Рита Конзулова, инструкторка по пилатес/Фото: Приватна архива

Интервју со Рита Конзулова, инструкторка по пилатес: За правилно држење на телото и цврсти мускули, најдобро е два-три тренинзи неделно

Првите промени најчесто се чувствуваат интерно – подобра стабилност и контрола – а видливите резултати следуваат по неколку недели конзистентна практика.

Со доаѓањето на пролетта станува сè поголема и потребата за форма и активност. Пилатесот одамна е хит, а во последно време и вежбањето на реформер зема поголем замав.

Во интервјуто за „Слободен печат“ разговараме со Рита Конзулова, една од нашите најбарани инструктори по пилатес, во чие студио за динамичен пилатес таа помага за одржување на телото, но ни ги открива и тајните за добар изглед, дефинирани мускули, зошто е добро вежбањето и колку пати е идеално да се вежба за убаво и здраво тело.

Со доаѓањето на пролетта, луѓето повеќе мислат на оформувањето на телото и на физичката активност. Дали ова е период кога има зголемен интерес за пилатес и за вежбање?

– Пролетта природно го активира чувството за обновување, и на телото и на навиките. По зимскиот период, луѓето стануваат посвесни за потребата од движење, енергија и структура во секојдневието. Токму затоа, интересот за организирано и стручно водено вежбање значително расте. Пилатесот особено се издвојува затоа што нуди интелигентен и систематски пристап кон враќање во форма, без екстремни оптоварувања.

Пилатесот е хит, речиси не постои некој што не вежба, па на што ѝ се припишува оваа популарност?

– Популарноста на пилатесот не е случајна, таа е резултат на метод што е истовремено научно заснован, функционален и одржлив на долг рок. Луѓето сè повеќе бараат тренинг што не е само „потрошувачка на калории“, туку систем што го подобрува начинот на кој телото функционира. Пилатесот ја развива телесната интелигенција, свесноста за движење, контрола и дишење, и токму таа длабинска работа носи трајни резултати.

Рита Конзулова, инструкторка по пилатес / Фото: Приватна архива

Што точно е реформер пилатес и по што се разликува од класичниот пилатес на подлога?

– Реформер пилатес е напредна форма на пилатес тренинг што се изведува на специјализирана справа со систем на пружини и подвижна платформа. Таа механика овозможува прецизно дозирање на отпорот и насочување на движењето. За разлика од пилатесот на подлога, каде што отпорот најчесто е сопствената тежина, реформерот овозможува и поддршка и предизвик во исто време, што значи побезбедна техника, поголема варијабилност и попрецизна мускулна активација.

Кои се најголемите придобивки од редовно вежбање пилатес, физички и ментално?

– Физички, пилатесот го подобрува држењето, стабилноста на трупот, подвижноста на зглобовите и мускулната рамнотежа. Тој работи на квалитет на движење, а не само на квантитет.
Ментално, ефектите се подеднакво значајни – подобрена концентрација, намалување на стресот и подобра регулација на нервниот систем. Пилатес-тренингот е форма на активна медитација во движење – присутноста е суштински дел од секоја вежба.

Рита Конзулова, инструкторка по пилатес / Фото: Приватна архива

Дали реформер-пилатесот дава побрзи или поизразени резултати во однос на класичниот пилатес?

– Во многу случаи, реформерот овозможува побрзо препознавање и корекција на движењето, што може да доведе до поизразени резултати. Но, клучниот фактор не е изборот на алатката, туку континуитетот и квалитетот на изведбата. Методот е ефикасен во сите свои форми кога се практикува систематски.

Сè повеќе има и пилатес-тренинзи за деца. Кои се придобивките од ваков тип тренинг во рана возраст?

– Раната возраст е идеален период за развој на моторичка писменост, координација, рамнотежа, просторна ориентација и контрола на телото. Пилатес принципите, адаптирани за деца, создаваат одлична база за здрав раст и за кој било понатамошен спорт. Особено сме горди што кај нас конечно се реализираше програмата Fame Fit Junior – новитет што долго го подготвувавме. Станува збор за стручно структуриран пристап за деца од 3+ години, со методологија приспособена на возраста, преку игра, движење и внимание. Интересот е навистина голем, што покажува дека родителите сè повеќе ја препознаваат вредноста на рано насочено, квалитетно движење.

Рита Конзулова, инструкторка по пилатес / Фото: Приватна архива

Дали пилатесот може да помогне кај неправилно држење на телото и болки во грбот, особено кај луѓе што многу седат?

– Пилатесот е еден од најсоодветните системи токму за тие состојби. Тој работи на длабоките стабилизаторски мускули, ја подобрува биомеханиката и ги ресетира погрешните модели на движење што се создаваат со долготрајно седење. Со правилен пристап, може значително да се намали напнатоста и да се подобри држењето.

Колку често треба да се вежба за да се видат реални резултати?

– Оптимално е два-три пати неделно со стручна насока. Првите промени најчесто се чувствуваат интерно – подобра стабилност и контрола, а видливите резултати следуваат по неколку недели конзистентна практика. Пилатесот не е „брз ефект“, туку метод на градење функционално тело.

Рита Конзулова, инструкторка по пилатес  / Фото: Приватна архива

Што би им препорачале на луѓе кои сакаат да почнат со реформер или со класичен пилатес и колку вежбањето влијае врз доброто расположение?

– Изборот зависи од можностите и целите, но реформер пилатесот е одличен почеток бидејќи овозможува индивидуализација и прецизна контрола. Класичниот пилатес е подеднакво вреден и достапен. Најважно е да се започне со водство и разбирање на принципите.

Во однос на расположението, ефектот е директен и мерлив. Свесното движење, контролираното дишење и чувството на напредок создаваат психофизичка рамнотежа. Луѓето доаѓаат по резултати, но остануваат поради чувството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот