Интервју со проф. д-р Ана Фрицханд, психолог: Пандемијата предизвика историски пораст на анксиозно-депресивните состојби

Предизвикот пред менталното здравје на луѓето станува навистина голем.

Професорката и доктор по психолошки науки, Ана Фирцханд, од Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје, според мислењето на студентите е една од најинспиративните професорки. Вели дека гради релација со студентите, која се заснова на меѓусебна доверба и почит, па не изненадува што се многу посетени нејзините предавања. Авторка е на бројни трудови, а активно била вклучена во активности и проекти што се однесуваат на подготовка на стратешки документи, оценување и евалуација на напредокот во спроведувањето на промените во основните и средните училишта. Своето образование го надоградила и во САД, како стипендистка на Амбасадата на САД и Американскиот Стејт департмент.

Еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат денешните семејства, веројатно е како да се хармонизира брзиот начин на живеење, кој е под доминација на сè понапредната техника и технологија и некои семејни вредности што подразбираат контакт лице в лице, квалитетно заедничко време поминато во разговор, дружење.

Често кај нас се случува личност да одлучи да оди на психотерапија, но нема јасна претстава за разликата меѓу психолог, психијатар и психотерапевт. Кога една личност треба да се обрати на психолог, и што значи да се биде добар психолог?

– Добар психолог, или јас би кажала успешен во својата професија како психолог, е оној кој најнапред има многу солидно теоретско знаење, стекнато, пред сè, низ формални додипломски студии по психологија, потоа практично искуство, како и одреден сет на неопходни личносни карактеристики. Секој психолог во својата работа е должен да се придржува до етичкиот кодекс на психолози. Да се биде добар психолог значи многу нешта, меѓу кои припаѓаат изградени комуникациски вештини, развиена способност за активно слушање со цел да се разбере соговорникот, висока емпатија и самоконтрола, висока емоционална зрелост и одговорност, трпеливост и активна толеранција, смиреност и одмереност и уште многу други вештини и способности. Во однос на прашањето кога некој треба да се обрати на психолог, ќе Ви одговорам кратко – секогаш кога за тоа ќе почувствува потреба.

Дали е помалку табу од порано да се зборува со околината за потребата од посета на психолог? Од што најмногу се плашат луѓето да посетат психолог?  

– Сметам дека во нашето општество сè повеќе се детабуизира одењето на психолог, посебно кај младите генерации, што е добар знак, иако сè уште не сме ги достигнале западноевропските земји или САД во поглед на подразбирањето да се посети психолог кога се соочуваме со одреден личен предизвик, исто како што без двоумење би отишле, на пример, кај стоматолог кога нè боли заб. Психологијата е една од најпопуларните и најактуелни науки во светот, а со самото тоа и професијата психолог. Оттука, секоја година многу адолесценти одбираат да го продолжат своето образование токму на овие студии, што оди во прилог на тоа што го реков погоре. Во минатото, перцепцијата на одењето на психолог како знак дека „нешто не е во ред“ со конкретниот поединец, беше причина луѓето да одбираат други начини да си помогнат, наместо да посетат стручно лице. Сепак, ќе повторам, денешните трендови се многу поинакви и попозитивни од овој аспект.

Вашата докторска тема беше „Моралното мислење и моралната слика за себе во периодот на адолесценција“. Некои психолози наведуваат дека моралните карактеристики се дефинираат во раното детство, има ли вистина во тоа? Што се случува со моралната слика денес кај нашите адолесценти, кога примерите за моралните идентификатори се изместени?   

– Апсолутно е вистина дека сè започнува во семејството уште од најрана возраст – процесот на социјализација, градењето на личноста, стекнувањето на систем на морални вредности, развојот на идентитетот и слично. Родителот/ите – старателот/ите се првите модели на идентификација кои детето ги следи, имитира, се идентификува и учи од нив, поради што е од исклучителна важност тие да бидат позитивни и стабилни. Подоцна, во развојот на поединецот свој придонес даваат и други агенси на социјализација, како што се наставниците и врсниците. За адолесцентите е карактеристично да се бараат себеси, да поминуваат низ криза на идентитетот, да ги преиспитуваат стекнатите вредности, да следат различни модели и идеологии. За жал, изборот на негативни модели на идентификација има силно негативно влијание врз севкупниот развој на младиот поединец, што се одразува и во неговата морална слика за себе. Секако, не би сакала да генерализирам на сите адолесценти, бидејќи постојат многу индивидуални разлики и секој има различен степен на критичко  мислење и селективност при изборот на моделите на идентификација. Каков модел избрал/а адолесцентот/ката, може да се види низ неговото/нејзиното однесување, начин на комуницирање со врсниците и авторитетите, вредностите што ги застапува, животните цели кон кои се насочува итн.

Може ли да се зборува за некој доминантен проблем во денешните односи меѓу родителите и децата? Тешко е да се генерализира, но како гледате на денешните семејства со деца во Македонија?

