Интервју со Миа Костова: Го препознав син ми Андрија во малиот Никола

Фото: Приватна архива

Миа Костова во изминативе денови е херој за многумина, затоа што на нејзина инцијатива за само 24 часа мотивираше 300 луѓе и се собраа 18.000 евра што ќе бидат наменети за лекување на момче кое е ученик во четврто одделение во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“. Како грижлива и посветена мајка, Миа за „Слободен печат“ вели дека го препознала својот син Андрија во малиот Никола и раскажува како реагирале неговите родители кога слушнале за донациите. За себеси вели дека отсекогаш е емотивна и емпатична, а блиските ја знаат како Миа која никогаш нема да сфати колку може и која е. За хуманата приказна што се случи за само еден ден, познатата водителка и инфлуенсерка искрено зборува во ова интервју.

Во кој момент точно реши дека ќе се обидеш да му помогнеш на Никола, веруваше ли од старт дека ќе успееш и кој прв ти излезе во пресрет?

– Секогаш се водам по интуиција и никогаш предолго не ги смислувам работите, ниту ова беше некој голем план. Искрено, на првата објава го препознав Андрија во малиот Никола и не престанав да го мислам два дена. На тоа се надоврзаа луѓе што ги познаваат родителите, а го знаат и малиот Никола и немав никаква идеја како да подбутнам донациите да одат побрзо, па уредно си прашав на инстаграм-стори дали некој има некаква идеја. Први се јавија sweetthingsmk. кои и ја дадоа идејата и така почна сѐ. Порака за порака, донација за донација, се случи чудо.

Колкава сума во пари и во други донации во моментов е собрана?

– Немам точни информации, сумата во пари ја знаевме отприлика тековно, а донираа околу 300 мали бизниси свои производи, кои беа на продажба со донација за Никола. Неизмерно сум им благодарна апсолутно на сите.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Mia Kostova (@miandrija)

Дали се слушна со блиските на Никола или со него лично, како реагираа кога дознаа што е направено за рекордно време?

– Зборував само со таткото на Никола околу големите донации, луѓето од почеток до крај не беа многу свесни што се случува, не следеа на социјални мрежи, не беа во Македонија, на секој мој повик беа прилично збунети но, крајно верувам дека се еднакво среќни како и сите ние.

Дали можеби некоја твоја лична приказна ти беше инспирација да го сториш ова хумано дело, имало ли период кога тебе ти требала помош, а не си ја добила во некоја тешка ситуација?

– Не, не ми се случило фала богу и дај боже никому да не затреба. Јас сум многу емотивна по природа и многу ме допираат приказни од овој тип. Па, дури и приказни за напуштени животни или каква било потреба од помош.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Mia Kostova (@miandrija)

Имало ли и други слични иницијативи за кои досега не си зборувала, а си била активен учесник?

– Не сум човек што зборува кога го прави тоа ниту ќе зборувам во иднина. Овој пат мораше вака. Јас знам колку, каде и како имам помогнато.

Кога виде колку напредува работата со донациите како реагираше, кога ќе си легнеш навечер по една ваква приказна – што си помислуваш во себе?

– Немав ни крајна мисла дека ова вака ќе заврши за помалку од 24 часа. Првата ноќ не спиев воопшто особено не заспав по донацијата од 10.000 евра. Од друга страна, пак, единствена мисла ми е само да сме сите живи здрави и на број. Блиските ме знаат како Миа што никогаш нема да сфати колку може и која е. Ништо посебно не мислам за себе освен што сум свесна дека имам армија луѓе што ми веруваат. И тоа е она што ми дава неверојатна среќа во душата. За да го постигнеш ова не треба да си познат, треба да ти веруваат. Уште еднаш кога би можела, би отишла лично да ги гушнам сите 300 луѓе што застанаа зад оваа приказна.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот