ИНТЕРВЈУ со Томас Геберих: „Бомбите“ не се толку силни за некој да се исплаши

Не би ја нарекол валкана изборната кампања, туку премалку ориентирана кон суштината. Секоја страна ја посочува другата како криминална, се зборува за „бомби“, но кога тие ќе експлодираат, не се толку силни за да мора да постои страв од нив.

Германскиот амбасадор Томас Герберих не гледа можност за неказнивост или амнестија на политичари од власта во новиот Закон за Јавно обвинителство ако тој се имплементира така како што е напишан. Според него, најважно е случаите што беа започнати од СЈО и што сега ќе преминат кај Јавното обвинителство, да имаат разумна или некаква разрешница, односно, како што вели амбасадорот, „тие што се виновни конечно да одговараат за сторените дела, а политичарите да покажат дека навистина се сериозни во своите намери“.

Герберих смета дека за вистински напредок, политиката треба да престане да се меша во правосудството, како и да запрат непотизмот и вработувањата со партиска книшка. Тој не гледа причина да се одолговлекува одлуката за датумот за да не влијае врз изборите во земјата.

  • Како го оценувате почетокот на политичката кампања во Македонија? Дали е толку валкана колку што се најавуваше?

– Имате предвремени парламентарни избори и секоја држава има право да распише избори според својот суверенитет. Ќе беше добро да имаше регуларни избори како што беше планирано на крајот од годината, бидејќи тоа е одреден фактор на стабилност, но вака беше решено. Сега се важни гласовите на граѓаните. Се надевам дека во изборната кампања ќе има содржини, а не само меѓусебни партиски обвинувања. Не би ја нарекол валкана изборната кампања, но според мене премалку е ориентирана кон суштината. Секоја страна ја посочува другата како криминална, се зборува за „бомби“, но кога тие ќе експлодираат, не се толку силни за да мора да постои страв од нив. Би било важно за гласачите да знаат каква програма имаат партиите, во која насока сакаат да ја водат земјата во иднина, во интерес на граѓаните, на земјата. Кога тоа би се случило, мислам дека многу повеќе гласачи би излегле на изборите.

  • Партиите маршираа за правда. Според Вас, дали се поголеми шансите да добиеме правна разрешница на корупцијата со новиот Закон за Јавно обвинителство отколку претходно, со Законот за СЈО?

– Начелно сметам дека нови закони не носат повеќе правда. Честопати кога политичарите не знаат што понатаму, велат ќе донесеме нов закон и со тоа ќе се подобри ситуацијата. Зависи од разумното имплементирање на законите. Законот за Јавно обвинителство од некои земји членки на ЕУ беше поставен како предуслов за започнување пристапни преговори, во областа на реформите во правосудството и добро е што овој закон се изгласа, но самиот тој нема да користи ако не се имплементира разумно. Тоа за мене значи дека случаите што ги започна или со кои се занимаваше СЈО, ќе бидат продолжени од регуларното ЈО и ќе имаат разумен крај, разумен резултат и дека луѓето што погрешиле, конечно ќе бидат казнети. Тоа мора да биде јасен сигнал до граѓаните дека политичарите се сериозни во однос на ова.

  • Се согласувате ли со обвинувањата на опозицијата дека новиот Закон за Јавно обвинителство обезбедува заштита или амнестија за политичарите од актуелната власт?

– Ако вистински се имплементира овој закон, тогаш тоа не може да се случи. Обвинувањата меѓу двете партии поаѓаат од ситуација дека политиката се меша во правосудството. Токму тоа е поентата, тоа треба да се смени со Законот. Ќе зависи од тоа дали навистина ќе се етаблира независно правосудство, што е вистинскиот предуслов за прием во ЕУ. Кога има независно судство, сѐ функционира и не е потребно политичарите да се мешаат и да велат дека законот се користи од политичарите. Токму тоа не смее да се случи. Тоа е застарен начин на мислење и мора да исчезне. Тоа е предуслов за почнување на пристапни преговори.

  • Ќе биде ли мешање во изборите ако одлуката на ЕУ за преговорите дојде пред април? Слушнавме обвинувања дека опозицијата лобирала тоа да не се случи.

– Не, не гледам на тоа како на мешање во изборите. Тоа се два различни процеса. Одржувањето на изборите сега е одлука на Парламентот, на Владата, тие суверено одлучија, тоа не е работа во која треба да се мешаат други држави. Тоа беше суверена одлука на земјата. Процесот за започнување пристапни преговори со ЕУ, пак, тече веќе 15 години. Тоа значи дека тие не се меѓусебно поврзани. И опозицијата и Владата секогаш уверуваа дека двете си посакуваат земјата наскоро да влезе во ЕУ. И во интерес на опозицијата треба да е колку што е можно поскоро да се добие датум за почнување на пристапни преговори, бидејќи Северна Македонија предолго чекаше на тоа. Колку поскоро се случи, толку подобро. Започнувањето на пристапни преговори е инструмент што може да го користат двете страни, ЕУ за да ја оправда својата одговорност, а Владата конечно може конкретно да продолжи со реформите.

  • Дали Германија и натаму опстојува на ставот Македонија и Албанија да не се разделат во одлуката за преговори?

– Би било пожелно кога со двете земји би можело да се започнат пристапни преговори. Бидејќи од геостратешки аспект и за целиот регион, според мене, е подобро кога двете земји би можеле да пристапат. Колку повеќе земји ги исполнуваат предусловите за прием во ЕУ, толку подобро за целиот регион. Но, од друга страна, не треба една држава да заостане поради кусок на напредок во друга. Сега ќе зависи од тоа, Европскиот совет да најде прифатливо решение за двете држави. И јас сум оптимист дека ќе се најде вакво решение, дека може да се постигне.

  • Гледам голема редица млади пред амбасадата кои чекаат виза за да се иселат во Германија. Дали ова масовно иселување од Македонија влијае врз интересот на германските компании да доаѓаат тука. Дали е подобро за Германија тие да заминат таму или вашите компании да дојдат тука?

– Тоа е прашање за кое мора да размислуваме речиси секој ден. Не може да го избегнете тоа. Ако сакате да влезете во амбасадата, мора да поминете покрај големите редици, пред подносителите на барања што стојат пред вратата. Има различни интереси, од една страна тоа се интересите на германските фирми во Германија, а од друга страна интересите на германските фирми што тука инвестираат кои се противречни. Кога сум во Германија и разговарам со германски фирми, тие велат дека им треба работна сила и бараат брзо да им се издаде виза, а кога зборувам тука со германски фирми во Северна Македонија, тие секако дека велат, оставете ги луѓето овде, потребни ни се тука, и тука може да создадеме работни места. Германија може многу малку да направи за да го спречи иселувањето ако не се променат условите во земјата. Луѓето не се иселуваат само затоа што ги бараат, туку затоа што не се задоволни од условите во земјата. Ако ги прашате луѓето што стојат тука пред врата за работна виза, дали би останале во земјава ако има подобри услови, подобри болници за нивните деца, образовен систем, ако се чувствуваат посигурно, да има независно правосудство, борба против корупцијата, секако дека би останале. Платите играат улога, но во едно развиено демократско општество и платите може да се зголемат.

  • Што, според Вас, треба да се направи за да се подобри таа ситуација?

– Мислам дека најзначајна е ситуацијата во правосудството, почитување на законите и правата, да se врати довербата на граѓаните во судовите и владата. Политиката не смее да се меша во правосудството. Тоа мора да одлучува независно од партиите и не смее да биде корумпирано. Непотизмот и корупцијата се најголемиот проблем. Исто така, работните места да не се добиваат според политичко уверување или партиска книшка, туку според квалификациите. Со таква ситуација земјата би се придвижила.

Треба да ги нарачате обрасците за пасоши за да ги добиете

  • Имате ли некаква оптимистичка вест за пасошите? И канцеларката беше повикана да помогне…

– Знам дека пасошите се изработуваат од германска фирма со големо искуство и во однос на заштитата од фалсификување. Таа испорачува во целиот свет. Фирмата може веднаш да испорача, потребна е само вистинска нарачка.

Отворен е патот за преговорите со ЕУ

  • Го чекаме датумот за преговори. Какви се реакциите на земјите членки околу новата методологија и реални ли се шансите да го добиеме во март? Има ли уште пречки?

– Немам конечна информација, но разговорите во ЕУ одат во добра насока. Методологијата е прифатена од сите земји членки и задоволна е и француската страна, така што можеме да се придвижиме натаму. Патот е слободен за можно брзо почнување преговори со земјата. Јас сум оптимист дека во март би можело да функционира тоа ако сите се согласни. Ние го поддржуваме тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот