Интервју со Мартин Џорлев – човек оркестар: Ќе продолжам да свирам и да творам, сѐ додека тоа ме прави среќен

Мартин Џорлев, Фото: Приватна архива

„Првиот целосен албум на „Стој, После!“ се состои од четири дела: доживување/дознавање, сеќавање/истражување, шум шума загуба и псалм. Вие одлучете кој каде почнува и каде завршува. Мојот начин е само еден. За времето и за жнеењето, за татко ми и за куќите што ги изградивме, а и оние што не“, пишува Мартин.

Мултиталентираниот Мартин Џорлев има само 20 години и свири во неколку проекти, меѓу кои се „Луфтанза“, „Зулу 3.4“ и соло-проектот „Стој, После!“. Син е на музичкиот великан Зоран Џорлев. Презимето Џорлев е врежано во нашата културна свест како доминантна асоцијација на музичка вредност, а Мартин не само што ја оправдува асоцијацијата, туку со уметничка независност го освојува просторот на алтернативната музичка сцена.

Албумот „Умре ти, се родив јас“ е творба од највисок ред, која докажува дека некои од нас се благословени од музите. Делото не само што стои како единствено по форма, дух и жанр, му се додава уште една значка на реверот за стихозбирка.

„Имам мастило на моите дланки на малиот и на прстот до него, повторно изгубен, цели панталони мокри вчера ми подарија ново пенкало“, да се повикам на стиховите од неговата песна „Ѕид“ – со радост ги консумираме творбите на новото пенкало.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Martin Djorlev (@martindjorlev)

Како е да се расте во духот на песната? Колку има влијаено музичкото наследство на твоите предци во твојот уметнички израз?

– Би рекол дека е убаво да се расте со музика. Како дете сѐ поврзано со музиката е многубројно и игриво, но како што човекот расте и навлегува подлабоко во нијансите на човечката емоција, ја слуша музиката и почнува да ја разбира нејзината духовна тежина, дека покрај игривоста постои и некој елемент на духовно ослободување при нејзиното слушање, а би рекол посебно при нејзиното правење. Мислам дека тоа што имам музичко наследство го има забрзано тој процес, со тоа што уште како мал гледав еден многу убав пример на таа душа – уметност врска во личноста на дедо ми и татко ми.

Деби-албумот „Умре ти, се родив јас“ е молитвена посвета на татко ти. Како со ова дело се трансформираше „вашиот јазик“ во твоето раѓање?

– Проектот „Стој, После!“ започна со преработка на една стара шлагерска песна, која ја имав направено пред две-три години, за која татко ми снимаше виолини. Од почетокот, проектот за мене значеше земање нешто старо што значело нешто за мене (најчесто некоја меморија), нешто сега веќе многу оддалечено од мојата емоционална состојба, нешто што преку уметност сакам да го доближам до моменталниот Мартин. Би рекол дека низ процесот на правењето на албумот заедно со татко ми умрев, и заедно со него се родив, и сега низ мојот глас и јазик, многу очигледно, се преплетуваат некои фрагменти од неговиот. Сепак, јас сум жив, а тој не е, па затоа изгледа како посвета, но јас не би го нарекол така. Не го направив за него, ниту во негова чест. Го направив заедно со него, во чест на нашето заедништво.

Песните на албумот ти ги компонираш и ги свириш, а воедно си и автор на стиховите. Дали се вбројуваш самиот во поетите или сè што создаваш е во духот на музиката?

– Не сум воопшто начитан човек, но сакам да пишувам песни, или ете поеми. Сметам дека македонскиот јазик најчесто се користи во многу лимитиран контекст, или е поезијата љубовна или патриотска или безнадежно филозофска. Не дека таквата поезија досега направена од тие писатели великани не е убава за читање и толкување, но бесполезна репетиција никогаш не е забавна. Лично сакам да раскажувам, сакам научна фантастика, сакам фантазија, а сметам дека македонскиот јазик речиси воопшто не е искористен во тие литературни полиња. Сакам поезијата да престане да биде речиси секогаш предмет на елитизам. Не велам поетите да си го избришат вокабуларот од глава или љубовта кон филозофијата, туку да пробаат да раскажат приказна.

Албум од 1 час и 34 минути е несомнено херојски подвиг. Дали имаше поддршка и колку од делото има асистенција од други луѓе и надворешни влијанија?

– Имав премногу влијанија и поддршка. Ќе набројам некои од најважните. Добив многу поддршка од моите другари од Луфтанза: од технички аспект – Раде Биковски ми помогна безрезервно со продукцијата на албумот, од музички аспект – Иво Николовски свири сајзер на втората песна, Виктор Стојановски свири дел од тапаните на претпоследната песна, дел од мелодиската линија на синглот „Ку(к)ќи“ е компониран од Лука Јованоски и припаѓа на сѐ уште неизлезена песна од Луфтанза; и останува Андреј Димовски, кој е кум на името „Стој, После!“. Фала и до моето семејство (живо и неживо), Лила, дедо Љубо и баба Славица на кои припаѓаше куќичката на омотот и на многу други луѓе, работи и места.

Кое значење се крие зад „Стој, После!“ и зошто стои како автор зад овој албум? Дали албумот „Умре ти, се родив јас“ ќе доживее физички примероци и ако да, каде може да се најдат?

– „Стој, После!“ се роди случајно при онлајн разговор со другар ми Андреј Димовски, имаше пишано „стој после“ кога некој од нас му побара да прати нешто, и едноставно остана со мене таа фраза како потенцијално име за бенд во стил на пост-рок конвенциите за именување бенд. Можеби дека многу прокрастинирам и тоа е моето мото, можеби дека сега за некои работи нема „после!“ зад кое може да се стои. Не сум одлучил конкретно. Во врска со физички примероци – можно е да има во иднина, при што би биле достапни каде што ќе одлучам со кој и да го работам тоа.

Ти си дел и од бендот „Луфтанза“ и многу други проекти, во кој жанр го вбројуваш твоето музичко творештво?

– Не би одбрал жанр. Ја сакам и ја правам онаа музика што ме прави среќен, а таква има многу, од еден куп жанрови (од џез до краутрок до боса нова до пост-рок до народна итн.).

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Martin Djorlev (@martindjorlev)

Што е следно за тебе? Како ќе се трасира твојата музичка иднина?

– Искрено не би знаел. Никогаш не сум бил добар во планирање, но знам дека ќе продолжам со правење музика што ме прави среќен. Правам попсиходелична гараж музика периодов. Имам и речиси спремен акустичен мини-албум во фиока, а и по некој мини-албум плус од „Стој, После!“ и други проекти. Би сакал да извадам и збирка поезија во иднина (колку и да звучи отмено). Ќе продолжам да свирам и да творам, сѐ додека тоа ме прави среќен.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Martin Djorlev (@martindjorlev)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот