Верица Ковачевска, мултимедијален уметник

Интервју со Верица Ковачевска за нејзината изложба „Кога водата ќе секне“: Ние сме во постојана состојба на загуба

Во објектот Чифте амам при Националната галерија од 16 октомври до 11 ноември е поставена изложбата „Кога водата ќе секне“ на мултимедијалната авторка Верица Ковачевска, која е позната по својот ангажиран пристап во уметноста.

Авторката Верица Ковачевска (1982, Скопје / живее и работи во Цирих, Швајцарија) е мултимедијална уметница чија практика се одликува со истражувачки пристап, работа со јавен простор и активно вклучување на публиката. Нејзината изложба во Скопје опфаќа осум мултимедијални инсталации – видео, звук, просторни инсталации, цртежи и партиципативни проекти – распределени низ поединечните простории на Чифте амам. Кураторка на проектот е д-р Ана Франговска, кустос советник во Националната галерија. Со Верица Ковачевска ги откриваме подлабоките слоеви на нејзиниот уметнички ангажман.

Во објектот Чифте амам при Националната галерија е поставена Вашата изложба „Кога водата ќе секне (When Water Runs Dry)“, со која бележите 20-годишен творечки јубилеј. Изложбата има „ретроспективно-продуциран концепт“. Што тоа значи?

– Оваа изложба не е ретроспектива, бидејќи повеќето дела се нови или досега неприкажани во Скопје. Чифте амам е многу посебна локација и не сакав да му пристапам како на традиционален музејски или галериски простор. Напротив сакав да ја следам неговата историја, архитектура и карактер и да го потенцирам неговото културно значење. Преточен од турски амам за мажи и жени, и тоа еден од ретките во светот каде машкиот и женскиот дел се со иста големина, до магацин и алтернативен уметнички простор, денес тој е еден од најубавите објекти на Националната галерија на Македонија. И покрај неговата трансформација, во суштина, неговата функција останува иста – место за собир, заедништво, прочистување и исцелување.

За таа цел изложбата има прецизна нарација и концепт на движење. Публиката треба да почне од влезот, каде е поставен „Последниот лет“ во кој се наоѓаат рачно нацртани цветови – копија од тапет со потекло од Индија од стара вила во Цирих, која ја користев како студио до нејзиното рушење – па се оди лево, каде е поставена биографијата, понатаму се поминува „Преку Атлантикот“, каде светлото полека се затемнува и се застанува во „Куќата каде пораснавме“. Оттука ве пренесува раката на „Кова(цх)евска“ во „Пополнување на празнината“, проект за мастодонтскиот објект Кинески Ѕид во Сплит, кој бара голема просторија за прикажување. Тука би требало публиката да се врати назад и да оди десно од влезот во „Урбанистички план (детска верзија)“, па да помине преку „Последните пионери“ и да стигне во „Универзалниот пожар“, каде треба да се соочи со сопствената моќ на (само)уништување.

Отворање на изложбата „Кога водата ќе секне“ во Чифте амам / Фотографија: Роман Ричерс

Како дојдовте до финалната селекција на претставените осум инсталации?

– Важно беше делата да бидат поврзани и да претставуваат една целина. Исто така, сметав дека публиката треба да ги запознае моите понови дела во кои владее истражувачкиот, интимниот, партиципативниот и политичкиот карактер.

Зошто главниот фокус на изложбата е ставен на водата како централна метафора?

– Со оглед на тоа што Чифте амам долго време се користел како турски амам, водата некако органски стана централна метафора или тема. Водата е форма која постојано носи промени, неизвесност и анксиозност, од една, и уживање, прочистување и преродба, од друга страна. Таа е една од главните природни ресурси во Швајцарија, додека други земји веќе се соочуваат со нејзин недостаток или, пак, опасност од потопување.

Во Македонија, водата сѐ уште не е централна тема, иако бевме сведоци на повеќе нејзини зафати оваа година – од недостигот на вода за пиење во повеќе скопски населби, заради прекумерното градење кое ја оптовари и веќе кревката урбана инфраструктура, до загадувањето на неколку реки, кои се основни извори за вода во помалите места, како и гаснење на рекорден број пожари кои уништија огромни хектари земја, но и одземаа 63 човечки животи.

Но и покрај ова, или можеби токму заради ова, важно ми беше изложбата да даде некакво чувство на надеж. Можеби изгубивме многу, но не го изгубивме целосно чувството на одговорност, како и нашата визија за подобро утре. За таа цел, изложбата е особено отворена за деца и за првпат го прикажува проектот „Урбанистички план (детска верзија)“ каде идеите, креативноста и позитивноста на децата се во преден план.

Проектот „Урбанистички план (детска верзија)“ првпат беше изведен во Цирих

Со каква причина или мотив се одлучивте да се изразувате мултимедијално?

– Никогаш не сум работела со класична уметност, како сликарство, графика, или скулптура. Не поседувам ни особени вештини за тоа. Мојот интерес и моето образование, кое го стекнав во Велика Британија, секогаш се фокусирало на нови медиуми, како и работа со простор, публиката и општествени теми. Сметам дека е убаво кога уметноста го пресликува времето во кое е направена.

Вашите дела отвораат прашања за архитектонското наследство, урбаните трансформации, колективното сеќавање и екологијата на просторот. Што го поттикнува интересот за овие тематики и како ја финализирате идејата за конкретните дела?

– Ние сме во постојана состојба на загуба. Во последните три децении загубивме уникатни историски и културни објекти, изгледот и начинот на живеење во маалата, вредни природни ресурси, како и чувството на заедница, моралните и професионални вредности, достоинство, па и многу човечки животи. Како да се справиме со сета таа лична и колективна загуба? Дали воопшто и сме свесни за неа или едноставно станала дел од нашето секојдневие, неминовна и нормална!? Не е дека сакам да будам носталгија во делата – иако има доза на носталгија во нив – и треба да бидеме критични кон минатото, но мислам дека соочувањето со загубата е исто толку важно како процес на отпор, документација, исцелување и одвраќање нештата да (ни) се повторат.

Водата е форма која постојано носи промени, неизвесност и анксиозност, од една, и уживање, прочистување и преродба, од друга страна

На кој начин ја чувствувате одговорноста на уметникот дека треба преку своите дела да посочи на одредени аномалии во општеството?

– Огромна. Улогата на уметникот денес во една атмосфера на апатија, замор, страв и површност е многу голема. Уметникот не само што може да посочи и отвори одредени теми или да промени перспективи, може да се вклучи и во активно изнаоѓање на решенија. На пример, во оваа изложба за првпат имаме водич низ изложбата за деца. Тој е предвиден за деца на возраст од 5 до 10 години и достапен е на македонски, албански и англиски јазик. Децата може да го користат сами, како и во придружба на родители/старатели или, пак, со своето одделение и едукаторите на Националната галерија. Целта е да им се помогне на децата да се вклучат во изложбата на начин, кој е близок до нив – преку игра, бои, движење и разговор.

Сметам дека во Македонија сѐ уште нема навика да се понуди програма за деца во музеите. Секако дека има чесни исклучоци, како работилниците на колегата Доротеј Нешовски или турите на Бојана Јанева во МСУ, каде се вклучени и децата, но сметам дека музеите како јавни институции имаат одговорност да ги вклучат сите луѓе, без разлика на возраст, националност или, пак, способност. Овој водич е еден обид за тоа и притоа не бара големи ресурси.

Изложбата има прецизна нарација и концепт на движење низ објектот Чифте амам / Фотографија: Роман Ричерс

Со какви намери ја вклучувате и публиката во истражувањата и реализацијата на некои од Вашите дела?

– Публиката отсекогаш имала голема улога во моите дела – од проектот „Прошетки“ (2006-2011), каде го следеше и насочуваше моето движење низ градот преку мобилна технологија, до „Двојна реалност“ (2019), каде создадов аудио водич за луѓе со нормален вид во соработка со луѓе со оштетен вид.

За оваа изложба, како што веќе напоменав, преку проектот „Урбанистички план (детска верзија)“ соработував со деца. Тој првично е направен во Цирих во 2014 година, каде ги поканив да нацртаат предлог за Касернен-Ареал, локација за која во моментот се подготвуваше детален урбанистички план. Швајцарија е позната по партиципативното планирање, но во тој момент тој процес не вклучуваше и деца. Затоа, нивните предлози ги испратив во градот со детален текст и тој на крајот, се обиде да ги вклопи во финалниот план.

Во Скопје работев со деца на иста возраст во дворот на училиштето „Киро Глигоров“ и тие дадоа предлози како да се трансформира просторот околу училиштето. Децата, освен што открија дел од нивната фантазија, ги прикажаа и нивните желби, интереси и потреби. На пример, откривме дека во дворот на училиштето нема чешма за пиење и децата се принудени да носат шишиња од дома, или, пак, во населбата Капиштец има само две детски игралишта и покрај многубројното младо население. Интересно е што овој проект направи една мала паралела како децата го замислуваат и користат јавниот простор во Цирих и во Скопје. И покрај големите разлики тие посакуваат исто – места за игра, дружење и допир со природата.

Авторката Верица Ковачевска и кураторката Ана Франговска / Фотографија: Роман Ричерс

Живеете и работите во Цирих, а дел од вашето образование го оформивте во Плимут и во Кембриџ. Како се случи оваа животна траекторија и каде поточно работите сега?

– Студиите ги завршив во Плимут во областа визуелна уметност со театар и перформанс. Потоа се вратив во Македонија, каде живеев две години и ја започнав мојата уметничка кариера. Во 2006 година добив стипендија за магистерски студии на универзитетот Кембриџ во областа уметност и образование. По магистратурата добив уметничка резиденција во Кембриџ од една година, каде се запознав со сегашниот сопруг. Во 2009 година се одлучивме да се преселиме во неговата матична земја, Швајцарија. Така што сè уште живеам во Цирих, но често патувам поради работа, вклучително и за моите докторски студии, кои ги работам од 2023 година на Универзитетот „ХафенСити“ во Хамбург, Германија.

Колку образованието на врвни универзитети на уметникот му помага полесно да ги конципира и реализира своите дела?

– Па, веројатно помага многу, но сигурно помага и средината во која создавате. Швајцарија, можеби, не е голема земја, но нуди богата програма за уметност, театар, филм и музика. Секоја година се обидувам да го посетам „Арт Базел“, како и разни изложби, фестивали и дискусии, и секако од тоа многу се учи. Пред речиси две години, присуствував на работилница наречена „Академија за слушање“ во Базел. Оваа година, заедно со еден од предавачите, Брендон Лабел, ја донесовме работилницата во Скопје, во КСП „Центар-Јадро“ и во МСУ. Се надевам дека ќе има повеќе вакви иницијативи во иднина.

Кои би биле Ваши следни проекти за реализација и каде?

– Следен чекор е да ги завршам докторските студии во Хамбург. Докторатот, кој носи наслов „Кон сензорниот град“, истражува како лица со оштетен вид го користат и доживуваат јавниот простор. Соработувам со неколку институции и организации со цел да го претставам истражувањето на експерти за да се примени во пракса. Ова е, веројатно, досега мојот најамбициозен проект, бидејќи има за цел да направи поголема општествена трансформација.

Повремено изложувате и во Скопје, како што е случајот со изложбата во Чифте амам. Колку однадвор имате можност да ги следите случувањата на македонската уметничка сцена?

– Благодарение на моите бројни контакти и посети, следењето на сцената овде е лесно. Во последните 20 години имам учествувано на бројни групни изложби и фестивали овде, како и на изложби во странство, каде се претставува македонска современа уметност.

Дел сум и од повеќе инцијативи и проекти, како, на пример, наградата „Денес“ за млад ликовен уметник, каде бев и добитник и дел од жирито, кокуратор на програмата „Хибридна уметност“ во Музејот „Тангели“ во Базел, која за првпат претстави современа македонска уметност во Швајцарија, и дел од книгата „Критична уметност во современа Македонија“, уредена од Џон Блеквуд.

И покрај тоа што живеам надвор, Македонија е мој дом и јас се чувствувам како дел од нејзината уметничка сцена. На крајот, сакам да потенцирам дека и покрај малите ресурси македонската уметничка сцена нуди одлични автори, соработки и обработува теми кои се актуелни на глобално ниво на свој, посебен начин.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 305, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.11.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот