Елена Велевска/Фото: Стефан Соколовски (Бад Стеф)

Интервју со пејачката Елена Велевска: Животот не е секогаш розов, но јас ја знам мојата вредност

Како жена што поминала многу низ животот, знаејќи дека животот не е само розов, мојот совет до жените е да не дозволиме никој да нѐ крши и да ни ја намалува вредноста.

Фолк-пејачката Елена Велевска долги години е дел од музичката сцена. Неодамна ја промовираше својата нова песна „Еј, жено“, за која вели дека како жена што поминала многу низ животот, знаејќи дека животот не е само розов, токму оваа песна ја отпеала со посебна емоција.

Во разговорот за „Слободен печат“ со Елена зборуваме за новата песна, животните предизвици, за мајчинството и кариерата.

Новата песна „Еј, жено“ носи силна и емотивна порака. Што беше првото нешто што го почувствува кога ги отпеа стиховите?

– Првото чувство беше вистина и тага преточени во песна што е направена и чувана за мене пет години. Ќе бидам искрена, ја отпеав строфата со многу емоција и застанав. Продуцентот ме праша зошто застанав, а јас кога се балади во прашање знам да се расплачам.

Што ја прави толку различна од претходните песни?

– Современиот звук, стилот, мене искрено ми звучи евровизиски. Некако се надминавме сите што работевме на песната. Секој во својот домен.

Песната излезе на Денот на жената и е посветена на сите жени. Кој е твојот личен совет до жените што поминуваат низ тежок период?

– Како жена што поминала многу низ животот, знаејќи дека животот не е само розов, мојот совет до жените е да не дозволиме никој да нѐ крши и да ни ја намалува вредноста. Затоа што Бог кога нѐ создавал, создал сила полна со љубов и нежност и ние вредиме, но сепак од нас зависи дали ќе го добиеме вистинскиот третман за жена. Затоа, паметно да избираме.

Елена Велевска / Фото: Стефан Соколовски (Бад Стеф)

Како мајка на три деца и успешна пејачка, колку е предизвик да се балансира меѓу семејството, мајчинството и кариерата?

– Јас се соочив со сите предизвици. Имам работа што ја обожавам, три прекрасни деца што се полни со разбирање за моето отсуство кога морам да заминам и секогаш ме прави среќна другите да се задоволни и безгрижни. Јас знам дека ќе се снајдам со мојот талент, Бог не ме оставил никогаш. Тој ги сака скромните.

Сега кога веќе се пораснати, колку се вклучени во музичкиот свет? Ти даваат ли мислење за новите песни и колку си строга мајка, а колку повеќе другарка?

– Секогаш ме изненадуваат со некоја песна, инструменталка, подароци што ми подготвиле како изненадување и секој сака да се докаже во она во што е најдобар. Кога избирам песна, многу ми е битно мислењето на Софија, таа има предност во музичкиот свет. Генерално не сум строга мајка, бидејќи децата ми се слабост и секогаш сме пријателски расположени да комуницираме на секоја тема од животот.

Ако се вратиш на самиот почеток на кариерата, дали беше тешко да се избориш за своето место на македонската сцена?

– Патот беше многу беше трнлив, преполн со предизвици, стапици, лаги, невистини, скандали, но кога ќе станеш имун на сѐ, победува вистината. Јас сонував за ова што сум денес, го живеам мојот сон.

Елена Велевска / Фото: Стефан Соколовски (Бад Стеф)

Во текот на годините публиката гледаше различни фази од Елена Велевска… Дали чувствуваш дека сега си во најзрелата музичка фаза?

– Да. Се изградив како личност и уметник, речиси 30 години сум на музичката сцена. Важам за најстабилен и најодговорен уметник кога е професионалноста во прашање.

Кога не си на сцената, каква е Елена приватно? Што најмногу те релаксира?

– Премногу посветена мајка, секогаш гледам сѐ да им надополнам на децата што им треба и да не бидат запоставени во ништо. Најмногу ме релаксира одењето во теретана, масажите, спа-центрите. А, ќе заборавев, најмногу ме релаксира шопинг, ха-ха-ха…

Како и секоја жена, колку внимаваш на изгледот и дали те плаши стареењето?

– Порано внимавав на секоја калорија, сѐ додека не сфатив дека здравјето е најбитно. Сега не сум преокупирана со калориите, туку да сум здрава, пред сѐ. Стареењето не ме плаши, бидејќи секоја деценија е убава. Најбитно ми е што знам да се справам со него.

Што следува по оваа песна?

– По оваа песна следува нова песна пред летото. А, дотогаш ќе ја форсирам „Еј жено“ и ќе работам на спотовите за албумот „Осум аманети“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот