Интервју со Снеже Велков, водителка: Си ја сакам секоја нова бројка што ја додавам на роденденската торта
Годините не се бројка, годините се емоции. Тоа се радости, љубови, средби, луѓе, родени бебиња, лекции, падови и подеми. Тоа е живот. А како да ме плаши животот? Животот не е за да се плашиме од него, туку за да му се радуваме.
Снеже Велков долги години е присутна на ТВ-екраните, а како водителка на емисијата „Нешто конкретно“ успева да ги приближи гледачите до вистинските разговори за животот, емоциите и секојдневните предизвици. Неодамна наполни 44 години и вели дека годините не се само бројка, туку се емоции, радости, љубови, средби, луѓе…
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во разговорот за „Слободен печат“, Снеже искрено зборува за предизвиците, за секојдневните радости, за навиката да станува наутро најрано пред сите, како и за синовите и животот пред камерите.
Неодамна наполни 44 години. Како го прослави роденденот и дали со годините почна поинаку да ги доживуваш родендените?
– Јас си ја сакам секоја нова бројка што ја додавам на тортата. Сè додека додавам значи живеам. И воопшто не сакам да ги кријам годините, „ниту сум мома за мажење ниту сум девојка за гледање ниту, пак, роба за продавање“. Ете такa ги доживувам. И добро е да се знаат бројките, секогаш предизвикуваа реакција – едни велат „ау, многу се“, други велат „малку се“, трети – „не би ти ги дал“. Јас велам – давал, не давал, мои си се!
Дали си од оние што сакаат голема роденденска прослава со многу луѓе или повеќе уживаш во помирна атмосфера со најблиските?
– Повеќе го сакам секојдневното славење на животот отколку еднаш годишно славење роденден. Но, кога роденденот е убав повод на едно место да си ги собереш блиските луѓе, зошто да не? И да расчистиме една работа: И старите знаат да се забавуваат.
Веруваш ли во фразата „годините се само бројка“? И дали реално те плашат?
– Не се согласувам дека се „само бројка“. Годините не се бројка, годините се емоции. Тоа се радости, љубови, средби, луѓе, родени бебиња, лекции, падови и подеми. Тоа е живот. А како да ме плаши животот? Животот не е за да се плашиме од него, туку за да му се радуваме.
Емисијата „Нешто конкретно“ и оваа сезона привлекува големо внимание. Што е тоа што, според тебе, ја прави толку блиска и интересна за гледачите?
– Верувам дека луѓето ја чувствуваат блиска затоа што таму отвораме теми што сите ги зборуваат дома, на маса, со другарки, во кафеана, но некако не се смета за пристојно да се кажат јавно. Токму затоа постои „Нешто конкретно“, да го извади на маса и она што сите го мислат, а малкумина го кажуваат на глас.
Во емисијата често се случуваат интересни и искрени разговори со гостите. Дали има некој момент или гостин од оваа сезона што особено ти останал во сеќавање?
– Многу си ги сакам гостите. По секое гостување, некако ги доживувам како блиски луѓе и знам да им кажам на шега: „Сите сум ве поминала“. Искрено, секоја емисија ми остава нешто. Морам да кажам дека и на јавната и на нејавната сцена, имаме навистина прекрасни, умни, духовити и добри луѓе. Луѓе со правилен поглед кон светот и со вистински вредности. И таман кога ќе помислиш дека веќе си слушнал сè, ќе дојде некој гостин и ќе ти отвори сосема нов агол. Ја сакам онаа неизвесност, и моја и нивна, на гостите, кои првпат доаѓаат, но ги сакам и оние што веќе се одомаќинети во „Нешто конкретно“, а кога ќе се направи таква комбинација од дебитанти и ветерани, па тоа е магија!
Како сте по дома? Двајцата синови се во години кога никому не му е лесно. Како се снаоѓаш со предизвиците и колку ти се враќаш во тинејџерските години?
– Дома е живо, како што треба да биде. Едниот син веќе е свој човек – студент е и живее сам во странство. Другиот е деветто одделение. Двајцата се сосема различни, но братски сложни. Многу разговараме, дебатираме, коментираме. Малку тие мислат дека знаат сè, малку јас мислам дека знам повеќе. Малку јас ги прашувам: „И сега кај да кликнам на компјутерот“, малку тие мене: „На колку да ја вклучам рерната?“. Сè додека речениците се завршуваат со точка или прашалник, добро е, кога игра извичникот – e тогаш е ризично.
Невозможно е да не те прашам дали уште стануваш најрано од сите. И дали следат оние здрави навики – велосипед, пилатес, житарки и слично?
– Станувам како војник. Пред сите, па и пред алармот. Тоа не се сменило. Само што сега, покрај сè друго, внесувам и тренинг со тежина и повеќе протеини, бидејќи возраста го наложува тоа. Повеќе мускули – побрз метаболизам. Повеќе протеини – повеќе колаген. Добрите навики не треба да се менуваат, туку да се приспособуваат. Тоа е целата филозофија.