– Во психологијата никогаш не може до крај да се генерализира поради уникатноста на секој поединец. Семејствата, како микросредини, прилично се разликуваат меѓу себе. Отсекогаш односот родители-деца бил исполнет со предизвици зависно од возраста и потребите на детето, но и на родителот/ите. Еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат денешните семејства, веројатно е како да се хармонизира брзиот начин на живеење, кој е под доминација на сè понапредната техника и технологија и некои семејни вредности кои подразбираат контакт лице в лице, квалитетно заедничко време поминато во разговор, дружење итн. Практично, станува збор за различни животни стилови – оној на детето и оној на родителот/ите – кои возрасните треба да ги усогласат на взаемно прифатлив начин.

Колку порано се препознае проблемот и се започне со негово решавање, толку развојната перспектива на детето ќе биде подобра.

Зошто родителите често сметаат дека проблемот сам од себе ќе се реши и дека нема потреба нивното дете да посети психолог?

– Причините за вакво однесување на родителите можат да бидат различни. Сепак, сакам да нагласам дека колку порано се препознае проблемот и се започне со негово решавање, толку развојната перспектива на детето ќе биде подобра.

Сè повеќе млади луѓе се жалат дека од сè им е преку глава. Родителите ги нервираат или не ги разбираат, незадоволни се од животот во својата земја, не можат да најдат работа… Колку младите се денес (не)снајдени во оваа криза на општеството и идентитетот?

– Сметам дека тоа не е случај само кај нас, туку младите генерално се соочуваат со сè повеќе предизвици во животот. Една од причините е свесноста за широката палета на избори што постојат, но немањето можност да ги изберат и/или реализираат сите што тие би сакале. Од друга страна, дилемите и несигурноста дали ќе го направат вистинскиот и најдобар избор, исто така, придонесува кон ваквата состојба. Неизвесноста поврзана со иднината – лична и професионална – е уште една причина на комплексната листа причини за можното неснаоѓање. Сепак, сведоци сме и на многу успешни приказни на многу млади луѓе, така што јас би се држела до нив како светла точка која покажува дека кога се сака и се умее, тогаш и се може.

Младите денес сè потешко носат одлука да се одвојат од родителите. Дали се претворивме во хедонистичко општество кое бега од одговорности и обврски?

– Според мене, причините што младите сè подоцна се одделуваат од родителите лежат делумно во карактеристиките на нашата култура, делумно во тоа што го наведувате во прашањето – во хедонизмот, но веројатно најмногу во немањето можност за брзо наоѓање работа по завршување на студиите и за реализирање на финансиска независност од родителите.

Самите психолози велат дека со коронакризата, а веројатно и по неа, ќе имаат полни раце работа. Кои се причините за појава на психолошки проблеми во кризни ситуации каква што е актуелната? И како да се остане нормален во новото нормално?  

– Колегите психолози и психијатри ширум западните земји се согласни дека пандемијата на ковид-19 предизвикува историски пораст на анксиозно-депресивните состојби во овој дел од светот. Во кризни ситуации, чувствата на страв и несигурност се генерално очекувани и разбирливи, што е случај и сега. Ако на ова се додаде сериозноста на конкретната пандемија од повеќе аспекти, како и изменетиот начин на живот, кој е последица од имплементацијата на неопходните мерки за заштита на личното здравје и здравјето на другите, предизвикот пред менталното здравје на луѓето станува навистина голем. Оттука, сите насоки за задржувањето на психичката стабилност сугерираат да се остане позитивен, да се воспостави работна структура во денот, да се одржуваат социјалните контакти, посебно со најблиските, користејќи ги можностите што ги нуди напредната технологија, да се прават работи што нè чинат среќни и слично.

Едно женско прашање, зошто жените денес сè потешко наоѓаат партнери?

– Можеби заради повисоките лични критериуми, поголемата свесност за себе и своите квалитети, поголемата асертивност, поголемите амбиции на професионален план и неподготвеност да прават компромиси кога е во прашање кариерата, поголемата независност и повисокото себепочитување итн. А секако, веројатно е и до партнерите, но тоа е тема на друга дискусија.

Како Вие се носите со вашето секојдневие и со работата која знае да биде многу стресна? Дали и Вие некогаш имате потреба од разговор со психолог?

– Се обидувам од секој ден да го извлечам максимумот, да научам нешто ново, да гледам позитивно на работите. Некогаш има денови кога стресот е многу висок, но и денови кога не ми е до ништо. Тогаш го „ресетирам системот“ низ разговор со пријателките, со некоја релаксирачка активност, или користејќи ја предноста на професијата – кога сте психолог имате многу колешки психолози на кои можете да им се обратите во секое време – нешто што го практикувам без двоумење, секогаш кога ми треба оддишка од тешкиот ден.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот