заради друго, туку едноставно беше еден емотивен период што донесе многу нови дела, што едвај чекам да ги споделам! Така што очекувајте новитети наскоро.

Виктор Апостоловски со сопругата Милена/Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот