
Интервју со Тамара Грујеска, пејачка: Од мала ја пеам Витни Хјустон, сон ми е да ја претставувам Македонија на Евросонг
Младата пејачка Тамара Грујеска од Гостивар го освои третото место на престижниот светски фестивал „Санремо јуниор 2025“ Италија. Таа ја претставуваше Македонија и уште еднаш докажа дека македонскиот музички талент блеска и надвор од границите. Во интервју за „Слободен печат“ зборуваме со Тамара за настапите и за предизвиците како и за сонот да ја претставува Македонија на Евровизија.
Препорачано
На „Санремо јуниор 2025“ го освои третото место. Какво беше чувството кога дозна дека си меѓу трите најдобри и дали очекуваше ваков пласман?
– Настапот на „Санремо јуниор“ беше мој сон што ми се оствари и многу сум среќна поради тоа. По настапот на Детскиот избор за песна на Евровизија, моја желба беше да учествувам и да ја претставувам Македонија на „Санремо јуниор“ и навистина сум задоволна од високиот пласман. Нескромно ќе кажам дека и го очекував, и покрај големата конкуренција на еден ваков голем светски фестивал. Од над илјада пријавени, бев пресреќна кога дознав дека сум избрана меѓу 25 финалисти и дека ќе настапам на светското финале претставувајќи ја Македонија. Тоа за мене беше нов предизвик и задоволна сум што сè успешно се реализира. Голема е честа да се претставува Македонија низ светот и да се слушне за нас, Македонците.

Какво беше искуството да настапуваш на ваква голема сцена на Санремо? Имаше ли трема?
– Големо искуство е да се пее на светското финале на еден од најголемите светски фестивали, како што е „Санремо јуниор“, во салата „Аристон“ во Санремо, Италија, пред голема публика. Сум настапувала на многу интернационални фестивали, и по настапот на Детска Евровизија, секој мој настап е сè подобар и посовршен. Ја чувствувам само таа мала позитивна трема што носи одговорност пред настапот, а потоа, кога ќе излезам на сцената, навистина уживам во пеењето, особено со големиот оркестар на Санремо во живо.
Колку долго се подготвуваше за настапот и како одеа подготовките? Од кого имаше најголема поддршка?
– Подготовките почнаа уште од самото пријавување, со избор на песната со која аплицирав. Навистина бев среќна кога дознав дека ме избраа да ја претставувам Македонија на фестивалот „Санремо јуниор“, кој се одржа од 23 до 30 март. Финалето се одржа на 26 март во магичната арена „Аристон“ во Санремо, каде што настапивме 25 избрани финалисти од повеќе земји.
Најголемата поддршка, како и секогаш, ја добивам од моето семејство, но и од мојата учителка по поп-пеење, Андријана Јаневска.

Како почна твојата музичка приказна и кога откри дека имаш талент?
– Мојата музичка приказна започна на фестивалот „Јаболчиња“ во Тетово, на пет и пол години, кога мојот татко ме однесе да ја снимам првата песничка. Потоа настапив и на „Златно славејче“ и продолжив со многу песнички на „Јаболчиња“, сè до моментот кога почнав да настапувам и на интернационални натпревари, каде што почнаа да се редат наградите. Најдраги ми се настапите на Детската Евровизија – Ница, Франција 2023, настапот на „Санремо јуниор 2025“ во Италија, но и највисоките освоени награди како што се Гран при на престижните фестивали во Грција, Србија, Русија и во Македонија. И уште 12 први, две втори и едно трето место на интернационални музички фестивали и натпревари. Навистина сум задоволна од сè што постигнав овие години и тоа ми дава мотив и волја да продолжам понатаму. За мене е голема среќа што успеав да ги спојам трите големи настапи за една млада пејачка: „Златно славејче“, Детската Евровизија и „Санремо јуниор“, при што во меѓувреме освоив и повеќе од 20 највисоки награди.
Какво искуство носиш од настапот на Јуниор Евросонг во Ница, Франција?
– Огромно искуство на голема светска сцена, пред многубројна публика и милиони гледачи пред екраните. Големо е задоволството да се настапи на Детската Евровизија и да се претставува Македонија – чувството не се опишува со зборови. Од тој настап, секој следен ми е сè полесен и подобар – едноставно уживам кога пеам. Евровизија е голем настан каде што млад пејач созрева и ја освојува европската и светската публика. По тој настап, ништо не е исто. Мислам дека многу работи се променија на позитивно и тоа ми е отскочна даска за понатамошни успеси.

Во кое училиште учиш и што велат твоите соученици? Колку поддршка добиваш?
– Учам во основното училиште „Гоце Делчев“ во Гостивар и навистина сум благодарна за поддршката од наставниците и од моите соученици. Им благодарам уште еднаш за незаборавниот пречек кога се вратив од настапот на Детската Евровизија во Ница, Франција.
Кои музички жанрови најмногу те привлекуваат?
– Најмногу сакам поп-музика и светски хитови – таму најмногу се пронаоѓам. Но, работам и на други стилови. Во музичкото училиште во Тетово веќе три години учам класично соло пеење, а ја негувам и традиционалната македонска музика.
Кој е твојот музички идол? А која домашна пејачка ти е најголем предизвик?
– Мој идол е Витни Хјустон – од мала ги пеам нејзините песни и најмногу ми одговараат на вокалот. Од македонската естрада ги сакам Андријана Јаневска, Тамара Тодевска, Калиопи и многу други. Во Македонија има навистина квалитетни пејачи и пејачки – ние сме музикална нација и треба да се гордееме.

Што следува по овој голем успех?
– Секако! Веќе се подготвувам за настапи на нови интернационални фестивали. Наскоро ќе настапам во Естонија на Талин војс, каде што повторно ќе ја претставувам Македонија, како и на фестивалот Мјузикленд во Охрид и во Битола во август. Работам на две нови песни што ќе бидат реализирани оваа година и се надевам дека ќе ѝ се допаднат на публиката. Во план е и настап на некои регионални или европски музички шоуа. Музиката е мојот живот и сакам да имам голема и успешна кариера.
Сонуваш ли еден ден да настапиш и на „возрасниот“ Санремо?
– Секако! По успешниот настап на „Санремо јуниор“, се родија нови идеи, желби и предизвици – не само за возрасниот Санремо, туку и за многу други балкански и светски фестивали. Најмногу, се разбира, сонувам да настапам на возрасната Евровизија и да ја претставувам Македонија. Се надевам дека еден ден и тој сон ќе ми се исполни. Дотогаш – многу вежбање и работа.
Каква порака им испраќаш на твоите врсници што сонуваат за музичка кариера?
– Да ја сакаат музиката, да ја работат со љубов и да вежбаат. Не е доволно само да се има талент – потребно е постојано усовршување. Секој ќе го најде својот пат – иако знаеме дека е тежок и бара многу труд. Но, без труд и вежбање – нема успех.
