Пере Нокаут со семејството/Фото: Приватна архива

Интервју со Никола Перевски-Пере: Со четири ќерки учиш трпение, нежност и љубов

„Михаела, Каја, Софија и Ирис… како е? Убаво, гласно, динамично и полно со љубов. Дома секогаш има некаква енергија, некоја тема, смеа, емоции, некое движење.“

Во пресрет на големиот концерт на 9 мај, разговаравме со фронтменот на групата „Нокаут“, Никола Перевски-Пере. По повод три децении на сцената, бендот подготвува концерт што ќе ја надмине класичната форма и ќе прерасне во заедничко доживување со публиката. Во интервјуто Пере зборува за приватниот живот, нагласувајќи дека токму семејството, мирот и искрените човечки односи се неговата најголема сила и баланс зад сцената.

Што ќе го направи концертот на 9 мај посебен и незаборавен?

– Овој концерт е важен затоа што зад него стојат 30 години музика, труд и публика. Ќе има голема продукција, фасцинантна овална бина, концертен ринг сместен на самиот центар во средината на салата, моќно озвучување, светлосни ефекти и голем ЛЕД-екран сместен на плафонот од сцената за првпат ќе ја претворат салата „Јане Сандански“ во вистинска музичка арена од 360 степени, што ни дава дополнителна позитивна возбуда, многу внимание на секој детаљ, но најважно е чувството. Сакам таа вечер луѓето да не гледаат само концерт, туку да бидат дел од една голема приказна што трае три децении.

На сцената ќе ви се придружат и многубројни гости. Колку ти значат тие соработки и имаш ли трема?

– Многу ми значат, затоа што секој од тие луѓе е дел од нашата приказна на некој начин. Кога делиш сцена со луѓе што ги цениш, вечерта добива уште поголема тежина. Очекувам силна енергија, многу емоции и убава атмосфера.
А трема има секогаш. И по толку години, пред важен концерт, нормално е да ја има.

Кој е клучот што „Нокаут“ остана омилена група на публиката?

– Мислам дека клучот е во тоа што никогаш не сме се форсирале да бидеме нешто што не сме. Секогаш сме оделе со искрена емоција и со песни во кои навистина веруваме. Публиката тоа го чувствува. Кога луѓето ќе се препознаат во твојата музика, тогаш таа трае.

Како изгледаа почетоците на бендот и како беше да се биде популарен на крајот на деведесеттите години?

– Почетоците беа убави, но и тешки, како и кај секој бенд. Имаш многу желба, многу идеи, а малку услови и тогаш сè правиш со срце. На крајот на деведесеттите популарноста беше поинаква од денес. Немаше толку социјални мрежи, па луѓето те запознаваа преку песните, настапите на таа една телевизија и контактот во живо. Тоа беше многу непосредно и многу вистинско.

Што ги прави песните „Временска машина“ и „Лебедот бел“ толку безвременски?

– Мислам дека во тие песни има искрена емоција. Кога песната е чесно направена и кога носи вистинско чувство, тогаш таа не старее. Луѓето и денес се пронаоѓаат во нив и тоа е најголем доказ дека песната има живот. Хит е едно, но песна што трае е нешто сосема друго.

Бендот помина низ промени во составот, но приказната остана. Како тоа влијаеше врз тебе?

– Секоја промена влијае, и професионално и лично. Нормално е низ годините да се менуваат околности, луѓе и фази. Тоа не е секогаш лесно, но те учи да бидеш постабилен и појасен во тоа што сакаш. И како музичар и како човек, денес сум многу посмирен и посигурен во себе.

Како е да се биде татко на четири ќерки?

– Михаела, Каја, Софија и Ирис… како е? Убаво, гласно, динамично и полно со љубов. Дома секогаш има некаква енергија, некоја тема, смеа, емоции, некое движење. Со четири ќерки учиш многу за трпение, внимание и нежност. Искрено, тоа многу ме оформи како човек.

Ќерката Михаела е дел од „Нокаут“ како придружен вокал. Какво е чувството да делите сцена?

– Тоа е посебно чувство. Како татко, горд си, а како музичар — среќен си кога гледаш дека сцената и музиката имаат продолжение. Михаела носи своја енергија, создава своја музика, текстови, продукција и многу убаво влијае врз сè што работиме. За мене, тоа не е само музичка соработка, туку и многу лично доживување.

Колку сопругата Јована ти е поддршка и како почна вашата љубовна приказна?

– Јована ми е огромна поддршка. Во овој ритам на живот и работа, во овие луди и динамични времиња многу е важно дома да имаш човек што те разбира и ти дава мир. Таа улога не се гледа однадвор секогаш, но е пресудна. А нашата приказна почна едноставно, природно и со време стана нешто многу цврсто и вредно.

Каков е Пере приватно, зад сцената? Што те прави среќен, а што те вади од такт?

– Приватно сум многу мирен и семеен човек. Ме прават среќен малите работи, домот, блиските луѓе, добар разговор, чувство на мир. Од такт ме вадат неискреност, непочитување и површност. Сакам работите да бидат едноставни и човечки.

Неодамна наполни 48 години. Те плашат ли годините и дали би сменил нешто?

– Не ме плашат. Мислам дека годините носат јасност, а тоа е добра работа. Со текот на времето учиш што вреди, а што не вреди да ти ја троши енергијата. А дали би сменил нешто? Веројатно сите би смениле по некоја одлука, но искрено, сè што ми се случило ме донело до ова што сум денес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот