Интервју со Тина Иванова, в.д. директорка на НУ Филхармонија: Свесно и разумно ја прифативме целата ситуација
Првиот концерт на оркестарот на Филхармонија во 2021 година, со наслов „Аконкагва“ и со настап на Ана Коловска од Русија на хармоника и маестро Борјан Цанев како диригент, ќе се одржи на 28 јануари, со што ќе продолжи успешната сезона почната во пандемиската 2020 година.
Препорачано
Музикологот Тина Иванова од октомври 2020 година е в.д. директорка на НУ Филхармонија, каде што е вработена од 2014 година како продуцент. Нејзиното претходно професионално искуство беше поврзано со новинарството и петнаесет години беше дел од културната рубрика на „Утрински весник“ од неговото формирање (1999), најпрвин како новинар и музички критичар во културната рубрика, а од 2007 до 2012 година и како нејзин уредник. Во тој период за книгата „Документ 103“, Иванова ја доби престижната државна награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ во 2012 година, награда што за првпат му беше доделена на музиколог, односно на новинар од областа на музичката сфера. Во изминативе шест години, Иванова во Филхармонија се јавува како продуцент на многубројни концерти, меѓу нив и симфониски концерти за деца и концерти со популарна содржина. Раководната функција во установата храбро ја прифати во време кога културата егзистира под строги здравствени протоколи.
Националната установа Филхармонија меѓу првите ги примени протоколите за организација на културни настани во услови на пандемија и успешно ја реализираше новата сезона во пандемската 2020 година. На што се должи тој факт?
– Свесно и разумно ја прифативме целата ситуација. Направивме посебен ред во куќата и во целост ги имплементиравме сите правила зададени од Комисијата за здравство. Бевме дисциплинирани и одговорни (сè уште сме), па затоа непречено можевме да го реализираме веќе однапред направениот план за работа. Филхармонија, како и другите институции од областа на културата, како впрочем и речиси сите, во времето на карантинот беше под клуч. А, за еден уметник, не постои ништо потажно од тоа, да ја нема неговата сцена. Кога заврши изолацијата, се отворија нашите мисли и срца кон тоа повторно да го оживееме овој музички храм. Ниту еден концерт не беше откажан, можеби имаше едно или две откажувања на некој од странските солисти, поради авионските летови (во некои од земјите се случи повторно затворање), но многу бргу најдовме соодветна замена. Волјата да работиме, да настапуваме, да создаваме музика е силна. И не згрешивме што не му допуштивме на стравот да нè надвладее и повторно да нè затвори дома. Ние го имаме најдобриот лек за душата кој сите нам во ова време-невреме ни е неопходен како воздух.

Неколку години наназад Филхармонијата е меѓу најуспешните културни установи во државата. Колку новиот објект и современите услови за работа на колективот придонесоа во постојаниот развој на комплетната слика за филхармонијата?
– Филхармонија постои речиси осум децении и од самото нејзино формирање работи беспрекорно, се развива во чекор со европските филхармониски куќи. И кога беше кираџија во Домот на АРМ, се случуваа маестрални, волшебни музички настани, гостуваа големи солистички и диригентски имиња од земјава и од странство, имаше посебен дух и енергија таа работна атмосфера на „немање“ на соодветни услови за работа. Паметиме ситуации кога мачки се шетале на сцена, кога среде концерт нè изненадил дожд, чиишто капки капеле на седиштата, го чувствуваме сè уште мирисот на влага итн.; но, концертите не запираа. Напротив. Секако, новиот објект создаде соодветна подлога за конечно функционирање на институцијата во секоја смисла на зборот, но, донесе и потреба од поопсежна работа и многу поголем буџет. Среќни сме што сега имаме цврсти ѕидови зад кои можеме лесно да го покажеме занаетот и да се фокусираме на алатките со кои сме го печеле тешко, без да наоѓаме соломонски решенија за одредени технички проблеми. И ние уметниците, музичарите, имаме потреба од услови за да можеме да твориме, а сето тоа често се воочува во финалниот производ. На пример, во времето на Ренесансата, семејството Медичи, мецени од Фиренца, биле веројатно и најголемите покровители на уметноста во светот. Тие со овозможувањето на услови за творење на нивните дворци, значително придонеле за маестралните дела на Ботичели, Микеланџело, Да Винчи и многу други. Повеќе од сигурно е дека условите придонесуваат во реализацијата на уметноста. Всушност, сега, можеме целата енергија да ја насочиме на нашите вештини, мудрости и знаења.
На функцијата в.д. директорка сте околу четири месеци. Каков предизвик за Вас беше прифаќањето на функцијата?
– За мене е предизвик секоја нова работа, затоа што природата на мојот карактер е постојано истражување и постојано учење. Не сакам да застанам на едно место, на едно ниво, сакам да стекнувам нови и различни искуства на многу полиња. Оттаму, да, предизвик ми беше да ја прифатам оваа функција, но не на начин да се променам себеси, да се „удирам“ во гради како којзнае што да ми се случило во животот, туку на начин, сè она што досега сум го впивала како знаење, да можам полесно да го имплементирам. Не знам колку ќе успеам во тоа, но знам дека никогаш не ми недостигаат идеи.

Пандемијата на коронавирусот ќе трае. Какви се плановите за оваа година?
– Продолжуваме со истата практика, со истото темпо на работа, со надеж дека сè она што ни е зацртано како план ќе се оствари. На 28 јануари ќе имаме навистина убав концерт насловен „Аконкагва“ со Ана Коловска од Русија на хармоника и маестро Борјан Цанев како диригент, која ќе го изведе истоименото дело од „таткото“ на аргентинското танго Астор Пјацола, потоа, на 4 февруари со нашиот шеф-диригент Габриел Бебешелеа ќе се одржи концертот „Фанфари за еден пријател“ и дувачкиот состав на Филхармонија, како протагонист, па концерт посветен на Денот на вљубените, кој не сакам да го најавувам предвреме, но, она што можам да го кажам е тоа дека ќе биде мошне возбудлив – посветен на љубовта, се разбира. Следуваат концерти на кои ќе настапат фантастични уметници, но не случајно не ја објавуваме целосната програма, токму поради неизвесноста којашто ја живееме во последно време. Она што е важно, е што концертите одат во лајфстрим и со тоа достапни им се на сите оние кои се спречени да дојдат и во живо да ги проследат. Јавноста ќе биде информирана за секој настан навреме.
Каков е односот на странските музички уметници околу договарањето и прифаќањето да гостуваат во вакви глобални услови?
– Нашите размислувања на почетокот беа песимистички, мислевме дека договорите ќе се одвиваат многу тешко. Се изненадивме колку се сите желни да творат, да свират, да настапуваат. Не беше кусо времето на изолација, луѓето беа заробени во монотонија, уметниците немаа кому да ја покажат својата креативност. Разбирлив е нивниот порив да настапуваат, бидејќи за музика и од музика тие живеат.

Маестро Габриел Бебешелеа од Романија од минатата година е шеф-диригент на оркестарот. Каков е неговиот досегашен придонес во реализацијата на програмата на Филхармонија?
– Со маестро Бебешелеа имаме фантастична соработка. За жал, неговото доаѓање на оваа функција настапи паралелно со појавата на пандемијата и тој мораше, како и сите ние, да се адаптира на зададените услови за работа. Од друга страна, пак, среќа е што е овде со нас, затоа што неговиот придонес, за тоа да без никакви пречки се остварат сите концерти, е од големо значење. Програмата и инструменталниот состав, фреквенцијата на уметниците на сцена, сето тоа е во согласност со протоколите за заштита на здравјето, пред сè. Габриел Бебешелеа е исклучителен човек, сјаен ерудит, голем уметник, со неверојатно широко познавање за музиката и за уметноста воопшто, и се надевам дека тоа моќно ќе се рефлектира кај уметниците и кај публиката, секако. Тој е човек со мноштво конструктивни идеи за растење на квалитетот на оркестарот, наедно и за задоволување на уметничките апетити на различни профили на музички консументи.
Филхармонија реализира концерти од класичниот репертоар, но често поставува и дела од македонски композитори и авангардни современи композитори. На кој начин се прави програмскиот баланс?
– Филхармонија има тенденција да опфати што поширок спектар на музика и автори. Мошне вкусно и суптилно се прави рамнотежа помеѓу т.н. железен репертоар и современите звучни текови, каде спаѓаат и македонските автори. Тоа не е толку сложено, ако се земе предвид дека во текот на една концертна сезона одржуваме многу концерти. Нашата визија е да привлечеме широка публика, во смисла, слушатели кои се традиционалисти, но и луѓе кои сакаат да ги следат новитетите, и да направиме убава фузија во која ќе се пронајдат сите. За жал, досега не успеавме да воспоставиме практика, па таа да стане традиција, на нарачка на дела од македонски автори. Тоа е неопходно за да живее македонската современа музичка сцена, на којашто единствена платформа со години наназад и е фестивалот „Денови на македонска музика“. Но, македонските композитори немаат можност да компонираат дела за голем ансамбл, затоа што тоа е огромен труд, кој доколку не се прави на ваков начин, би се удавил некаде во лавиринтите на институциите. А, токму такви дела ни требаат. Се надевам дека државата ќе изнајде начин да ги мотивира нашите музички автори да создаваат и во оваа насока.

Минатата година го инициравте излегувањето на „Филхармониски весник“. Со каква цел?
– За жал, културата во медиумите ја нема, или е многу малку застапена. Тоа е горлива тема за која е потребен голем простор да се образложат причините и последиците. Затоа, ние решивме самите да правиме весник наречен „Филхармониски весник“, во кој објавуваме текстови врзани за концертите во нашата институција. Во Скопје гостуваат уметници за кои се води „борба“ во главните европски музички центри, а овде малкумина знаат за тоа. Настапувале уметници со нашата Филхармонија веднаш по нивен настап со врвната Берлинска, на пример. Тажно е да поминат без внимание, оти нивното стапнување на нашата почва може да се гледа и како историски чин, се разбира, не во политичка смисла на зборот. Нашиот весник е на некој начин и убава реклама за Филхармонија, за концертите и воопшто за институцијата да дознаат што повеќе луѓе. Затоа се дели и бесплатно, за да можат читателите да прочитаат и нешто што не е црна хроника, која ни го поматува умот во негативна конотација секојдневно. „Филхармониски весник“ е мелем за душата и благосостојба на умот. Притоа, има прекрасен дизајн. Кога ќе излезе од печат, мирисот на хартија, и потоа, чувството кога го читате од раце, е незаменлив. Недостига тоа, дури и во време на брз технолошки развој, некои работи немаат замена.
Како поранешен новинар и уредник на културната редакција на „Утрински весник“, но и музиколог по вокација, како гледате на случувањата на македонската музичка сцена (концерти, автори, изведувачи, медиуми) од позицијата на која сега сте поставени?
– Никаде и никогаш уметничките креации не застанале. И во најтешките периоди во светската историја, оти, тоа е во човековата природа, да создава. Македонската музичка сцена е неверојатно богата, таа има длабоки корени. Имаме традиција каква што ја нема секаде, имаме луѓе кои се неверојатно талентирани и креативни. Од една страна се веќе постојните институции кои имаат програма која не заостанува од она што се пласира во светот, од друга страна имаме независна сцена која граба нанапред збогатувајќи ги сите постоечки жанрови, од една страна бендови и уметници веќе познати на јавноста по нивниот минат труд, од друга, појава на нови имиња кои импресионираат со нивниот творечки ентузијазам. Се прашуваме за кого тие луѓе создаваат, во услови на медиумска затапеност во однос на пласирање на културата? Секако, го наоѓаат својот пат преку новите медиумски форми на изразување, социјалните мрежи, на пример. Но, со оглед на фактот дека телевизијата е сè уште најмоќен медиум, тогаш, мора да се воведе законска одредба тоа да биде и најголемата сцена за покажување на уметноста. Мора таа да биде видлива, затоа што така ќе се одржи доминантен систем на вредности, ќе се развива културната еманципација, ќе се работи на општата едукација итн.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 65, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 23-24 јануари 2021)


