Интервју со Теодора Мартиноска, Македонка на „Онлифенс“: Живеам како што сакам, без воопшто да ми е гајле што ќе кажат другите

Теодора Мартиноска, Фото: Приватна архива

Тоа што во моментов уживам во својата младост и сексапилност, и сум храбра и бестрашна да кршам граници а со нив и табуа, на многу „фосили“ нема да им се допадне. Во Македонија се чини дека сè ќе ти простат, освен да бидеш наеднаш паметна и убава, вели Теодора.

Платформата „Онлифенс“ влезе во фокусот на светската јавност кога почна да се користи за продажба на експлицитна содржина. Додека во светот е веќе нормализирана средина за работа, во нашето општество е сè уште табу тема. Во разговорот со Теодора Мартиноска (21) од Струга, дознаваме што значи да имаш „Онлифенс“ и како се одразува на животот.

Зошто се одлучи да отвориш профил на платформата „Онлифенс“?

– За оние што не знаат, „Онлифенс“ е платформа базирана на претплата. Уметници, креативци и забавувачи може таму да ја монетизираат својата креатива и влијание. „Онлифенс“ го доби главното внимание откако сексуалните работници почнаа да ја користат страницата за време на заклучувањето при пандемијата на ковид-19, во пролетта-летото 2020 година. Кога видов дека популарните личности како Карди Би ја користат, видов прилика да заработувам преку поексклузивна содржина што моите следбеници ќе ја уживаат.

Фото: Приватна архива

Каков е процесот на создавање содржина и како се регулира нејзиното купување? Колку време и креативност ти се потребни?

– Работата преку новите платформи како „Јутјуб“, „Инстаграм“ и „Онлифенс“ сè уште не е перципирана како нормална работа. Луѓето треба да разберат дека се вложува истиот труд исто како кога си на работа од 9 до 17 часот, но некогаш и многу повеќе. Секој ден се посветувам да креирам нова содржина за мојот канал и се трудам да сум што повеќе различна и креативна. Правам неколку фотосесии во неделата за кои пред тоа го спремам гардероберот, купувајќи нови парчиња. Вложувам во нега и грижа за себеси, безброј третмани. Секако шминка и фризура, но и многу различни локации кои се закажуваат со фотограф. Секако, неколкучасовна комуникација со клиентите на платформата е исто така клучна за успехот. Дефинитивно бара премногу посветеност, трпение и истрајност.

Како може да се отвори профил на „Онлифенс“? Koи се твоите совети и трикови за девојките што сакаат да заработат со голотија?

– Да се отвори „Онлифенс“ е едноставно, само треба ваша верификација со лична карта или сличен документ и банкарски детали. Најважното од сè е што мора да сте полнолетни, односно над 18 години. Кога би требала да дадам совет на девојки е дека доколку се одлучат да работат со „Онлифенс“ мора да се психички спремни за секакви коментари. Од позитивни до негативни, во живо но и на интернет. Кај нас нема добра законска регулатива што те штити тебе и твојата приватност, ниту пак имаме општество кое има свест за тоа. Така да, споделување на твојата содржина што ја нудиш на најразлични канали, наречена „протечена содржина“ е многу често злоупотребување.

Фото: Приватна архива

Каква е перцепцијата за твојата работа во нашата средина? Дали влијае на односот што го имаат луѓето со тебе? Дали полот и возраста на лицето што те перцепира прави разлика?

– „Онлифенс“ е табу тема кај нас. Истите луѓе што прават сè и сешто позади затворени врати, ја имаат најмрачната фантазија за тебе и тие се првите што ќе те линчуваат јавно. Има и конкретни напади, на пример од девојки што пропагираат феминизам, а се предалеку од тоа. Доколку девојката нема облини и е слаба, голотијата се смета за уметност и е поврзана со „арт“. Доколку пак девојката има облини како мене тогаш тоа е вулгарно и непристојно. Не разбирам зошто има толку многу предрасуди, кога девојки ставаат слики со бикини и долна облека на социјални медиуми како „Инстаграм“, или за соработка на некој бренд, комплетно се голи за модни списанија, ама ако е тоа „Онлифенс“, тогаш има огромна осуда. Многу е нелогично и контрадикторно.

Поради природата на работата, твојата приватност скоро и да не постои. Дали си безбедна? Дали има ситуации во кои ти се нарушени правата како човек и како сопственик на содржината што ја создаваш?

– Приватност не е еднакво со покажување на твоето тело. Интима и приватност секогаш ќе имам со оние кои што вистински интелектуално и духовно ме познаваат. Верувам дека приватност не ни можам да развијам, или можеби можам но многу ограничено, со оние што се дојдени да видат и купат површни работи. Сепак, иако имам најголема побарувачка од луѓе кои што се водат кон инстинкт, истите тие може да те доведат во најголема опасност. Поради тоа изложена сум на секаков ризик, и приватноста ми била нарушувана, сум била следена, имало морбидни случаи каде што ми спиеле пред прагот на мојата врата. Нашите правни органи немаат слух за многу најосновни работи, па така, и кога вакви загрижувачки ситуации се пријавуваат во полиција, бидејќи изгледам како што изгледам и го работам тоа што го работам, секогаш го добивам она „сама си го барала“.

Фото: Приватна архива

„Онлифенс“ има веќе статус на нормализирана работа низ светот. Како се третира тука и како влијае твојата работа на секојдневието? Дали имаше имаше реакции од твоите блиски кога се одлучи за ваква работа?

– Моите родители се навистина современи, од тоа како ги третирале нивните брачни односи до тоа како ме перцепираат мене. Уште од малечка знаеја дека нема да работам „конвенционална“ работа. Секогаш разговараме за сè, и уште пред да отворам „Онлифенс“ кога правев само истражување за бизнис идејата и како да почнам, седнавме и направивме сериозен разговор. Редовно ме асистираат во сè што правам, па така и во ова, со целосна поддршка. Да не беа моите родители вакви какви што се, никогаш немаше да бидам толку успешна. Мило ми е што имам родители што го сфаќаат модерниот и млад свет.

Како влијае врз тебе вниманието што го добиваш?

– Вниманието знае да биде меч со две острици. Комплиментите од жени ми се најдраги, особено од оние кои се гласни за еднаквост и феминистки. Тие секогаш знаат да го извлечат најдоброто со една интересна доза на хумор на реалните проблеми со кои што се соочуваме и општеството во кое што живееме. Сепак ги има и оние љубоморните и зајадливите, кои што едноставно мора да најдат нешто што не им чини или нешто да го надуваат толку многу за да излезе од пропорција. На таквите секогаш им одговарам дека им треба љубов, повеќе едукација на темата, и дека треба да се соочат со нивните несигурности.

Фото: Приватна архива

Дали очекуваш, поради работата на „Онлифенс“ да имаш последици во иднина?

– За жал, знам дека ќе има последици доколку останам во Македонија. Штета е што кога би почнала една многу поинаква кариера, на пример академска, врзана со истражување, би била остро спречена, меѓутоа не директно, туку со многу индиректни сопки. Тоа што во моментов уживам во својата младост и сексапилност, и сум храбра и бестрашна да кршам граници а со нив и табуа, на многу „фосили“ нема да им се допадне. Во Македонија се чини дека сè ќе ти простат, освен да бидеш взаемно паметна и убава. Модел се поистоветува со глупавост, а голотија со промискуитетност. Па дали ќе бев толку елоквентна ако не бев начитана? Луѓето треба да разграничат дека слики на интернет се само слики на интернет, а не додавките што редовно сакаат да ги ставаат со цел да го украсат својот досаден живот. Имаме еден живот и дека пресијата на тврдокорни ставови никогаш нема да ни дозволи да живееме со полн здив. Бар јас живеам како што сакам, но вистински, без воопшто да ми е гајле што ќе кажат другите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот