Интервју со Крсте С. Џидров – Џиби: Целиот работен век бев сценограф на повик

Архитектот Крсте С. Џидров во својот живот се занимавал со многу професии, но најдоследен и најприврзан бил со театарот, создавајќи повеќе од 160 сценографии за театарски претстави, за што доби и награда за животно дело.

Два актуелни поводи имаме за разговор со театарскиот и филмски сценограф Крсте С. Џидров – Џиби, а тие се добивањето на Наградата за животно дело на 55. МТФ „Војдан Чернодрински“, што од 1 до 8 октомври се одржа во Прилеп, и подготовката на сценографијата за новата претстава „Вишновата градина“ во режија на Владимир Милчин во Турскиот театар во Скопје.

Средбите со Џиби секогаш се живи и динамични, а така беше и во овој случај.

Секоја награда значи, но што значи награда за животно дело, особено добиена на единствениот Македонски театарски фестивал во Прилеп?

– Голема чест е да се добие Наградата за животно дело, која оваа година ми ја додели Собранието на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, која претставува признание за моето 40-годишно занимавање со професионална сценографија. Посебно ми е драга, бидејќи ова е награда од еснафот, од луѓето – колеги што се занимаваат со театарот и го познаваат мојот сценографски опус, кој брои приближно 160 реализирани претстави во сите професионални театри и неформални групи во Македонија, но и во странство. Инаку, во театарот сум активен од 1970 година, кога беа моите почетоци како актер во театарскиот авангарден „Театар кај Свети Никита Голтарот“, а продолжија во „Театарската работилница ФФ“ и Детскиот театарски центар (ДТЦ, Кино „Напредок“) од Скопје.

Целиот работен век бев сценограф на повик. Инаку, постојано бев вработен во АД „Алумина“, каде што имав успешна кариера на архитект-проектант. Мојата работа на сценографиите е последица на довербата на режисерот Владимир Милчин, кој ми ја даде можноста за првото ангажирање во професионален театар во 1983 година, во Албанската драма при тогашниот Театар на народностите во Скопје за претставата „Бовча“ од Едвард Бонд. Со таа претстава на Фестивалот во Прилеп ја добив првата награда за сценографија (сценографијата ја работев заедно со Симон Узуновски). Потоа следеа уште пет други први награди на овој фестивал. Затоа упатувам голема благодарност за најновата награда и големото внимание кон моето дело!

Сценографот Крсте С. Џидров заедно со актерите Емил Рубен и Борис Чоревски ја добија наградата за животно дело на 55. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Правењето сценографија за претстава е таква дејност што тргнува од скица, а со помош на многу други технички професии стигнува до финална изведба. Каков тип карактер на човекот е потребен за успешно занимавање со оваа дејност?

– Прво и основно за оној што се занимава со сценографија е љубовта кон театарот. Сценографот треба да е креативен и свој со широк дијапазон на знаење и информации од уметноста, посебно од театарот, сликарството, модата… Без разлика на формалното образование, мора да е квалитетно образован да го познава театарот, неговата историја, технологијата на правење на претставата, разните вештини во реализацијата на сценографските елементи во работилниците и да има техничко знаење. Најмногу за успешноста се важни идејата и креативноста!

Прво и основно за оној што се занимава со сценографија е љубовта кон театарот

Што е најважно да се знае пред да се пристапи кон нов театарски проект со задача да се подготви сценографија за истиот и колку од тоа знаење е архитектонско, а колку театарско?

– Гостувањето во секој театар претставува и ново искуство. Секоја работа на сценографија за нова претстава е нов почеток, запознавањето со режисерот, потребите на текстот, освојувањето на сцената, запознавањето со навиките на театарските соработници во театарот во кој се работи и сл. Просторот што го правам за секоја претстава си има своја специфичност заради барањата на текстот и концептот на режисерот. За реализација на сценографијата потребно е да се добијат доволно информации за делото и тогаш се бара надградба во смисла на читање и гледање на работи кои инспирираат за да се добие максимално добар продукт. Театарското е, секако, најважно, а архитектонското е само, на некој начин, физичко реализирање на замислата.

Сте работеле на 160 претстави во 33 театри со 44 режисери во десетина држави, а добитник сте и на многубројни награди. Што од сето тоа најсилно Ви останало во сеќавањето?

– Бројот на реализирани сценографии во разни театри и со различни режисери не ти ја дозволува комоцијата на самозадоволство и работа по шаблон. Во сеќавање ми остануваат секогаш добро и успешно завршените претстави кои ги сака публиката и кои остануваат долго на репертоарот. Посебно ќе ги издвојам двете хит-претстави на Драмскиот театар во Скопје – „Чија си“ и „Грев или шприцер“, и двете режирани од Димитар Станкоски, кои беа репризирани над 100 пати пред преполн салон. Во сеќавања ми остануваат и голем број настапи на фестивалите и разните гостувања. Посебно ми се впечатливи настапите на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, Стерииното позорје во Нови Сад, МЕСС во Сараево, Фестивалот во Дубровник, Хрватска, Биеналето во Бон, Германија, Фестивалот на Ибзен во неговиот роден град Скиен во Норвешка, фестивалот во Улан Батор, Монголија, фестивалот во Каиро, Египет и други.

Бројот на реализирани сценографии во разни театри и со различни режисери не ти ја дозволува комоцијата на самозадоволство и работа по шаблон

Ви се случило ли некогаш од театарот или од режисерот да добиете упатство сценографијата да се држи во рамките на буџетот, или, пак, да биде попрактична за претставата полесно да може да патува на други сцени?

– Да, во последно време сѐ почести се овие упатства за, условно кажано, штедење и внимавање на буџетот на претставата. Во исклучителни случаи и треба да се внимава на потрошените средства, бидејќи тоа се пари што ги одобрува Министерството за култура и многу често се помалку од побараните од предмерот и пресметката за материјалите и изведбата за сценографијата, која покрај скиците и проектот ја доставувам како дел од буџетот за претставата. Некогаш се случува за делот на средствата добиени за реализација на претставите театарот да „штеди“ создавајќи резервен фонд за да може да реализира нешто друго, на пример, опрема на некоја друга претстава која не е дел од буџетот на МК, или набавка на некои работи за кои нема средства! И покрај сѐ, секогаш се трудам со разни снаоѓања да не се намали квалитетот на она што сум го предвидел за реализација на сценографијата.

Лично мене ме фасцинираат некои детски сеќавања на претставата „Зелената гуска“, а претходно сте биле дел и од „Театарот кај Свети Никита Голтарот“. Што во тоа време значеше да се прави театар?

– Да правиш театар во тоа време беше да имаш став поинаков од другите, да бидеш бунтовен, авангарден и „ин“. Тоа беше времето на Битлсите и Ролинг Стоунсите, хипи-движењето, на студентските немири во Париз, сексуалната револуција, една друга состојба на нови идеи и појава на нови луѓе. Сонот на голем број театарџии е да имаат свој театар и да бидат ослободени од конвенционалностите што мора понекогаш да се почитуваат во професионалните театри. Продукт на ова беше формирањето на „Театарот кај Свети Никита Голтарот“ во 1970 година, кој го имаше мотото на Лопе де Вега „Театар за мене е ако имаш двајца глумци, четири штици и една страст“. Под влијание на светските театарски авангардни групи, „Бред енд Папет“, „Ла Мама“, тогаш младите и надежни режисери Владимир Милчин, Слободан Унковски, организаторот Мартин Панчевски и некои други истомисленици го напишаа „Проект за еден театар“ и работата тргна. Скопје доби авангарден култен театар кој ја ширеше својата слава низ просторите на поранешна Југославија.

Како последица на „Голтарите“ десет години подоцна во Естетичката лабораторија на ФФ дел од некогашните „голтари“ почнуваат да произведуваат нова естетика со заштитниот знак на „Театарската работилница ФФ“ претставата „Зелена гуска“, која беше радост за возрасните заради сатирата и ангажираниот хумор во неа и, исто така, радост и за младите и децата, затоа што по својата форма беше нешто што наликува на панаѓурски театар, секогаш мобилна и со можност да се игра на секаков простор, во затворено и на отворено.

Најголемиот сон го остварив со изградба/реновирање на поранешното кино „Напредок“ во Старата скопска чаршија, кога неформалниот Детски театарски центар го доби на користење. По добиените донации од невладините организации за проект кој го направив почна неговото реновирање и во тој простор од 2002 до 2020 година беа реализирани преку 40 претстави за деца и младинци, како и разни други културни манифестации. Драго ми е што бев дел од сите овие групи театри што придонесоа за ширење на заразата наречена театар.

Најновиот сценографски проект на Крсте С. Џидров е дел од претставата „Вишновата градина“ во режија на Владимир Милчин во Турскиот театар во Скопје

Сценографија за „Вишновата градина“ сте правеле и во друг театар. Многубројни се и претставите на режисерот Владимир Милчин во кои сте соработувале на сценографијата. Што е исто, а што е различно во најновата сценографија за претставата во Турскиот театар?

– Да се работи драма на Чехов е една возбудлива работа која бара посебен ангажман, бидејќи неговите драми секогаш се актуелни во времето во кое се поставуваат на сцената и се предизвик за работа. Сценографското решение во претставите на Чехов зависи и од концепцијата на режисерот, посебно која состојба се потенцира, кој аспект во драмата ќе се нагласи. Сценографијата за „Вишновата градина“, која имаше премиера во НУ Турски театар во Скопје на 1 октомври, во режија на Владимир Милчин ми е втора на овој текст. Првата ја работев во Битолскиот театар во 1988 година со режисерот од Хрватска Златко Свибен. Двете сценографии концепциски се сосема различни, бидејќи во Битола таа беше решена по принцип на детска сликовница каде се отвораат страниците како во книга со стаклени ѕидови зад кои се гледаат вишновите дрвја и мебелот беше стилски со идеја за покажување на времето во кое е напишана драмата, помалку романтичарски пристап.

За разлика од сценографијата во Битола, постапката за „вишникот“ во Турскиот театар во Скопје е сосема поразлична по своето решение. Режисерот Милчин ми предочи дека „Вишновата градина“ била проблем на режисерите, бидејќи оваа драма има двојна природа и често инсистирајќи на трагичното запаѓале во сентименталност (ова е наведено и во програмчето за претставата). И дека тој ја доживува како драма за транзицијата, за неподносливата леснотија на пропаѓањето на човештвото и цивилизацијата. Затоа сценографија е „чиста“ и едноставна, без декорирање на просторот. Дадени се само рамки на просториите во кои се игра и со преместување на кулисите се отвораат просторите на детската соба, полето, просторијата за билјард каде што се игра валцер и приказот на градината. Поместувањето во оваа сценографија е бојата на кулисите-ѕидовите, каде што доминира сината боја што го губи својот сјај!

Во театарот се нарекува сценографија, но во филмот често се употребува и продукциски дизајн. Што е разликата меѓу подготовката на театарската и филмската сценографија?

– Разликата во подготовката на театарска и филмска сценографија е неспоредлива. Театарската претстава најчесто се одвива во еден зададен простор-сцена, кутија со три ѕида и четвртиот отворен ѕид е кон публиката. Тој простор е со одредени димензии каде е инсталирана и сценска техника, чиги, ротација, рефлектори, и во тој простор се поставува соодветната сценографија која го оформува просторот во кој актерите ја играат претставата. Поддршка на сценографијата претставува и светлото, кое специјално се подготвува за претставата. Сценографијата по замислата на сценографот, според делото кое ќе се изведува, може да биде реализирана во разни ликовни или архитектонски изрази и форми каде е видливо дека се употребуваат материјали што ја играат улогата на оригиналот.

За разлика од театарската, кај филмската сценографија е реален свет, архитектонски и просторен, во која сѐ е вистинито и затоа се одбираат локации и објекти што постојат соодветно на сценариото по кое се снима филмот. Сценографот ја одредува сценографската рамка од естетски и употребен аспект воден од сценариото. Подготовката за филмската сценографија е долготрајна и предвидува проверка на сите одбрани локации, објекти и ентериери со таканаречен „скаутинг“ на лице место, каде што сценографот заедно со режисерот, кинематограферот и други членови од филмската екипа одлучуваат и дефинираат. Воедно, сценографската екипа има неколку сектори во која работат специјалисти за ентериер, екстериер, реквизита и сл. Доколку е потребно да се изгради објект или простор за снимање на поедини сцени треба сѐ да биде идеално изведено и без импровизации, а може да се користат и изведени објекти во „филмски град“ или изведениот објект да се постави и снима во студио. Од тука може да се заклучи зошто за сценографијата на филм се употребува и изразот продукциски дизајн. Разликата меѓу овие две сценографии е во оптиката на гледачот. Во театарот гледачот цело време има увид во она што е на сцената и неговиот поглед не мора да е фокусиран на дејството, додека во филмот гледачот го гледа кадарот што го наметнува камерата.

Не само што сте работеле на филмска сценографија, туку и сте се појавувале со улога во филм. Меѓу последните каде што сте глумеле е „Врба“ на Милчо Манчевски. Како се појавуваат и што за Вас значат таквите излези од професијата?

– Ах, не мислам дека тоа е излез од професијата, бидејќи цело време на работењето на театарска претстава или на филм актерите, т.е. глумците се тука негде околу мене и тие се најважниот елемент и во двата случаи. Моето појавување во некои филмови не е баш случајно, ако се знае дека еден период бев член на Детската радиодрама на Радио Скопје (1961-63 година), а во „Театарот кај Свети Никита Голтарот“ бев еден од актерите. Овие податоци говорат веројатно за некоја потајна желба за глумење, појавување на сцена или, пак, на филм.

Моето прво филмско искуство како глумец беше во филмот на Дарко Митревски „Ѓавол во срцето“ од трилогијата „Светло сиво“, каде што случајно влегов да ја одиграм улогата на „Харе Кришна“ проповедник, на местото на еден кој не се појави на снимањето. Друга улога ми беше „лошиот татко“ во филмот „Северен лет“ на Вардан Тозија, кога Вардан, на кого на ФДУ му го предавав предметот Филмска сценографија, ме замоли – „професоре, дали би сакале да настапите во мојот краток студенски филм“…

Понудата да играм епизодна улога во филмот „Врба“ на Милчо Манчевски ја доживеав како голема чест и ја прифатив без размислување. Мислам дека и ја оправдав довербата, бидејќи добив покана да бидам дел од екипата актери и во новиот филм на Милчо, „Кајмак“. Исто така, имав мала епизодна улога и во филмот „Хомо“ на Игор Иванов Изи. Овие „излети“ вон професијата се нешто што ми прави мали задоволства влегувајќи во еден свет што е поинаков од она што го работам.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 100, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-11 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот