Интервју со Весна Ивановиќ Кастаред: Да ги отфрлиме стереотипите за да го прекинеме насилството врз жените и девојчињата

Весна Ивановиќ Кастаред
Весна Ивановиќ Кастаред

Подобар свет е можен само ако во него целосно и слободно учествува и другата половина од човештвото.

На 25 ноември започнува меѓународната кампања 16 дена активизам против родово базирано насилство. По тој повод разговараме со Весна Ивановиќ Кастаред, раководителка на Канцеларијата на UN Women – Скопје.

Денеска започнува меѓународната кампања 16-дена активизам против родово базираното насилство. Кои прашања се во фокусот годинава?

– Повикот за обединување на сите чинители во активизмот против родово базираното насилство е тема на глобалната кампања, која започнува на 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, а завршува на Денот на човековите права, 10 декември. И покрај многубројните позитивни поместувања на полето на родовата еднаквост во изминатите децении, насилството врз жени и девојчиња и понатаму останува најраспространетото прекршување на човековите права. Поради тоа, нужно е да продолжи и борбата за освестување и искоренување на насилството, на сите нивоа и на сите меридијани. Што се однесува на локалната кампања, која заеднички ја реализираат агенциите на Обединетите нации во земјава, Делегацијата на Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ, оваа година таа се фокусира на дигиталното насилство. Соочени со подемот на овој тип насилство и многубројните случаи на малтретирање и вознемирување жени и девојчиња преку интернет, јасно е дека справувањето со овој феномен мора да стане составен дел од политиките и напорите за елиминација на родово базираното насилство. Сите треба да станеме посвесни за последиците врз безбедноста и здравјето на жртвите, но и да алармираме и да поттикнеме на сеопфатна акција, која ќе донесе промени кон подобро.

Дали сметате дека на нашите простори има доволно висока свест за родово базираното насилство, односно дали луѓето ги препознаваат и реагираат на различните форми на насилство врз жените?

– Ако ги земеме предвид поразителните податоци дека на светско ниво сѐ уште една од три жени е жртва на родово базирано насилство, или пак, истражувањето спроведено во нашата земја во 2019 година, според кое речиси половина од жените сметаат дека домашното насилство е приватна работа и треба да се решава во семејството, јасно е дека промените во свеста се одвиваат бавно. Последниве години, како последица од животот во пандемија и глобална економска криза, во многу делови од светот се одвиваат и регресивни процеси, и во поглед на порастот на насилство и во однос на продлабочување на системската дискриминација на жените. Факт е дека борбата за искоренување на насилничкиот однос кон жените трае долго, но не смее ни за момент да се отстапи од неа. Притоа, суштински дел од тие напори е прво да се препознае насилството, во сите негови форми. Би рекла дека кај нас, за жал, претежно се препознава само насилството што остава видливи траги – физичкото насилство, но не и, на пример, психичкото, или економското насилство, како и говорот на омраза насочен особено кон жените во политичкиот и јавниот живот. За сексуалното насилство не се зборува лесно, а тенденцијата да се обвини жртвата дека „провоцирала“ е сè уште присутна. А тоа ја отежнува и превенцијата на родово базираното насилство и справувањето со последиците од него, како и спречувањето на фемицидите, како негова најтешка форма.

Вкоренетите патријархални матрици налагаат дека жената има точно определена улога во семејството и општеството. Гледате ли излез од стереотипите што жилаво опстојуваат и покрај долгогодишната борба за родова еднаквост?

– Родовите стереотипи се длабоко вкоренети, пренесувани со генерации. Тие се насекаде, дури и во приказните со кои малите деца растат, во бојата на облеката, играчките и слично. Врежаните стереотипи влијаат потсвесно на ставовите, а и очекувањата во семејството, заедницата, се базираат на воспоставени норми за родовите улоги. Излезот ќе се појави кога сите ќе разбереме и ќе прифатиме дека придобивките од родовата еднаквост ги уживаат и жените и мажите и дека општествата во кои жените без ограничување и насилство ги практикуваат универзалните човекови права и слободи се поразвиени, побезбедни и просперитетни. За да дојдеме дотаму, мора упорно и посветено да ги разбиваме родовите стереотипи, што воопшто не е лесна задача, затоа што тие се производ на систем на доминација воспоставуван и одржуван со векови, а честопати се видени како систем на морални вредности. Податоците на Обединетите нации покажуваат дека во светот на секои 11 минути се случува фемицид. Многу девојчиња се лишени од пристап до образование или се во малолетнички бракови, кои, за жал, се случуваат и кај нас. Нееднаквото уживање на правото на сопственост на имот, отсуството на вреднување на неплатениот труд во домот итн. сето тоа произлегува од стереотипите за улогата на жените. Затоа, ако целта ни е градење подобар и одржлив свет, жените мора да се ослободат од стегите на репресијата и насилството и да се вклучат со целиот свој потенцијал во сите сфери на живеење. Подобар свет е можен само ако во него целосно и слободно учествува и другата половина од човештвото.

На што е посветена Канцеларијата на UN Women во земјава, кои се вашите клучни активности за подобрување на положбата на жената во нашето општество?

– Канцеларијата на UN Women во Скопје е посветена на промоцијата на родовата еднаквост и зајакнувањето на жените во земјата, а во таа насока спроведуваме неколку клучни иницијативи и проекти. Ние обезбедуваме експертска поддршка за Владата во процесот на исполнување на националните и меѓународни заложби поврзани со родовата еднаквост, особено во поглед на усвојувањето закони и стратегии, усогласувањето со законодавството на ЕУ и остварувањето на глобалните развојни цели. Исто така, на централните и на локалните власти им помагаме да ја вклучат родовата перспектива на сите нивоа од процесот на подготовка на политики и буџети, што значи земање предвид на специфичните потреби на жените и на мажите при распределбата на средства. Како што веќе споменавме, една од централните теми во нашето работење е превенцијата и заштитата од родово базирано насилство, преку давање поддршка на институциите и на граѓанските организации што работат на оваа проблематика, а при сето тоа важно ни е да го слушнеме и да го вклучиме гласот на граѓанското општество. И секако, во сите овие активности и проекти, во севкупната наша работа, вткаено е справувањето со родовите стереотипи, затоа што така ќе се постигнат одржливи и видливи позитивни промени во животот и на оваа, и на идните генерации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот