Интервју со музичката легенда Тихомир Поп Асановиќ: Никогаш не сакав да правам компромиси со мојата музика
Мајсторот на Хамонд, рок-визионерот и основач на култни групи од времето на Југославија, Тихомир Поп Асановиќ, на 10 март, во салата на Филхармонија во Скопје, ќе одржи концерт со голем број музички гости.
Препорачано
Човекот што ја одбележа балканската рок-сцена, а кој својата младост ја помина во Скопје, со концерт ќе им се заблагодари на Македонците за убавите сеќавања што го следат целиот живот. Легендарниот џез и рок-органист Тихомир Поп Асановиќ по многу години се враќа во Скопје.
Неговото име е запишано во составот на култните рок-групи „Тајм“, „Децембер“ „Ју-група“, „Смак“, а соработувал и со Јосипа Лисац, Миљенко Прохаска, како и со нашите Влатко Стефановски и Владо Јаневски.
На концертот во Скопје со него на сцената ќе настапат Влатко Стефановски, Рамбо Амадеус, Амир Гвирцман, Јани Модер, Јован Маљковиќ, Драги Јелиќ, Карин Земљиќ, Јан Стефановски и други специјални музички изненадувања. Кога го договоривме интервјуто рече дека ќе зборува кратко, бидејќи има премногу за кажување. Секако, разговорот почна со сеќавањата на Скопје.
Со концертот во Скопје се враќате таму каде што почна вашата кариера. Во какви сеќавања ви е Скопје од вашата младост?
– Се сеќавам на мојот прв концерт кога имав само 6 и пол години во некогашниот Дом на ЈНА на плоштадот „Слобода“. Концертот се одржуваше на крајот на секоја музичка година и, секако, изведував класични композиции. Младоста во Скопје ми остана во многу убаво сеќавање, имав многу добри пријатели, а со некои од нив и ден-денес се дружиме кога ќе дојдам во Скопје. Два дена по земјотресот во 1963 година го напуштив Скопје.

Што придонесе да станете музичар?
– Мојот татко беше музичар во воениот оркестар, а потоа премина во Скопскиот оркестар на РТС. Во тоа време се запознав со многу музичари и бев опкружен со свирење, така што уште од мал веќе бев во светот на музиката и многу рано почнав да свирам на клавир. Не сум бил член на Ревискиот оркестар на РТС, туку бев дел од еден аматерски оркестар што беше составен од постари членови на оркестарот на РТС и млади музичари со кои тогаш стекнувавме искуства во музиката. Подоцна настапував со Загрепскиот биг-бенд под диригентската палка на Миљенко Прохаска и на Силвије Глојнариќ, потоа и со Љубљанскиот биг-бенд со Прившек, а како гостин свирев и со Белградскиот биг-бенд.

Кога се појави Хамонд органата во вашиот живот?
– Додека бев во Германија свирев во американските клубови и тогаш ја купив органата Хамонд. Од Швајцарија во 1971 година се вратив во Загреб, каде што свирев со групата „Генералси“. Тогаш бев првиот што донесе Хамонд во Југославија. Во тоа време имаше летна турнеја со наслов „Адријатик шоу“ и свиревме од Анкаран во Словенија до Улцињ во Црна Гора и назад до Анкаран. Сите кои нѐ слушаа на тие концерти беа воодушевени од тоа како звучиме.
Подоцна од групата „Генералси“ со Бенч ја направивме групата „Септембер“, а место италијанскиот тапанар Масимо Вито дојде Ратко Дивјак. По таа турнеја се вратив во Загреб, каде свиревме џез со Бошко Петровиќ и со Миљенко Прохаска. Во меѓувреме ја основавме групата „Тајм“ и го снимивме култниот албум со кој ја добивме наградата „Порин“ за животно дело.
Во тоа време бев дел и од снимањето на албумот „Дневник једне љубави“ со Јосипа Лисац. Како студиски музичар работев со многу пејачи и групи во тоа време. Со Јанез Бончина – Бенч ја основавме групата „Септембер“ и ги снимивме албумите „Задња авантура“ и „Домовино моја“, како и моите два самостојни албуми „Мајко Земјо“ и „Поп“. Како млад музичар свирев со многу светски музичари, како Слајт Хептон, Реј Чарлс, а се дружев и со Френк Запа.
Што значеше во тоа време да се биде џез, рок или поп-музичар?
– Компонирав музика која во 70-тите години на минатиот век беше пред своето време, особено за млади луѓе, и создавав прогресивен рок, џез-фјужн, поп-рок. Никогаш не сакав да правам компромиси со мојата музика. Никогаш не бев наклонет кон тоа да правам хитови (шлагери), туку само тоа што во тој момент чувствував дека треба да го изразам, дури и ако е помалку комерцијално.

Каков предизвик беше по многу години да се вратите на сцената со албумот „Повратак првој љубави“?
– Главниот предизвик за враќање на сцената и снимањето на тој албум беше да потврдам дека сѐ уште постојам и дека имам уште нешто да кажам – да оставам нешто зад себе. За тој албум, кој музичката фела го прогласи за најдобар клупски албум, добив четири награди „Порин“. Албумот го објави дискографската куќа „Кроација рекордс“ од Загреб. На тој албум соработувам со многу музичари, а меѓу нив се и Владо Јаневски и Златко Гал. Владо ги напиша поголемиот дел од текстовите, како и за новите песни на албумот по повод 60 години музичка дејност. Тој концерт во Загреб го снимаше и ХРТ.

Како, воопшто, се појави можноста да одржите концерт во Скопје и кој е во организацијата на концертот?
– Отсекогаш сум имал желба по 60 години музичка кариера да настапам пред моите Македонци, значи таму каде што влегов во светот на музиката. На моите Македонци ќе им претставам свој, секако скратен, 60-годишен опус со моите гости на концертот. Ќе отсвириме и ќе испееме некои песни од моите самостојни албуми, ќе има и песни од времето на групата „Септембер“, а ќе ја има и „Македонија“. Исто така, се надевам дека наскоро ќе настапам и со Скопскиот биг-бенд.
Однапред сакам да се заблагодарам на винарницата „Тиквеш“, која слави 140 години, и на казиното „Фламинго“ во Скопје, а секако и на мојот организатор и продуцент Тодор Тошо Ивановски од Битола и на Здравко Ситновски (Ситна).
Фотографиите се од приватната архива на Тихомир Поп Асановиќ
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 322, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28.2.-1.3.2026)


